Со сума од 243.902 евра, Плоштадот Македонија и град Скопје ќе блескаат за Новогодишните празници
Новогодишното украсување во општините и на плоштадите е традиција која придонесува за магијата на празниците, но ова прашање е дискутабилно годинава поради огромните суми кои се трошат за украсување на плоштадите и улиците, а според дел од граѓаните тоа се пари кои би можеле да се пренаменат за покорисни цели во борбата против вирусот.
Годинава, градот потроши два ипол милиони денари помалку (околу 42.000 евра помалку) во споредба со минатата година. Односно за дочекот на 2021 година, град Скопје издвои сума од 243.902 евра, односно 14.999.999 денари.
Некои од градоначалниците на општините најавија дека се откажуваат од украсувањето во време на корона-кризата, а парите ќе ги искористат за други општокорисни цели.
Сепак скопскиот градоначалник Петре Шилегов, одамна потврди дека Град Скопје нема намера да се откаже од новогодишното украсување.
А токму вчера во 19 часот, традиционално светна новогодишната елка што е поставена на плоштадот „Македонија“.
Планот беше пред два дена, на 5 декември, плоштадот „Македонија“ и улиците во центарот на градот да светнат со новогодишни украси и светилки.
Шилегов, досега во неколку наврати во медиумите изјави дека празничната атмосфера не треба да биде жртва на пандемијата.
Во телефонски разговор од страна на екипата на Женски магазин, од кабинетот на градоначалникот потврдија дека според Шилегов, на децата и онака годинава одземена им е целата радост, па не треба и ова да им се одземе.