Соња Китановска-Кимовска: Книгата „Разбуди го родителот во себе“ е наменета за секој што сака да биде подобар родител
Како родителството да стане уживање? Како да се биде подобар родител? Како да се оствари подобра комуникација со децата? Како родителите да се справат со сите предизвици што ги носи воспитувањето на децата?… Ова се само дел од прашањата на кои одговара проф. Соња Китановска-Кимовска во својата книга за самопомош „Разбуди го родителот во себе“. Делото, кое е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше претставено со онлајн-разговор, вчеравечер (4 ноември). На промоцијата, која ја водеше Татјана Димовска-Атанасова, уредничка во „Арс Ламина“, покрај авторката Китановска-Кимовска, за книгата зборуваа и проф. д-р Олга Мурџева-Шкариќ и проф. д-р Сашо Кочанковски.
Китановска-Кимовска е преведувач, универзитетски професор, активист и едукатор за родители, и воедно е мајка на три малолетни деца. Вели дека идејата за „Разбуди го родителот во себе“ настанала откако се соочила со проблеми и дилеми за кои не била лично подготвена и почнала да бара помош во книгите за самопомош на родители.
– Интересот за оваа тема произлезе од моето лично искуство и потреба за решенија. Кога се роди моето второ дете настанаа многу промени во нашата семејна динамика, за кои не бев подготвена. Увидов големи промени во однесувањето на првото дете, што сега, од денешна перспектива ми е сосема разбирливо и нормално. Но, во тој момент бев целосно неподготвена и се соочив со навистина големи предизвици. Така, спонтано тргнав во потрага по одговори за прашањата што ги имав како родител. Решенијата за предизвиците со кои се соочував ги барав во книгите за самопомош на родители. Како што читав, почнаа да ми се отвораат нови видици и постепено почнав да ги применувам во практиката некои од сознанијата до кои доаѓав и, како резултат на тоа, комуникацијата со детето, атмосферата во домот, се менуваше на подобро. Дојде момент кога имав прочитано толку многу и бев уверена дека ги имам алатките што ми недостигаа, па решив да си го систематизирам тоа знаење. Сакав да го имам на едно место, пред сѐ, за себеси да си ги разјаснам работите, но и за да ми бидат подостапни, при рака, кога ќе ми требаат. Иако на почетокот целта не беше да напишам книга, туку беше да најдам решение за моите тогашни проблеми и дилеми, сепак моите истражувања резултираа со „Разбуди го родителот во себе“. Така настана оваа книга како секојдневен прирачник за мене, но и за сите други родители кои се отворени кон новини и кои сакаат нешто да променат кај себе за сопствено добро и за доброто на своите деца – вели авторката.
Книгата обработува теми и прашања од областа на детската психологија, родителството и воспитувањето на деца. Тие се нераздвоен дел од секојдневниот живот во семејството и навлегуваат во суштината на односот меѓу родителите и децата. Научните сознанија и докажаните практики извлечени од референтна научна и стручна литература во книгата се претставени преку личното родителско искуство на авторката. Ова е прва книга од ваков вид напишана на македонски јазик и од македонска авторка. Книгата е поделена на два дела. Во првиот дел се обработени емоциите, а вториот дел е посветен на воспитувањето на децата.
Д-р Олга Мурџева-Шкариќ, доктор на психолошки науки, една од рецензентите на книгата истакнува дека книгата е корисно четиво за секој родител.
– Книгата изобилува со применливи техники и активности што им овозможуваат на родителите непосредна позитивна интеракција и комуникација со децата и нивно мотивирање за позитивни промени... Книгата плени со искреност, едноставност, непосредност, но и научна издржаност и мудрост. Почнува како автобиографски роман, со што авторката ве вовлекува во својот интимен, домашен свет за да ги сподели сопствените размислувања, дилеми, подеми и падови, лекции научени на сопствената кожа. Книгата изобилува со практични знаења и вештини што не само што се научно засновани туку и произлегуваат од личното искуство на авторката. Како совети од прва рака, добиваат непроценливо значење за проактивниот читател. Импресионира со способноста да му се доближи на читателот непосредно, на јазикот разбирлив за него – вели д-р Мурџева-Шкариќ.
Целта на книгата е да им послужи на родителите како дневен прирачник, што ќе ги поттикне да си ја преиспитаат сопствената родителска улога и да им помогне во комуникацијата со детето. Конципирана е во форма на прашања и договори, за да може читателот полесно да се снајде и брзо да го најде тоа што му е потребно.
Проф. д-р Сашо Кочанковски, доктор на психолошки науки и гешталт-терапевт, вели дека „кога првпат ја прочитал книгата истовремено почувствувал радост и благодарност. Радост затоа што во книгата се опфатени теми на кои работи во својата долгогодишна работа како психолог, и благодарност што на македонските родители им се овозможува прирачник кој ќе биде од голема корист“.
– Често на моите клиенти им велам дека треба да ја развиваат и да ја користат мудроста на родителството. Токму тоа, Соња го нуди во својата книга, ги споделува нејзините и научните мудрости на родителството и мајчинството... Книгата е пишувана со искрен, едноставен, разбирлив народски јазик. За родителството се потребни многу знаења, но и многу вештини и ставови кои се стекнуваат преку искуствено учење. Исто така, многу е значајно нагласувањето на ненасилното однесување во воспитувањето на децата, почитувајќи ги нив како личности и во согласност со најдобриот интерес на децата. Авторката исто така го нагласува и фактот дека паралелно со растењето на децата растат и родителите. Зборува за уживањето на родителството иако е потребен голем напор да се излезе во пресрет на сите барања и обврски, лични, на децата, семејни... Со особено задоволство ја препорачувам книгата, не само на сегашните родители, на идните мајки и татковци, туку и на студентите по психологија, како и на дипломираните психолози што работат со деца и млади – вели тој.
Китановска-Кимовска додава дека книгата е наменета за сите што се грижат за деца, имаат или планираат да имаат секојдневен контакт со деца без оглед на возраста на детето и улогата на возрасниот (родители, старатели, баби и дедовци, воспитувачи, негуватели, наставници, студенти на педагогија и психологија).
– Книгата е наменета за секој што сака да напредува во родителската улога и да стане најдобрата верзија од себе во улогата на родител. Книгата отвора неограничени можности за развој на односот со децата, ја буди креативноста и нѐ тера повторно да станеме дете. Да се разбуди родителот значи да се разбуди детето во нас – да ја согледаме неговата перспектива и да постапуваме во согласност со неа, да најдеме баланс меѓу потребите на детето и целите на родителот. Книгата порачува да се разбудиме пред сѐ ние, какви сме како родители и какви се нашите постапки - вели таа на крај.
Соња Китановска-Кимовска речиси десет години работела како преведувач и толкувач за шведски развојни проекти, а од 2003 година работи како слободен преведувач и толкувач. Има завршено магистерски студии по англиски јазик и применета лингвистика на Универзитетот „Кембриџ“, Обединето Кралство, во 2004 г., а докторирала во областа на преводот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, во 2013 година. Од 2010 година предава на Катедрата за преведување и толкување при УКИМ по предметите англиски јазик и преведување од англиски на македонски јазик. Има објавено повеќе научни и стручни трудови од областа на преведувањето, една книга од областа на англиската лингвистика и една монографија од областа на преведувањето. Во последните пет години активно и интензивно се занимава со проучување на детската психологија и родителството и има завршено неколку курсеви од овие области. Основач е на здружението за едукација и развој „Родители од акција“ во Скопје.
Книгата веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.
Целата промоција на книгата можете да ја погледнете на следниот линк:
https://www.facebook.com/arslaminapublikacii/videos/1531581397194255
ПР објава