Со сликовниците „Коњчето од рингишпилот“ и „Во полската куќичка“ се реафирмираат класичните дела со нова визуелна нарација
Новата едиција „Љубов на прв збор“, со која издавачката куќа „Арс Ламина“ реафирмира постари, класични дела на познати македонски писатели за деца, објавувајќи ги во нов илустративен формат, се збогати со уште две сликовници. Станува збор за книгите „Коњчето од рингишпилот“ од Јован Стрезовски со илустрации на Орце Нинески и „Во полската куќичка“ од Ванчо Николески со илустрации на Љупка Стојкова.
Сликовниците беа промовирани вчеравечер (7 февруари), во книжарницата „Литература.мк“ на улица „Македонија“, во рамките на настанот „Денови на литературата“. Кон книгите, кои се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, се осврнаа уредничката Оливера Ќорвезироска и Орце Нинески, а „Во полската куќичка“ ја претставија уредничката Бисера Бендевска и графичката дизајнерка Ангела Чучкова.
Едицијата „Љубов на прв збор“ пред јавноста првично беше претставена минатиот месец, со промоција на „Танцот на шарените шамичиња“ на Александар Прокопиев. Со оваа нова едиција, во живот се враќаат старите и подзаборавени текстови за деца од домашните писатели од најразлични провениенции, се реобјавуваат одредени наслови во нов илустративен и ликовно-графички формат или се извлекуваат текстови од поголеми целини што можат да функционираат и самостојно. На објавувањето му претходеше пребарување по книжевната периодика за деца во минатото и наоѓање на квалитетен книжевен материјал што можеби сè досега воопшто и се нема најдено во книга.
За илустрациите на Орце Нинески, уредничката рече дека „тие ѝ даваат впечатлив визуелен лик на оваа ноќна авантура кога коњчето бега од рингишпилот, се прошетува низ градот и наутро се враќа на рингишпилот да ги чека децата. ’Тајниот‘ соновен живот на омилените детски нешта, меѓу кои е и дрвеното коњче, придонесува за емоционалниот развој на малите големи читатели“.
Орце Нинески има 12 години работно искуство како историчар на уметност, а нашол нов животен предизвик – како самостоен уметник, сликар и графички дизајнер. За него, уметноста е исклучително предизвикувачка, привлечна и забавна. Со сликарство се занимава повеќе години, главно сликајќи апстракција, надреализам, обоени полиња итн. Кога го видел конкурсот на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ за визуализација на победничките четири бајки од проектот „Нови бајки од Македонија“, решил да си ја испроба среќата и како илустратор на книги за деца. За него, најинспиративна била бајката „Сончевото момче Ил“ од авторката Катерина Данаилова, за која направил илустрации и ги пријавил на изборот. Жирито на конкурсот го избра токму неговото креативно решение како најдобро за оваа книга. „Коњчето од рингишпилот“ е негова втора сликовница, а наскоро ќе биде публикувана и третата, која е дел од новото дополнување на едицијата „Нови бајки од Македонија“.– Како историчар на уметноста истовремено бев (и сум) голем вљубеник и во уметноста, сликарството, скулптурата и илустрацијата. Конкурсот за „Нови бајки од Македонија“ беше моја шанса да си ја пробам среќата и да се докажам како илустратор на книги. Кога дознав дека моја илустрација е една од победничките, ме направи најсреќниот илустратор на светот. Тоа за мене беше неверојатна шанса и неверојатна среќа. Потоа, сфатив дека илустрацијата може да биде дел од сликарството и дека сликарството не мора да биде ограничено на платно. Знам голем број сликари кои се занимаваат со илустрирање книги. Кога го добив текстот на Јован Стрезовски за „Коњчето од рингишпилот“ се израдував што повторно ќе имам можност да работам сликовница за деца. Веднаш се инспирирав од текстот, бидејќи на некој начин ме потсети на мојата омилена приказна за дрвеното момче Пинокио. За мене беше преубав предизвик да ја илустрирам книгата. Немав големи тешкотии во визуелното оживување на приказната, бидејќи, пред сè, имав помалку текст и повеќе простор за ликовно дораскажување. Минимализмот во текстот за мене, како илустратор, ми беше полесно да се изразам. Како илустратор-почетник сметам дека со секоја нова сликовница одам понапред, стилски и технички. Се надевам дека ќе продолжам со оваа работа и дека ќе се надградам како илустратор – рече Нинески.
„Во полската куќичка“ од Ванчо Николески е поема напишана врз мотив од народна бајка и е објавена во 1962 година. Шеесет години подоцна, оваа поема добива ликовна креација со современ израз. Главната тема во оваа бајка има универзална и трајна вредност и е податлива за сите деца на сите точки на Земјината топка. Во основата, оваа бајка зборува за моќта на другарството и сплотеноста. Зборува и за љубезноста и пожртвуваноста, општоважечки етички пораки што децата треба да ги усвојат од најмала возраст.
Ванчо Николески (1912 – 1980) е претставник на првата повоена генерација на македонски писатели за деца и млади. Автор е на првата стихозбирка за деца на македонски јазик, „Македонче“ (1946) и на првиот роман за деца и млади на македонски јазик, „Волшебното самарче“ (1959). За својот богат и значаен опус ги добива наградите „Климент Охридски“, „Младо поколение“, „11 Октомври“.
– Николески не случајно го нарекуваат „татко и прво перо на детската литература“. Неговите дела се засноваат на мотиви од фолклорот, од народната ризница, а тоа се должи на изложеноста на народните приказни уште како мало момче, кога од неговата баба Софија, од мајка му и од селаните слушал лирски песни, сказни и други приказни. Во поемата „Во полската куќичка“ може да се забележи еволуцијата на поетскиот израз на Николески. Од една страна е формалниот напредок на ниво на стихотворење (користи катрени, терцини, дистих итн.), но и од содржински аспект – во оваа поема тој го проширува хуманистичкиот поттекст. Всушност, „Во полската куќичка“ е басна-бајка, во која човечките карактеристики се персонифицирани во животински ликови и која ја изнесува пораката за моќта на здружувањето, на дружељубивоста, особено кога заедницата е загрозена. Главната тема во оваа бајка има универзална и трајна вредност и е податлива за сите деца на сите точки на Земјината топка. Освен за моќта на другарството и сплотеноста, оваа бајка зборува и за љубезноста и пожртвуваноста, општоважечки етички пораки што децата треба да ги усвојат од најмала возраст – изјави уредничката Бисера Бендевска.Во комплетирање на овие дела, спојувањето на текстовите стари повеќе децении и новите илустрации голем удел има графичко-ликовното обликување. За процесот на спојување на текстот и сликата зборуваше графичката дизајнерка Ангела Чучкова.
– Секој илустратор имаше слобода сам да го интерпретира текстот визуелно, да го прикаже како што го разбрал. Илустрациите го дополнуваат текстот. Со одредени детали во илустрацијата можат да се доловат елементи од приказната што не се детално објаснети во текстот, а се значајни за сликовницата во целина. Визуелното раскажување на приказната е многу важно, особено за младите или идните читатели, бидејќи децата преку сликата подобро ја разбираат приказната. За успешно спојување на двете нарации (текстуална и ликовна) важни се повеќе елементи од графичкото уредување, како што е, на пример, типографијата. Таа е мост меѓу илустрацијата и текстот, бидејќи преку добро избрана типографија можат да се доловат емоциите. „Во полската куќичка“, на пример, има директен говор, кој е доловен со големи и разиграни букви. Така, децата ќе можат да ги разликуваат – рече Чучкова.
Сликовниците „Коњчето од рингишпилот“ и „Во полската куќичка“ се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
Каталогот од акцијата „Денови на литературата“ можете да го разгледате на следниот линк:http://arslamina.com/denovi_na_literatura_2023/#p=1
* ПР - објава