Специјално новогодишно со Тарик Филиповиќ: Душите да ни се спојат, да живееме во хармонија и среќа
Актер, водител, „милионер“, сопруг, татко, син, хедонист, космополит голем професионалец и од срце ја сака Македонија. Кога Машки магазин го покани за интервју, без размислување веднаш прифати!
Тарик Филиповиќ ѝ е добро познат на македонската публика. Често знае да допатува од Хрватска овде, а неговиот познат шарм не остава никого рамнодушен.
Инаку тој паралелно ја развива својата кариера во театарот, телевизијата и филмот - покрај филмските улоги и водителската кариера, повеќе од 25 години е член на ансамблот на најпосетуваниот хрватски театар - загрепски Керемпух.
Во својата дваесет и петгодишна кариера глумеше во повеќе филмови, серии и театарски претстави, а за својата телевизиска, филмска и театарска работа доби голем број национални и меѓународни награди. Во Југоисточна Европа јавноста најмногу го препознава по неговиот водителски ангажман во квизот „Кој сака да биде милионер“, кој до денес остана најуспешен проект на хрватската телевизија, но и по неговите улоги.
Приватно Филиповиќ е оженет и има два сина, а живее сосема нормален и приземен живот.
- Македонија и јас се сакаме јавно! Никогаш не криев дека Македонците и земјата ми се при срце. Тешко е тоа да се дефинира и објасни но... луѓето, мелосот, храната, атмосферата, топлината, човечноста, срдечноста, сето тоа „легна“ на мојата душа и некако Македонија ја чувствувам како своја. Срцето ми е полно затоа што видов дека и Македонците поприлично ме сакаат мене па љубовта ни е еднонасочна. Се надевам дека наскоро ќе дојдам, имав турнеја со својата монодрама, а сега излезе нова наречена „Секс и глад“ па се надевам дека мојата пријателка Вики Дамевска ќе организира повторно па и оваа претстава да се види во поголемите македонски градови. Сакам и да ги видам моите добри другари од таму, од Скопје, Битола, Охрид- ни рече Тарик.
Не е нешто многу „потресен“ околу Нова година, но сепак има одредени моменти кои ги памети.
„За мене Нова година како дете беше нешто најмагично на светот, сите тие обичаи, китење на елката, подароците... едноставно кога си мал сѐ изгледа шарено и убаво. Се трудам и сега да ја одржам таа магија, но искрено новогодишните прослави ми станаа најмалку интересни. Преку ден ми е поинтересно, да прошетам низ град, а обично другиот ден е секогаш поубаво отколку самата прослава. Додека моите деца беа мали се обидувавме ним да им ја пренесеме магијата, сега се големи, но сепак украсуваме дома, си подаруваме...“
Ни кажа и дека Новата година ќе ја прослави со сопругата, а синовите секој со своето друштво. Ќе прослави и 15 години од бракот.
„ Прославата на јубилејот од бракот ќе биде спонтана. Инаку, како се менуваат обичаите и како верските празници на некој начин заземаа примат па и целата комерцализација, можам да кажам дека јас си го сакам Дедо мраз, не го давам никогаш и верувам во него“.
А, по што ќе ја памети 2022 година или поконкретно- што му носат годините?
- Секоја година можеме да ја осудиме и да ја дигнеме до ѕвезди. Секоја година е тешка и прекрасна, се губат драгите личности, ковидот си го зема својот данок, се раѓаат нови дечиња... Треба да се радуваме на секој ден, на секој месец во годината и своите години да си ги носиме со гордост. Едноставно драги мои луѓе, уживајте во животот, сакајте се, сакајте ги своите години, уживајте во секоја наредна година и како што кажува еден мој колега во една претстава „Сѐ е до нас, самите себе си да си создаваме некоја хармонија, некој убав свет во кој би требало да живееме“- додава Филиповиќ.
Еве што си посакува и што ни посакува:
„ Искрено си посакувам и себе и на најблиските и на сите луѓе на светот здравје, насмевка на лицето. Никој да не е несреќен, никој да не е гладен, да престанат овие проклети војни. Душите да ни се спојат, да живееме во хармонија и среќа. Но, кога човек е здрав и одвнатре среќен, сѐ останато е помалку битно!“
Небојша Толески
Фото: Инстаграм и официјален веб сајт на Тарик Филиповиќ