ТРАЈЧЕ ВОИНОВ: Или си роден на бина, или во публика

Кога ќе го видите, едноставно потсетува на највпечатливите италијански актери кои освојувале со својот шарм и изглед. Стилот му е вистинско уживање за очи


Неговата појава ја карактеризираат како многу моќна. Неговото лице наликува на лицата од актерите во златното доба на Холивуд. Трајче Воинов е урбано момче, паметен, разумен, непоколеблив кога е во прашање убавото облекување. Неколку пати се појавил во улога на манекен, а поради неговиот физикус, став и размислувања, многу е популарен на социјалните мрежи. Она што го карактеризира стилски е моќта на комбинирањето. Знае да создаде стилска приказна, да ја носи облеката гордо, да биде посебен, да биде присебен, дури и кога сите погледи се вперени во него. Интересен е како целина, ама целиот негов карактер му се гледа преку облеката. Кога го дефинира стилот општо, вели дека тој претставува карактерно облекување. 

 –  Кога би се дефинирал себе си стилски тогаш сигурно дека би се ограничил. Модерната ера дозволува менување и комбинирање со се и сешто. Го користам тоа да бидам препознатлив, но непредвидлив- вели Воинов.


Инаку, за добар стил, независно за каков се работи, Трајче е дециден дека треба да се знаеме себе си, да го знаеме своето тело и кројот кој најмногу ни прилега. Токму затоа, поучен од овие правила, секогаш ќе го видиме во парчиња со добар крој кој му стојат совршено. Сепак, знае често да експериментира со облеката, ама тоа го прави само кога ќе почуствува вибрации во одреден момент. Не е минималист во облекувањето туку еноставно хедонист по природа. – Сакам класичен гламур, оној од златната ера на Холивуд. Класиката не ми е премногу блиска, но знае да помогне во одредени ситуации- додава Воинов.


 Има многу облека, но се се тоа парчиња бирани со големо внимание. Не „паѓа“ лесно на скапи брендови, иако има и такви во неговиот орман. – Омилени ми се кожените чизми од „Џек и Џонс“ кои ги купив во продавница за застарени чевли. И морам да признам дека „душата им ја извадив„ од носење (се смее). Купувам облека токму од местата каде окото ќе види убавина. Сакам мали продавнички во кои е предизвик да се најде нешто интересно и најчесто го наоѓам. Пред некој ден си најдов кошула на пазар, „прејака“ е – низ смеа раскажува.


Она во што е најсигурен модно е удобноста. Сака да се чуствува комотно во својата кожа, ама при тоа да ги искуси сите плодови и придобивки на модата. Но најчесто, тоа значи и осудување од повеќето, барем кај нас. – Во животот или сте родени да бидете на бина или во публика. Да бидете тивки или гласни! Да бидете свои или да се претопите со толпата- дециден е Воинов. 


Нема некаква посебна стратегија што да облече денски, а што навечер. Чуството во даден момент му одредува што да носи па и денската и вечерната облека му се многу слични, со одредени модни дотатоци кои ја создаваат разликата. Порано многу експериментирал со косата, сега си игра со брадата. А за тоа како се облекуваат овдешните момчиња и мажи не е многу восхитен. – Се облекуваат едноставно. Безбедна палета на бои и крој на панталони. Се восхитувам на постарата генерација на мажи кои по нашите улици се уште на себе го носат шармот на една друга ера- вели Трајче.

Неговиот совет плус за брз, но ефетен изглед е туширање, средена брада и коса, џинс, маица и секако, широка насмевка.

Небојша Толески