Тасевски амбициозно во Њујорк: Студира каде завршија двајца директори на ЦИА

Браво момче! Само напред.

Во тие клупи седеле двајца директори на ЦИА, но и познатите актери Алан Алда и Дензел Вашингтон. На „Фордхам“ универзитетот во Њујорк, САД од годинава своите студии ги почна скопјанецот Теодор Пароло Тасевски. Гимназијалецот кој го заврши средното образование во Интернационалното училиште „Нова“ има големи амбиции. Сепак е скромен, а исклучително инспиративен. Сака да „гази“ во бизнис менаџментот, но планира да се образува и за комуникациски вештини. Младиот Тасевски е стипендист на еден од најпрестижните универзитети во САД.

- За мене голем предизвик беше локацијата и академската програма што универзитетот ја нуди. Се подразбира дека американскиот континент е една помалку позната средина за нас, па фактот дека со запишувањето на универзитетот „Фордхам“, јас би ги поминал следните четири години во околности и со начин на живот што треба дополнително да ги запознавам навистина не беше лесна одлука. Од друга страна, и академскиот аспект на факултетот беше предизвик при мојата одлука тука да се запишам- вели Тасевски.

 Околу неговите амбиции, се стреми кон успех во светот на бизнисот, па верува дека со диплома од еден од најдобро признатите универзитети во САД ќе му се отворат многу врати во иднина.  

- Процедурата за запишување во суштина беше доста едноставна. Јас универзитетот „Фордхам“ го открив уште пред една година кога штотуку почнав да истражувам факултети. Уште тогаш ми остави силен впечаток како универзитет што би бил погоден за мене, благодарение на врвната школа за бизнис која е сместена во самиот центар на Њујорк. Кога дојде времето за аплицирање, околу октомври 2018 година, бев сигурен дека би сакал да аплицирам таму. Апликацијата се состоеше главно од личниот есеј што секој кандидат го пишува кој што покрај академската ѝ дава и една лична димензија на апликацијата- додава Теодор.

 Од страна на училиштето било побарано да се испратат оценките што ги добил во текот на изминатите четири години, како и препораките што наставниците ги пишуваат.  Испитот „САТ“ го полагал пред да аплицира. Овој испит е услов за запишување на било кој попрестижен универзитет во САД како и високиот резултат.

Насоката на неговите студии е бизнисот или попрецизно „Глобален бизнис со фокус на финансии и економија“. Во прилог на студиите по бизнис, главно ќе е фокусиран на развивањето на академските вештини 

- Како додаток на академското знаење што ќе го стекнам со студирањето на „Фордхам“, би сакал истовремено да се посветам и на развивање на комуникациските способности  што се клучни за успех во светот на бизнисот. Верувам дека ваквите способности најдобро се стекнуваат со искуство, па се надевам дека моите искуства студирајќи во центарот на Њујорк ќе придонесат позитивно кон таа цел- потенцира Тасевски.

Инаку, Универзитетот „Фордхам“ функционира по принципот на образование на друштвото „Исусовци“ како крило на католичката црква. Во суштина, овој универзитет бил основан од страна на Исусовските свештеници па и денес се практикуваат истите принципи на образование кои во својата срж се основани на една длабока, темелна едукација. Иако универзитетот е афилиран со католичката црква, не постои никаква верска догма во образованието и се поттикнува критичкото размислување. Околу кадрите што универзитетот ги продуцира станува збор за врвни бизнисмени, доктори, адвокати и уметници.