Со балетскиот гала концерт „Големиот Чајковски“ се отвори 61-то издание на Охридско лето
Секое лето на охридскиот брег се спојуваат историјата, музиката и културата, со богатата интернационална програма на една од напрестижните домашни културни манифестации - Охридско лето. Овогодинешното 61-во издание на фестивалот се отвори со свечена изведба на балетскиот гала концерт „Големиот Чајковски“.
Отворањето на 61-то Охридско лето помина во знакот на Петар Илич Чајковски, чии композиции публиката имаше можност да ги слушне на охридската сцена. На премиерната изведба се одиграа сцени од некои од најголемите дела на најпознатиот руски композитор, како „Оревокршачка“, „Заспаната убавица“ и „Лебедово езеро“, обединети со омажот наречен „Големиот Чајковски“ во реализација на Националната опера и балет и диригентката Бисера Чадловска. Спојот на врвни уметници и нотите од безвременските музички дела уште еднаш потврдија зошто Охридско лето се смета за еден од главните афирматори на врвната уметност во земјата.
Годинава публиката во Охрид ќе ужива во богатата програма на фестивалот составена од преку 500 изведувачи од 18 земји со театарски, инструментални и вокални изведби на врвни уметници.
И оваа година, Охридско лето се одржува со поддршка на Македонски Телеком, кои се долгогодишни пријатели на оваа културна манифестација која ја промовира домашната и светската уметност.
Повеќе информации за програмата и распоредот на настаните можете да дознаете на веб-страната на фестивалот „Охридско лето“, додека информации за билетите се достапни на следниот ЛИНК.