Стомачни проблеми и дијареа при патувања и летни одмори
Летото е сезона на цревни инфекции. Високите температури придонесуваат за размножување на бактериите, вирусите и цревните паразити, кои најмногу ги напаѓаат бебињата и малите деца заради нивниот сеуште неразвиен имунолошки систем, но не се поштедени ни возрасните. Ризикот од појава на цревни инфекции е поголем при патување и годишен одмор, бидејќи потешко може да се воспостават хигиенски услови.
За лечење на стомачните проблеми потребни се пробиотици кои помагаат да се регулира цревната флора. За организмот да не дехидрира треба да се земаат што повеќе течности, а во аптеките можат да се купат производи кои содржат електролити со кои се надоместува изгубената течност.За време на високи летни температури метаболизмот е побавен и организмот не треба да се оптоварува со енергетски јака храна.
За овие летни инфекции нема правило – ги напаѓаат подеднакво и децата и возрасните, а најосетливи се лицата со намален имунитет. Цревните инфекции обично ги предизвикуваат летните вируси, кои луѓето може да ги добијат поради недоволно измиено овошје и зеленчук, од храна загадена со бактерии, најчесто салмонела, стафилокока, од неквалитетна вода, или, пак од нечисти раце. Карактеристично за стомачните вирози е тоа што членовите на едно семејство се заразуваат еден од друг, по инкубацијата што трае од еден до три дена. Постарите лица, децата, трудниците и лицата со ослабен имунитет се особено чувствителни на овие вируси.
Цревна инфекција може да се добие и при патување. За овие случаи се вели дека добиле „патувачка инфекција“ поради високите температури и недоволната хигиена, посебно на рацете. Најчесто се јавува стомачна болка проследена со пролив. Исто така, и водата од јавниот водовод во местото на одмор за летувалците може да е причина за цревна инфекција. Иако, таа се прочистува, самиот состав на водата кој е различен од онаа која дома ја користиме може да ги вознемири цревата. Но, оваа инфекција е краткотрајна и најчесто минува за еден ден. Најчести причинители се ентеровирусите, меѓу кои клучен е т.н. рота вирус. Патот на оваа инфекција е фекално орален, односно доаѓа од надвор преку загадена храна и вода, како и валкани раце. Инкубацијата од контактот со вирусот до појавата на симптомите на болеста трае од еден до два дена. Потоа почнуваат првите потешкотии проследени со болки во стомакот, кои се остри, продорни и дифузни. Се манифестира и нагон за повраќање или повраќање. Се јавуваат и течни столици без слуз и крв, кои во просек траат од четири до осум дена. По столицата и натаму останува чувство на лажни повици на празнење. Блага малаксаност, исто така, е впечатлив симптом како и покачена температура. Овие реакции на организмот, се јавуваат зошто доаѓа до воспалување на желудочно-цревната слузокожа. Но овој воспалителен процес минува најмногу за пет до седум дена без последици. Меѓутоа, за време на инфекцијата се губи поголема количина на течности и електролити, пред се’ калиум, поради што во потешки случаи треба веднаш да се почне со рехидратација, односно со надоместување на изгубените течности и електролити. Секако дијарејата не смее веднаш да се запре, бидејќи во неа има многу вируси што единствено на овој начин може да се елиминираат. Практично, надополнувањето на течностите, смирување на стомачните болки со лекови и одморање претставува единствениот начин за брзо закрепнување.Секако, секогаш е полесно да се спречи, отколку да се лечи. Дијареата се шири по таканаречен фекоорален пат. Невидливите микроорганизми од столицата се кријат во рацете и другите површини со кои се доаѓа во контакт и оттаму доаѓаат во устата. Секој што ќе добие некоја фекоорална инфекција може да ја одложи со миење на рацете, или на тој начин ќе ја направи поблага и пократка.
- Потсетете ги децата да ги мијат рацете после употреба на тоалетот и да не ги ставаат рацете во уста;
- Неопходно е да се мие зеленчукот и овошјето пред секоја употреба, како и да се одржуваат чисти површините и садовите во кујната;
- Ставете го месото во фрижидер веднаш по купувањето, не држете го на собна температура.
- Обработувајте ја храната термички;
- Покрај вода, треба да се пие слатко и кисело млеко, јогурт, билни и овошни чаеви, негазирана минерална вода.
За да се избегнат мачнините, лекарите советуваат пробиотиците да се земаат превентивно, неколку дена пред пат, бидејќи на тој начин се обновуваат добрите бактерии кои можат да спречат појава на дијареја.
М-р фарм. Љупчо Јанкоски
Пр објава