Учениците од стручните паралелки споделуваат позитивни искуства од наставата во средните стручни училишта

Дали веќе одлучивте во кое средно ќе го продолжите своето школување?

Во пресрет на уписи за средно образование кои започнуваат на 14 јуни, изборот на средно училиште е особено важен бидејќи претставува основа за понатамошното образување или стекнување вештини со кои ќе станете квалификуван кадар, подготвен за пазарот на труд.

Реалната побарувачка за работна сила со стручни компетенции е сè поголема, бројот на отворени работни места секојдневно се зголемува, а платите кои ги нудат компаниите се конкурентни и растечки.

Кампањата „Учи паметно, работи стручно“ која Министерството за образование и наука ја спроведува во соработка и со поддршка од проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“ (Е4Е@мк) и Швајцарската агенција за развој и соработка, има за цел да ја подигне јавната свест за предностите на средното стручно образование, можностите кои тоа им ги нуди на младите луѓе, но и да ја информира и едуцира јавноста за реформите кои се воведуваат во образовниот систем, со цел да се надминат реалните проблеми и да се усогласат понудата и побарувачката на пазарот на труд.  

Учениците кои се веќе запишани во средните стручни училишта во различни градови ширум земјата, ги споделуваат своите позитивни искуства и одговараат зошто нивниот избор бил токму средно стручно училиште.

Бојан Крстевски е ученик од втора година во средното стручно „Коле Неделковски“ од Велес, кој се образува како техничар за производно машинство, а по средното образование планира да се запише на машински факултет.

Се запишав во средно стручно поради самото дуално образование кое ни нуди поголеми можности и полесно учење на материјалот преку пракса“, вели Бојан кој посетува практична настава во компанијата „БРАКО“. „Кога учиме од учебник има слики на кои се прикажани самите машини или пишува како се работи на нив, како се управуваат, додека пак кога ќе дојдеме овде, ние може физички да ги допреме и да пробаме сами да управуваме со нив и да изработиме некои делови“, додава тој.

Кога станува збор за дрвопреработувачката струка и конкретно, профилот техничар за шумарство и пејзажна архитектура, Ристе Јанчев, трета година во СОЗШУ „Ѓорче Петров“ од Кавадарци, вели дека очекува стручното образование да му донесе предност при вработување во некоја од компаниите кои се занимаваат со таа дејност, но и можност да започне сопствен бизнис. Стручното образование ми помага во развојот на креативноста, иновативноста и стручноста кои се значајни за мојот успех. Задоволен сум од наставата бидејќи во училиштето има квалитетен наставен кадар, а наставата се изведува во современи наставни простории и има услови за изведување на практична настава“, вели тој.

Исто така, побарувачката за електротехничката струка на пазарот континуирано расте. Срѓан Димитровски, електротехничар за компјутерска техника и автоматика во средното стручно „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка истакнува дека во текот на средното образование кое трае три или четири години, зависно од струката и насоката, средношколците се здобиваат со доволно теоретско и практично знаење во нивната идна професија и најчесто немаат потреба да продолжуваат со повисоко образование по средното училиште. Наставата во овие четири години ми овозможи да се стекнам со поопширно знаење од електротехничката струка. Изминатите години спроведувавме настава на теоретско и практично ниво, а минатиот месец 15 ученици од нашата струка, вклучувајќи ме и мене, имавме прилика да ги развиеме нашите практични вештини во Португалија, како дел од програмите на Еразмус+“, вели Срѓан, кој планира своето образование да го продолжи на некој од техничките факултети.

Преку дуалното образование, учениците од стручните училишта имаат одлична можност практично да се усовршат во својот „занает“ и да се подготват за работа во реални услови.

На пример, козметичките техничари од средните стручни училишта во Куманово, меѓу кои е ученичката Анастасија Пешевска од средното стручно училиште „Киро Бурназ“, покрај училишната пракса, имаат можност за практична настава во козметичките салони во градот.

Одам на пракса во салонот „Спа Дива“ и сум многу задоволна од персоналот и услугите кои ги нуди салонот. Вработените се посветени, практично ми покажуваат и ме поучуваат како да работам и се трудам да го научам тоа што го сакам“, вели Анастасија, додавајќи дека по средното образование сака да го продолжи своето школување како физиотерапевт, бидејќи преку праксата го засакала токму тоа, преку директниот контакт со клиентите. Учениците кои сега се запишуваат во средно, да немаат дилеми во однос на изборот на стручно образование, бидејќи ќе бидат изненадени што сè нуди и што значи да имаш струка во рацете“, порачува Анастасија.

Иднината на нашата земја во голема мера зависи и од ефективните вештини со кои младите треба да се стекнат, во пропорционален сооднос со реалната побарувачка на пазарот на труд, а обезбедувањето квалитетно образование за учениците и реформи на образовниот систем според потребите на реалниот сектор се клучни за успех.

ПР објава