Текстописецот Нечовски открива: Ми остана прекарот Борче „Не каниме“, поради пораката во текстот - први ја прифатија жените

Еден од најдобрите и најплодни автори на стихови, Борче Нечовски со својот тим ќе го врати сјајот на „ Прилеп фест“. Терминот на одржување е 26 мај. Годинава фестивалот ќе има само фолк вечер со ревијален карактер.

 Нечовски, кој ја извршува функцијата на уметнички директор, вели дека ќе се потруди сите песни да бидат во духот на нашата музичка традиција и стандардите на македонската народна музика. 

* Кој беше мотивот да се обнови „Прилеп фест“?

-Предходниве години постојано се размислуваше на таа тема, пред се поради огромните притисоци што ги имавме од нашите пејачи и публиката во Прилеп и пошироко. „Прилеп фест“ на сите им е во добро сеќавање. Актуелната ситуација со корона вирусот наметна да го одложиме две години. На 26 мај дефинитивно ќе се реализира. За разлика од предходните години кога имавме поп и фолк вечер, оваа година ќе има само фолк вечер со ревијален карактер.

* Бевте ли ригорозни во одбирањето на песните? Поточно какви звуци и ритмови ќе понуди фестивалот?

 -Пред се “Прилеп фест 2022” треба да го задржи квалитетот на предходните години. Сметаме дека и оваа година изборот на пејачи и песни ќе го потврди тоа. Се разбира дека сите треба да бидат во духот на нашата музичка традиција и стандардите на македонската народна музика.

* Каде беше, а каде е сега македонската фолк музика?

-За жал, сите кои сме дел од македонската народна музика, автори, пејачи, музичари, се согласуваме дека ситуацијата е повеќе од критична. Напливот на шунд музиката посебно од нашите соседи, ја турна нашата народна музика на најниско можно ниво. Сите сте сведоци дека последниве години единствено “големи ” концерти се организираат токму на пејачи со сомнителен квалитет. Актуелноста се постигнува со други алатки.Токму ова е и причина плус сите заедно да поработиме да го вратиме сјајот на нашата фолк музика. Сметаме дека и „Прилеп фест 2022“ ќе помогне во тоа.

* Кој е виновникот?

-Да не фрламе камења само по другите, треба јасно да си признаеме дека огромна вина во тоа има и кај нас авторите и артистите. Но, секако голем проблем тука се и македонските медиуми, кои последниве години многу малку или воопшто не ја третираат нашата народна музика.

* Колку македонските пејачи го задржаа ентузијазмот за настап на фестивали?

На мое огромно задоволство можам да потврдам дека интересот за „Прилеп фест 2022“ од страна на артистите е огромен, дури и имавме и “слатки” маки при изборот.

* Напишавте многу текстови, но се уште го имате прекарот Борче „ Не кани ме“во изведба на Миле Кузмановски? Каде е посебноста на тој текст?

-Тоа е вообичаено во нашата работа. Секој автор и пејач, без разлика колку хитови ќе има во животот, секојпат публика и медиумите го врзуваат за една песна. Посебноста на тој е текст е во пораката која што ја носи, а тоа се неговите високи морални вредности, кој што првично беа прифатени од женската популација.

Соња Алексоска Неделковска