Стефан и Мартин, „Некст Тајм“ : Нема да правиме заедничка свадба

Од почеток на пандемијата до денес, работеле напорно на нови песни со музичарот Никола Мицевски. Стефан и Мартин, близнаците од „Некст тајм“ најавуваат нов албум, кој според нив ќе има потенцијал да остане низ генерациите што доаѓаат.

Неодамна ја промовираа „Кога падна на Пирина“ со видео издание. И овојпат останаа верни на високите вредности како од музички, така и од видео аспект.

Карактерно, велат дека се многу различни. Се случува да се налутат еден на друг, но тоа не трае долго, бидејќи од голема лутина нема добри резултати.

* Во овој неповолен економски период за музиката, честа е категоризацијата на некој нов музички производ да делува „ефтино“. Видливо е дека во спотот за новата тема „Кога падна на Пирина“ сте вложиле многу средства, повторно да понудите филмска видео приказна. Кој беше мотивот?

- Вистина е дека последниве две-три години беа тешки за сите, не само за музичарите. Но, ние имавме среќа да бидеме помогнати финансиски за овој проект од ПСС, и со нивната помош да успееме да ги реализираме сите наши идеи, за што подобро визуелно претставување на оваа песна. Не е лесно, искрено тешко се наоѓаат финансиски средства, но повторно ќе речеме, тие како компанија застанаа финансиски позади ова наше дело за да се реализира, и да продолжиме да ја негуваме традицијата и културата на најдобар можен начин, како што доликува. Мотивот е секогаш Македонија. Ширење на културата на Македонија на генерациите што доаѓаат.

* Со новата тема и претходните две „Ја излези Ѓурѓо“ и „Слушам, кај шумат шумите“, покажавте дека создавате музика во правец каде што ве води срцето и умот. Кој ви ја пренесе љубовта кон патриотските песни? Дали во семејството се зборуваше за историјата на нашата земја, за јунаците?

- Покрај тие песни тука се и „Нешто ќе те питам Бабо“ и „Јовка Кумановка“. Љубовта кон овие песни сигурно доаѓа кај сите нас од мали нозе, тоа е нашата култура и традиција. Ние имавме можност да растеме во музикално семејство, почнувајќи од нашата мајка, татко, вујко, дедо, баба. Од мали знаевме за дел од овие песни. Спонтано дојде и моментот на овие години да ги пееме ние тие песни, во некое ново издание, за кое сметаме дека ќе допре повеќе кај младите, а ќе ужива и повозрасната публика, којашто е повеќе запознаена со нив. Нашиот дедо од село Жван - Демир Хисарско, знаеше често да зборува за историски настани, за она што тој и неговиот татко го доживеале во тоа минато, комитско, партизанско време.

* Квалитетот опстанува и останува, а тоа е забележливо на повеќе настани, на кои наместо изворната верзија на песната, се слуша вашата. Дали со овој успех ја исполнивте замислената цел и затоа ставивте точка, односно најавивте дека повеќе нема да снимате вакви проекти?

- Ви благодариме за убавите зборови, но ние имаме уште песни за промовирање. Целиот овој период од почеток на пандемијата ние работевме напорно на нови песни заедно со Никола Мицевски, и има уште четири коишто треба да ги слушнете, а се веќе готови. Спремете се за албум којшто сметаме дека има потенцијал да остане низ генерациите што доаѓаат.

Се трудиме да ги балансираме разликите

* Промената на имиџот е во контекст на јунаците за кои пеете или личен избор, потреба за поинаков изглед?

- Искрено, промената дојде поради потребите за улогите во спотовите. Но, потоа сфативме дека ни е удобно во она што сме денес и воопшто како изгледаме, кога станува збор за имиџот.

* Дали како близнаци, во периодот на детството и тинејџерството, имавте ист стил и моравте или сакавте да бидете исти во изгледот?

- Се трудевме да не биде тоа така, иако нашата мајка сакаше да бидеме исто облечени. Не сакавме да бидеме класични близнаци, па оттаму доаѓа и фактот дека денес сме два различни карактери со два различни вкусови.

* Кој е водачот во приватниот живот, а кој во професионалниот?

- Се трудиме да ги балансираме разликите затоа што сега нас нè спојува и работата, а тоа е музиката. Искрено, знаеме да се налутиме еден на друг, но и да попуштиме и да не трае тоа многу долго, бидејќи од голема лутина нема добри резултати. Така што, се прават компромиси и од една и од друга страна. Интересно е тоа што на крајот од денот кога ќе се најдеме на сцена, функционираме како едно.

Во крвта наша е да испробуваме нови правци

* Единствена специфичност на оваа работа е што сцената го става човекот на пиедестал, со кој не може секој да се носи. За секого има место под сонцето, а селекцијата, сакале или не е природна работа. Која е тајната на вашиот успех?

- Работа, упорност, прикажување вистински вредности, различност, професионалност, амбициозност и веројатно среќа. А, сето ова и публиката го забележува.

* Генерациите се менуваат, а музиката мора да се прилагодува на нив. Следува период во кој ќе докажете дека не сакате да се класифицирате како музичари од еден вид. Кој музички правец моментно ве инспирира, што ќе понудите?

- Сметаме дека секој којшто се занимава со музика треба да истражува, импровизира и креира различни дела. Не би било добро да си ограничен од непознавање музика, тогаш не би требале да се занимаваме со неа. Така и ние, во крвта наша е да испробуваме нови правци, да креираме нешто ново, макар и нов аранжман на стара традиционална песна.


* Стефан ти си во врска со Србинка која живее во Виена. Мартин, ти со Македонка која е на привремен работен престој во Белград. Како функционира љубовта на далечина? Бидејќи секогаш и секаде делувате заедно, може ли да очекуваме и да направите заедничка свадба?

- Не очекувајте такво нешто. Свадба е свадба, и кога ќе се случи треба да биде посебна.

Соња Алексоска Неделковска