Српски крилен центар со големо искуство е дел од МЗТ, Страхиња Миќовиќ нов играч на тимот од Аеродром
Српскиот кошаркар Страхиња Миќовиќ (30 год, 205 см) е второто странско засилување за МЗТ Скопје Аеродром во летниот преоден рок, со што продолжуваме да го формираме тимот за битката за домашните пехари и за достојно презентирање на македонската кошарка во АБА-лигата.
Станува збор за крилен центар со големо искуство во регионалното натпреварување настапувајќи за екипите на Игокеа и за Морнар, од каде што доаѓа во Аеродром. За тимот од Бар минатата сезона одигра 38 средби во сите натпреварувања од кои на 21 беше во стартната петорка, а во кои борбеноста и агресивноста во одбраната беа најзначајните карактеристики во неговата игра. Претходно, две години играше во Германија и тоа за екипите на Мителдојчер со просек од 13 поени и 4,6 скока како и за Телеком Бон, со просечна реализација на 13,7 поени со 3,8 скока.
Миќовиќ му се приклучува на Американецот Мајк Кафи, кој неодамна потпиша за нашиот тим, како и на неговиот сонародник Бре Ајви, кој има договор од минатата сезона, како тројца интернационалци кои досега се обврзаа да дадат сѐ од себе во сино-белиот дрес. Соработката неодамна ја продолжи и капитенот Дамјан Стојановски, а од минатата сезона под договор се Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Дамјан Робев, како и тројцата младинци – Димитар Иванов, Марко Спасовски и Бојан Величковски.