Васил Мукаетов ќе ја промовира книгата за деца „Има ли и страна петта?“ во „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“
Новата книга „Има ли и страна петта?“ на еден од најплодните македонски писатели за деца, Васил Мукаетов, ќе биде промовирана на 4 април (четврток), во 18.30 часот, во „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“. Промотори ќе бидат Татјана Димовска-Атанасова, уредничка во „Арс Ламина“ и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Извадоци од книгата ќе интерпретира актерката Снежана Конеска Руси. Кон едукативната димензија на делата на Мукаетов ќе се осврне Владанка Д. Миче, која е одделенска наставничка во ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“, Скопје.
На книжевниот настан со наслов „Васил Мукаетов на страната на децата“ ќе бидат претставени и уште пет други, понови публикации за најмладите читатели од авторот: „Чукни, чукни трипати“, „Мариовски сказни – Пејови приказни“, „Од згода до згода, заграб бистра вода“, „Што е, а што не е?“ и „Ај погоди!“ Станува збор за читанки, збирки поезија, гатанки и раскази, кои се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Стихозбирката „Има ли и страна петта?“ содржи весели и духовити песни за шарениот, љубопитен и разигран свет на децата. Преку веселите стихови, ова дело го носи читателот на потрага по петтата страна на светот. А таа е каде, ако не каде што има деца.
Децата сакаат изненадувања, возбудувања, насмевнувања во секој сегмент од нивниот живот – секаде каде што ќе ги сретнеш, дома, на игралиштата, со другарите. Во училниците, во училишните дворови. Со велосипедите по сообраќајниците. Меѓу излетниците. Во камповите првпат сами на летување – значи пораснати. Во библиотеките, книжарниците, слаткарниците. Во театарските, игроорните дружини. И на детските сцени. На балетските часови. Наградени на математички, литературни, ликовни натпревари и на фестивалите. Дома и во странство. Дури и на билборди. Ете, со стиховите во оваа книга ја побаруваме и петтата страна...
„Има ли и страна петта?“ на полиците на „Литература.мк“ им се придружува на уште неколку нови изданија, кои ќе бидат дел од промотивниот настан. Меѓу нив е збирката песни „Чукни, чукни трипати“, која содржи духовити стихови од детското секојдневие. „Што е, а што не е?“ и „Од згода до згода, заграб бистра вода“ се инспирирани од творештвото на Марко Цепенков. Додека „Ај погоди!“ е дело во кое се бара и вклученост на самото дете со тоа што ќе ја доврши веќе почнатата песничка од авторот Мукаетов. Книгата „Мариовски сказни – Пејови приказни“, пак, е збирка поезија за деца базирана на шеговитите народни приказни за најпопуларниот јунак на народното усно раскажување Итар Пејо.
Васил Мукаетов е еден од најактивните македонски автори за деца, кој неуморно твори и во деветтата деценија од својот живот. Со своите читатели другарува уште од шеесеттите години на минатиот век, преку тогашните списанија „Титов пионер“, „Другарче“, „Нова Македонија“ – „Колибри“, „Развигор“ и „Другарче“, сè до денешните „Ѕвезди“, „Прв детски клик“ и „Детски клик“. Објавува и во литературните ревии и списанија – „Стожер“, „Слово“, „Бранување“.
Застапуван е во повеќе учебници по македонски јазик и литература за основното образование. Член е на Друштвото на писатели.
Негови позначајни дела се: „Ти реков ми рече“ (1995), „Ние дома“ (2003), „Поглед со двоглед“ (2005), „Што е, што не е“ (2011), „Ај погоди“ (2011), „Да нацртаме другар“ (2013), „Колку да се рече – записи“ (2014), „Кој кого расте?“ (2013), „По зелени раеви – слезови и чаеви“ (2016), „Децата можат сè“ (2016), „Скокни – прескокни“ (2017), „Ние по тротоари, булевари“ (2019), „Чукни, чукни трипати“, „И да и не“ (2018), „Сè е игротека“ (2018) и други. Добитник е на наградата на ДПМ – „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца во 2017 година за „Скокни – прескокни“.
Книгите од Васил Мукаетов се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.