УСПЕШНА ПРИКАЗНА НА СЕМЕЕН БИЗНИС: „Центро Унион“ го прослави 30 годишниот јубилеј
Една од најстарите македонски фирми, „Центро Унион“, синоќа во хотел Мериот во Скопје, прослави 30 години постоење.
Центро Унион е приказна за македонски семеен бизнис, родното место на брендот FAVORIT и компанија зад која што се кријат безброј достигнувања. Иако компанијата има постигнато глобални успеси, нејзините основачи ги краси скромност и дисциплина, без кои што не би можеле да ја водат компанијата низ тешките економски години. Скромноста и посветеноста на основачите се отсликува најпрво во нивното лого. Во 1990 година, кога се основала компанијата, тие немале капитал за да платат дизајнер за логото да има различни верзии. Затоа тие до ден денес го немаат променето, сакајќи да се сеќаваат на борбата низ годинитениз кои „Центро Унион“ претставува доверба, професионалност, авторитет, моќ и лојалност.
Синоќа, заедно со семејствата, бизнис партнерите и клиентите, „Центро Унион“ во хотел Мериот, приреди прослава за која што долго ќе се зборува во бизнис круговите. Низ вкусна храна и убава музика, како лидер во областа во која што е, компанијата оддаде признанија на соработниците, заблагодарувајќи им се за придонесот со надеж за долга соработка и во иднина. На присутните се обратија и основачот на компанијата, Зоран Станојевски и првиот директор на компанијата, Тијана Станојевска Ристовска, која што во третата декада на компанијата ја отсликува движечката сила на тимот.
„Од сѐ срце сакам да им се заблагодарам на сите оние коишто беа дел од оваа приказна, на една од првите приватни компании во Македонија. Горд сум што од канцеларија со едно биро, денес имам можност да се гордеам со меѓународни достигнувања. Основајќи ја компанијата со сопругата Ленче, сакавме да создадеме нешто за себе, за нашето семејство, за нашите вработени и општеството. Среќни сме што докажавме дека бизнисот нуди можности за секого. Уште во 1990 година, силно верував дека оној што има идеја, визија и желба, може да најде начин на кој што ќе го оствари својот сон. Мојот, сега веќе реализиран сон се вика ФАВОРИТ и со задоволство ќе кажам дека тоа е наш, ваш, домашен бренд. Овој значаен 30 годишен јубилеј на Центро Унион би сакал да го посветам на сите вас, кои помогнавте да се издигне брендот FAVORIT, на мојата сопруга Ленче и особено на мојата ќерка Тијана, која е иднината на оваа успешна приказна“, изјави пред присутните основачот на „Центро Унион“, Зоран Станојевски.
Пред присутните гости во хотел Мериот, се обрати и Тијана Станојевска Ристовска, првиот директор на Центро Унион, лицето коешто ќе ја воведе компанијата во уште поголеми успеси на професионален развој и достигнувања.
„Центро Унион е мојот дом каде што пораснав, научив многу и ќе продолжам да се надоградувам како раководител. Да се биде дел од тимот на оваа компанија е огромно задоволство, додека пак да се земе збор на триесетгодишен јубилеј претставува голема среќа. Центро Унион и Favorit ќе продолжат да ги следат трендовите и да носат успеси како на домашниот, така и на меѓународниот пазар“, изјави Тијана Станојевска Ристовска, по што го повика тимот на Центро Унион да и се придружи на сцена заблагодарувајќи му се за секој подвиг.
Овој значаен јубилеј на Центро Унион е доказ дека дисциплинираната работна сила, храброста, трудот, безрезервното вложување во она во кое што се верува, лојалноста према соработниците и клиентите, грижата, негата и вербата во својот бренд, секогаш дава плод за восхит.