У21: Македонија славеше победа над Финска по подоброто изведување на пенали на отварањето на "Анталија Куп 2023"
Младата репрезентација на Македонија до 21 година во еден неизвесен и возбудлив натпревар, успеа да издвојува победа над Финска по подоброто изведување на пенали, на отварањето на меѓународниот контролен турнир „Анталија Куп 2023". Во регуларните 90 минути немаше победник, резултатот беше 1:1.
Во првиот дел, видовме еден доста тврд натпревар, со многу борба, пожртвуваност и трчање на двете страни. Противникот неколку пати опасно се закани по нашиот гол, но Марко Алчевски беше на висина на задачата и одлично интервенираше. Најопасен во нашиот состав беше крилниот фудбалер Берат Калкан, кој имаше неколку одлични продори по левата страна. Добрата партија, нашиот фудбалер ја круниса со погодок од пенал за водство на Македонија.
На почетокот на вторите 45. минути, Финска успеа да го израмни резултатот. Стрелец на погодокот беше Скита. До крајот на натпреварот имавме уште неколку добри прилики, но не успеавме да реализираме. Убедливо најдобрата можност за Македонија ја имаше Хамза Рамани, но неговиот силен удар заврши покрај голот.
По пенал серијата, избраниците на селекторот Драги Канатларовски успеаа да обезбедат триумф.Сигурни од белата точка беа Малески, Крстевски, Николов, Фета и Фетаи. Фантастичен на нашиот гол беше Марко Алчевски, кој успеа да им одбрани два пенали на фудбалерите на Финска.
Во вториот натпревар од денешната програма играат селекциите на Словачка и Бугарија.
Македонија: Марко Алчевски, Марио Ричков, Андреј Стојчевски, Имран Фетаи, Стефан Деспотовски, Берат Калкан, Хамза Рамани, Решат Рамадани, Ване Крстевски, Лука Станковски, Марио Илиевски;
Резерви: Михаил Димитриевски, Димитар Тодоровски, Мартин Талаков, Иван Николоски, Матеј Ангелов, Виктор Крстевски, Иван Николов, Бехар Фета, Леонид Игнатов, Васко Василев, Христијан Малески;
Селектор: Драги Канатларовски;
Методи Максимов поради повреда на задната ложа не беше во можност да се стави на располаѓање на селекторот Драги Канатларовски на денешната средба.