Стојан Ѓуроски: Знаеме која е Шпанија, ќе одиграме макисмално против светскиот првак
Стојан Ѓуроски е еден од оние играчи во нашиот национален тим кои знаат како е да се игра во „шпански услови“. Неколку сезони беше дел од шпанските лиги. Добро е запознат, пред се со атмосферата која се создава на кошаркарските натпревари во Шпанија, вклучително и во Сарагоса, каде вечерва од 19.30 часот, нè чека тешка работа – да му се спротивставиме на актуелниот светски кошаркарски шампион.
Кои се очекувањата на повратникот во нашата најдобра селекција пред дуелот во „Павиљонот Принц Фелипе“?
„Секогаш е убаво да се игра против една ваква репрезентација. Градот и салата ги знам многу добро, поради тоа што Хуеска е на 30 минути од тука, и тоа буди убави чувства кај мене. Очекувањата ни се да го дадеме својот максимум и да се ‘запознаеме’ што е можно подобро во овој дуел. Реално кажано, шансата за победа ќе ја бараме против Украина на домашен терен, пред нашата публика, која се надевам дека ќе биде во голем број“- вели Ѓуроски по последниот, трет по ред, тренинг одработен во Арената во Сарагоса.
Искусното крило не заборава да напомене дека овој меч е идеална шанса и за оние, условно кажано, помлади играчи во националниот тим. Да видат како е да се игра еден „голем натпревар“, во секоја смисла на зборот.
„Токму поради тоа мислам дека овој натпревар ќе биде одлична прилика, особено за младите играчи во нашата репрезентација, без разлика на исходот на натпреварот. Убаво е да почувствуваат една ваква атмосфера“
Сепак, Ѓуроски смета и на оној натпреварувачки карактер кој со себе го носи дуелот против „црвената фурија“.
„Дефинитивно, не забораваме против кого ќе играме. И ние неколку години се боревме во тие квалификации, со условно кажано, ‘помалите репрезентации’ да стигнеме до тука, да заиграме против најдобрата светска селекција. Затоа треба да се покажеме во најдобро светло што можеме, овде во Сарагоса“ – порачува нашата „единаесеттка“ пред вечерашниот дуел кој е закажан за 19.30 часот, со директен пренос на „Sportklub HD“ каналот.