Тања, те молам кажи ми дека вие, хрватските новинари лажете - Тоше не погина во сообраќајка

Спомените на Тоше, често знаат да ми ја стоплат, но и да ми ја распрчат душата. Особено на денот кога засекогаш си замина во вечноста,

Мај 2000 година. Некаде пред квечерина, некој ненајавено заѕвони на нашето ѕвонче. Се појави Тоше Проески, нашиот „Син Божји“. Возбудено, со само неколку чекори се најде во дневната соба, пред касетофонот.

„Ви ја донесов касетата со новите песни. Сакам меѓу првите да ги слушнете.“

Се радувавме на привилегијата што во тие мигови и во живо ги слушавме новите музички адути на генијот. Имав чувство дека најмногу уживаше додека ја пееше „Илузија“.

Во еден миг, станав го исклучив касетофонот се свртев и му реков: „Знаеш ли дека најубава песна е ’Излажи ме уште еднаш‘. И ја пуштив.

Се налути, го изгасна касетофонот и ми врати со мирен тон:

„Јас дојдов Огнен да ги слушне песните...“.

Никогаш не одеше до крај, избегнуваше конфликти.

„Има еден стих во таа песна што ми се допаѓа ’стојам сам на асфалт жежок нема веќе диви јагоди‘. Ме потсетува на староста, на уморот од секојдневното битисување. Златно дете, сега си млад и можеби не можеш да ја разбереш тежината на годините. Кога ќе подостариш, ќе ја сфатиш пораката на овие стихови. Ех, тогаш ќе се сетиш на мене и ќе си речеш: ’Абе, таа женичка што стално ме ’труеше‘ со парче леб намачкано со ајвар и задолжителна чаша млеко, Б-комплекс и Ц-витамин, имала право!“ - му одговорив и почнав да се смеам и да го гушкам.

Остана кај нас до доцна во ноќта. Пееше, се радуваше, се смееше. Иста сцена, која со години се повторуваше. Тој беше главниот актер.

16 октомври 2007 година. Некој затропа на вратата од нашата канцеларија, а потоа и влезе. Беа двајца -  колеги од црна хроника. Со бледи лица и тивок глас ни соопштија дека Тоше погинал во сообраќајка. Не прифатив дека тоа е вистина. Веднаш се јавив кај колешката од Хрватска, Тања Шимундиќ Бендиќ.

-Тања, те молам кажи ми дека вие новинарите во Хрватска лажете, Тоше не погина во сообраќајна несреќа.

Занеме од тоа што го слушна. Едвај изусти дека сум ја разбудила и ништо не знае, но веднаш ќе се јави кај колегите да провери. По неколку минути ми стигна порака „ Драга Соња, многу ми е жал, но вистина е “. Немаше храброст тоа да ми го каже лично. Се плашеше од мојата реакција.....

Верував дека ќе остаре, дека секогаш кога ќе ги слушне стиховите на „Излажи ме уште еднаш“ можеби ќе се сети на мојот совет.

Но, Господ имал друг план за него. А и за нас! 

На 16 октомври 2007 година, на автопатот близу Нова Градишка во Хрватска, околу 6.20 часот,  Македонија загуби многу. Младите останаа без идолот со чии песни растеа и учеа за љубовта. Во неговите стихови доминираа позитивни чувства, простување, надеж, верба. Тие останаа без човекот што бескрајно ги сакаше и секогаш беше расположен да им подари автограм и насмевка. За нив веќе ги нема незаборавните мигови на исчекување на неговите концерти на Градскиот стадион и бисовите без крај, кои редовно ги добиваа зашто Тоше никогаш не се штедеше.

Девојките загубија идол што личеше на принц од соништата. Убав, висок, насмеан, позитивен. Уште долго во својот живот во секоја нова симпатија ќе го бараат токму тоа скромно и воспитано момче, кое со години им се смееше од постерите на ѕидот од нивната соба. Возрасните, пак, загубија човек што беше пример за нивните деца. Никогаш не потклекна пред искушението на кој било порок. Стана пример за неколку генерации млади луѓе што се поистоветуваа со неговата хуманост и добрина.

Македонската музика изгуби пејач што со својата интерпретација од наједноставна мелодиска линија и од просечен текст, правеше мегахит. Загуби автор, кој можеше да создаде уште многу песни. Болните и сиромашните останаа без човекот што секогаш наоѓаше време и пари да им помогне, да им ја намали болката, за миг да им го разубави животот. За него, сите луѓе беа исти. Без разлика на вера, раса, пол. Уште долго, како легенди, ќе живеат спомените на луѓето што некогаш биле дарувани од неговата рака. Македонија го загуби најголемиот амбасадор. Каде и да настапуваше, постојано зборуваше за својата земја, го истакнуваше нејзиното знаме. Затоа и секогаш брзаше да се врати во саканата Македонија и во родното Крушево.

Што научивме од неговиот прекраток живот? Многу! По кој правец треба да чекори македонската музика. Како треба да изгледа и да се однесува вистинска музичка ѕвезда. Научивме дека Градскиот стадион може да се користи и за музички настани и оти може да собере и над 30.000 луѓе. Дека талентот и вербата во Господ може да бидат златен клуч за успехот. Научивме дека воопшто не треба да се срамиме да ја покажуваме и да ја делиме љубовта. Научивме дека треба секогаш да помагаме и да бидеме подобри и похумани луѓе. Научивме дека и во 21 век може да се живее со голема насмевка и со уште поголема душа.

СОЊА  АЛЕКСОСКА  НЕДЕЛКОВСКА