Среќна сум што НЛБ Банка го препозна потенцијалот на нашиот проект во момент кога тоа ни е можеби најпотребно: Ксенија Николова за „Better Women Better World“

НЛБ Банка како дел од регионална Групација која оперира на 6 различни пазари во рамки на регионот на Југоисточна Европа (Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија), веќе четврта година по ред го реализира проектот „Рамка за помош“, станува збор за иницијатива која има за цел да ги помогне и промовира иновативините проекти кои го подобруваат и збогатуваат нашето општество и решаваат предизвици како што се на пример: прекумерна употреба на дигитални технологии кај младите луѓе, врсничко насилство, кршење на човековите права, родова еднаквост, сиромаштија, како и предизвици поврзани со деменција и други болести на стареењето на населението.

Ова е проект за поздрав, посебно што веќе четврта година НЛБ успева да  одржи континуитет во рамки на еден цел регион. Нивната порака е дека единствено заедно можеме да се справиме со клучните предизвици со кои се соочуваме во општеството, односно дека секој треба да соработува и активно да придонесе за решенија. 

Затоа, со Рамката за помош, оваа година се даде одлична можност на оние кои работат за доброто на луѓето. Односно се избраа 10 финалисти од нашата земја, но и на секој поединечен пазар каде што работи НЛБ Групацијата, а секој од нив ќе биде награден со финансиска и комуникациска поддршка.

Потоа, регионалната комисија ќе избере 3 победници на проектот, од 60- те финалисти од Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.  Добитниците ќе бидат објавени на 9-ти мај 2024-та година во Љубљана, а ќе добијат значајна финансиска поддршка која ќе им овозможи полесно да ја реализираат својата визија и да почнат да ги менуваат општеството и светот на подобро.

Еден од финалистите е и BW2CLUB, мрежен центар кој активно придонесува за благосостојбата и растот на жените и девојките, ги развива општествените иницијативи, ја стимулира креативноста и ги подобрува чувствата на сопствена вредност кај корисниците. Покрај тоа, со специјализирани алатки прилагодени за жените претприемачки, особено во раните фази, планира да нуди видливост, валидација и можност за вмрежување.

Токму за деталите разговараме со основачот на овој центар, Ксенија Николова.

1. „Подобри жени, подобар свет“ или „Better Women Better World“ е првата интерактивна дигитална платформа која целосно и на различни начини ги поврзува жените и девојките од разни националности, култури и возрасти, а со тоа и го подобрува нивниот живот во повеќе сфери и полиња. 

На прва, овој опис на Вашата платформа или апликација ветува навистина многу и претставува ветер во грб за зајкнување на жените како во приватниот така и професионалниот развој. И самите Вие како млада жена и претприемач претпоставувам веќе сте ги почувствувале предизвиците со кои се соочува жената во бизнис светот, па оттука верувам и инспирацијата за реализација на овој проект. 

Но, да не должиме раскажете ни ги деталите за почетоците и идејата за развој на оваа Ваша иницијатива ... 

- „Better Women Better World“ е приказна која ја започнавме пред околу две години, првично ја лансиравме како дигитална платформа за жените и девојките од Македонија, но за брзо време видовме огромен потенцијал и решивме да изградиме мобилна апликација која ќе се претвори во интернационална мрежа за поврзување на жените и девојките од разни националности, култури и возрасти. Пред околу месец дена, ја лансиравме нашата бесплатна апликација BW2CLUB и сме многу среќни што за кратко време, веќе имаме база од нас 250 жени и девојки од нас 20 земји. Тоа навистина ни докажува дека ваква мрежа е потребна. Жените и девојките се соочуваат со разни предизвици во животот, во приватниот и во професионалниот свет, но според сите статистики, докажано е дека кога тие имаат свој систем на поддршка, успеваат да се справат со тие предизвици и полесно да ги надминат. Затоа, се надевам дека нашето катче ќе се претвори во една таков систем за корисничките. Досега, сведочиме како со мали промени правиме големи разлики, нормализираме важни разговори за менталното здравје, за благосостојбата, за професионалниот напредок, за табу теми, за теми за кои жените и понатаму се плашат да зборуваат. Сакам да ги зајакнеме жените правејќи мали и значајни чекори, стимулирајќи ја меѓусебната поддршката, нивната креативност, нивната самодоверба и желба да работат на себе. Силно верувам дека средината најмногу влијае на нашиот раст и развој и затоа знам дека со цврстите темели и вредности што ги поставивме во BW2CLUB, ќе изградиме една стимулирачка и сигурна средина во која секоја жена и девојка ќе може да биде своја. 

2. Апликацијата BW2CLUB на пазарот е достапна повеќе од една месец, сосема доволен период за да го почувствувате пулсот и потребите на жените. Со каков фидбек се соочивте за време на овој период, до какви сознанија дојдовте во однос на потребите кои ги имаат жените и нивниот личен и професионален развој? Споделете ни ги првичните резултати од ова ваше патешествие...

- Интересно е да се создаде нешто ново и да се следи пулсот на публиката. Имаме уште многу ѕидови за пробивање и бариери за рушење, но сепак, можам да кажам дека особено ме радува што жените и девојките ја препознаваат потребата од ваквата апликација. Интересно е да се види дека девојките и жените од помалите градови се уште посвесни за потребата од вмрежување со други жени, нивните амбициознот и желба за напредок е огромна, а тоа ме прави навистина среќна и уште повеќе мотивирана да работам и заедно да создадеме промени. Нашиот фокус е создавање на заедница која ќе ги следи потребите на жените и девојките и затоа сега кога сме во фаза на растење, особено е важно да работиме со сите сетила, со голема љубопитност и со запознавање на сржта нашите кориснички. Само така ќе можеме да одговориме на нивните потреби и само така ќе можеме да се зближиме и BW2CLUB да почне навистина да им значи. 

3. Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат жените/девојките во нашето општество? Дали може да се најде заеднички именител на предизвиците со кои се соочува женскиот свет на глобално ниво, или секоја земја има своја локална приказна?

- Еднаш една инспиративна жена од Турција која изгради свој огромен бизнис и е моментално една од најуспешните претприемачки во Истанбул ми кажа дека жените во одредени земји имаат малку повеќе среќа, но тоа не значи дека ние кои доаѓааме од земји кои допрва ќе го доживеат својот висок раст и развој, треба да се откажеме или да се чувствуваме помалку вредни, напротив, ние сме тие кои ги буткаат бариерите и помагаат за тоа што побргу да се случи. Јас верувам во оваа теорија и знам дека еден ден целиот мој труд ќе добие смисла, за мене, но и за идните генерации. Можам да кажам дека предизвиците на жените и девојките варираат во зависност од тоа каде живеат, на која возраст се и во која сфера се развиваат, но сепак, можеме да изградиме едно заедничко множество од најчести предизвици со кои сите ние се соочуваме, а тоа се: бариери за професинален напредок, помали примања во споредба со мажите кои се на иста позиција, потешкотии за балансирање на приватниот и професионалниот живот, синдром на натрапникот или чувство дека нашиот успех е сплет на околности наместо наша заслуга, мобинг на работно место, ниска самодоверба и потешкотии за започнување на свој бизнис и многу други.  За ова веќе зборуваме во BW2CLUB и ќе продолжиме да го правиме тоа со полна пареа, силно верувам дека разговарајќи, создаваме напредок што потоа се претвора и во дела. 

4. Вашиот проект беше препознаен и дополнително помогнат од НЛБ Банка и нивниот проект „НЛБ рамка за помош“. Се чини дека добрите пракси и иницијативи сепак резонираат и оставаат свој печат... кои се очекувањата од оваа соработка?

- Многу сум среќна што НЛБ Банка го препозна потенцијалот на нашиот проект во момент кога тоа ни е можеби најпотребно. Сега сме во фаза на градење на нашата заедница, затоа видливоста и поддршката ни се особено важни. Со ова препознавање, очекувам уште повеќе жени и девојки да дознаат за нас и дека заедно да изградиме уште поголема заедница. Колку е поголема нашата мрежа, толку е поголемо и нашето влијание и толку се поголеми и нашите можности за да промениме и подобриме нешто. Затоа, ваквата поддршката ни е од клучно значење и навистина сум благодарна за оваа можност. Во иднина, би сакала да можеме и заеднички да изградиме некои иницијативи за зајакнување на жените и девојките преку нашата апликација, особено поради тоа што НЛБ Банка е компанија во која работат голем број на жени, па затоа верувам дека нивното зајакнување е од круцијално значење за нивниот професионален напредок. 

5. Какви се Вашите идни планови, во која насока би сакале да развива апликацијатс или можеби ќе се охрабрите за отпочнување на некој нов проект?

- Ние сме на почеток, а веќе имаме големи планови. Како растеме, така полека ќе ги лансираме и нашите други алатки на BW2CLUB што ќе бидат насочени и кон жените претприемачки, особено кон оние што се на почеток, имаат идеја или само желба, а не знаат од каде да почнат. Сметам дека токму ним им се најпотребни поддршка, мотивација, насока и валидација. Имаме многу идеи, сакаме да почнеме и што почесто да организираме настани во живо, но и да работиме со компании каде ќе се фокусираме на зајакнување на жените кои работат таму, со цел да ги охрабриме да се стремат кон професионален напредок, но и да пронајдат суштина, можности и нови цели во својот кариерен раст. Истовремено, веќе се вмрежуваме со организациии од други земји и сакаме и заеднички да организираме некои онлајн настани, или пак да креираме иницијативи што се од значење за нас и за нив. 

6. И за крај кој е Вашиот став во однос на позицијата на жената во општеството и колку тоа е подготвено да ги надмине предрасудите во однос на потенцијалите која таа ги има? 

- Жената секојдневно се менува и работи на себе, а тоа клуч за напредок. Живееме во тешко време, но секојдневно сведочиме жени хероини кои со своите упорност, креативност и одлучност успеваат да срушат бариери, да си ги исполнат своите соништата и да ги надминат своите предизвици. Најважно е дека не смееме да заборавиме на нашата индивидуалност и на нашите потреби, зашто колку и да се вртиме околу другите, основата започнува со нас и со нас и завршува. Жената мора да има свој извор на енергија, нешто свое што нејзе ќе ѝ значи. Тоа не смее да биде запоставено, зашто честопати се губиме во улогите што општеството ни ги наметнува, а забораваме дека нашата основа е нашата лична среќа и исполнетост, зашто кога задоволни сами со себе, подобри сме и за другите луѓе во нашите животи.  Со други зборови, секоја промена почнува од нас, прво се менуваме ние, а потоа општеството како резулат на тоа. 

 Линк до веб платформа https://bw2club.com/

Линк до апликација iOS BW2CLUB Support Network on the App Store (apple.com)

Линк до апликација Android https://play.google.com/store/apps/details?id=com.bw2club.twa&pcampaignid=web_share


*Д.К.И.