Васка Леонтиќ искрено: Една финансиска војна поминав и знам што прво треба да се превземе, а да не се паничи во време на коронавирусот
Во време на
владеење на коронавирусот, целиот свет го промени ликот- во секој сегмент на
човечкото живеење и битисување. Ситуацијата никако да се смири или барем да се
ублажи. Последиците се евидентни, а најмногу е погодена економијата. Владите на
земјите ширум планетата превземаат соодветни или пакет мерки за справување за
да не дојде до банкрот, но исходот е многу рано да се види. Штетите се веќе
направени и опоравувањето ќе биде бавно.
Кај нас исто така, економијата е на удар. Во критична фаза се занаетчиите, а посебно фризерскиот занает трпи многу. Како се справуваат? Што се превзема? Дали се на работ од целосно затварање и далекусежни проблеми после тоа?... Разговараме со Васка Леонтиќ, стилистката за коса која важи за една од најдобрите, која е пионер во создавањето на модерни стилови кај нас, која со години едуцира кадри во нејзината Академија и студио Леонтиќ... Сосема искрено, таа без задршка зборува за тешкотијата во време на криза, за борбата за опстојување, за борбата со самата себе си, за последиците од коронавирусот...
ММ. Едно време фризерите од Ваш калибар важеа за вистински ѕвезди. Велите дека не умеевте да штедите тогаш, без да размислувате за некое лошо сценарио...
- Ќе бидам крајно искрена, се‘ со цел да ви преставам како фирмите,занаетчиите, поминуваат низ многу фази во своето тековно работење и како се справуавме ние како менаџери,лидери,фризери,предавачи,а најмногу како овие промени делуваат на нашиот личен развој,емоционалната интелегенција и како со тек на време ни го менуваат текот на животот.А, токму со тек на време не го гледаме профитот туку,среќни сме кога сме подмирени со сите трошоци и имаме спокој,но со стекнатото искуство и сигурноста во себенесакајќи ни се наметнува во нас и општествената одговорност, пасе надевам ќе допрам со ова интервју кај многу мои ученици, колешки, колеги и други работодавци и од други професии, да им помогнам, а им го разбирам стравот низ процесот кој се наметна од целата состојба во која се наоѓаат многу фирми, вклучувајќи се и самата себеси.
Работам 33 години од кои 26 години самостојно во работата со Академија и студио Леонтиќ,додека со Обучниот Центар веќе со верификација од Министерството за образование и наука- 15 години. Работно искуство стекнато во најубав период кога се’ беше добро, културата и уметноста се ценеше, се организираа врвни настани од различен каракетер, модата беше главна тема, тв. емисиии, настани, ревии, ние стилистите бевме разгалени и главни ,,фаци’’ и во тој период се’ беше како во бајка. Но тој период не траеше многу, онолку колку да ни создаде многу лоши навики од кои подоцна беа шок за нас уметниците, кои не умеевме да штедиме, туку трошевме и живеевме од ден за ден, без да размислуваме за некое лошо сценарио... тоа нам ни се чинеше чудно.
ММ. Ситуација со коронавирусот, односно економскиот колапс не ви е непознат. Вам ве зафати „финансиска удолница„ во 2008- та година...
- Мојот прв стрес и најголем до сега што сум го доживела во мојот работен век, беше кризата во 2008 година. Таа криза и рецесија многу ја погоди мојата фирма, едноставно не бев спремна ниту пак имав искуство како да реагирам, ниту како да се справам со работа во кризни времиња. Сум посетувала многу семинари, обуки, менторства, но искуството на своја кожа е многу поинакво и остава траен белег. Никој од нас малостопанствениците или занаетчии во нашата професија не се подготвува и остава сочуван фонд за кризни ситуации, сите сретства се инвестираат во машини и апарати, реновирања на салоните, престиж кој ќе има поубав салон, но во реалноста не е така, со тек на време се амортизираат или расипуваат делови од апартите и машините или технологијата напредува и тој вложен капитал не е вредносен, вложените средства не се повратени, мал пазар, заглавуваме дополнително со кредити се’ со цел да бидеме конкуретни на пазарот на труд и да привлечеме клиенти, но вложените сретства ретко кога биле повратени и доколку треба да се купи нов дел или да се надгради машината, нема средства и апартот за кратко време е не употреблив.
Целиот свој работен век бев на обуки и семинари, но сега на поинаков начин преку Европски проекти. Тогаш во тоа време сите обуки беа наменети, како да се привлечат клиенти, како да се наплати долгот и ред други теми, но ниту една не беше како да се справиме со работа во кризни ситуации и како во таков случај да се менаџира со фирмата и персоналот. Најтешкиот дел е како самите да се избориме со себе си и носиме логични одлуки во такви ситуации. Борбата со самиот себе си, да се остане присебен и да не се реагира со емоции, туку да се донесат брзи решенија и одговорност за цел персонал.
Не бевме навиканати да штедиме, разгалени да трошиме, во тој период беше такво општеството, трка за престиж и докажување , ми требаше цела година до две да се ставам во ред, самата да се убедам, дека траба да се штеди и дека штедењето е нормално и дека јас и тогаш ќе бидам добар менаџер и лидер, не знаев како да се намалат трошоците, а најлошто беше што не се откажував од старите навики, туку чекав времето да ги поправи сите состојби што се затекнаа во фирмата. Колку повеќе бев неодлучна и се двоумев, толку повеќе тонев и финансиски заглавував, се‘ додека не стигнав до крај... што морав на брзина да го продадам просторот кој беше за теорија и школскиот салон од недвижнините од просторот наменет за средното училиште.
ММ. Дали и сега е така?
- Сега кога правам споредба, денешната состојба со вирусот Ковид-19 што ни се случи, разликата е огромна, тука штетите не се само лични на фирмата и проблемот не е личен за да се решава, туку ова е целосна поврзаност со целата држава, вклучувајќи ги сите институции и не е се’ така едноставно и брзо решливо.
Но веќе после една помината криза, се’ друго што се случува го прифаќате како секојдневен настан. Иако поминаа многу години од тогаш, јас не се опуштив ниту мојата психа се ослободи и во ниту една ситуација не сум истиот менаџер и лидер. Сите трошоци ги предвидувам однапред, не се опуштам многу лесно како порано, сите рестрикции ги воведов се’ со цел фирмата и школото да не влегуваат во големи долгови и непотребни трошоци, максимално се води евиденција, многу строга контрола над сите финасиски трансакции, се прават истажувања на пазарот дали е добро време да се инвестира во некој апарат или машина и во кој период да се воведат нови модули, сите овие подготовки посебно во училиштето и во центарот се планираат со развојниот план и со подготовка на годишните планирања. Сета оваа ситуација ја прифатив многу посмирено и потрезвено и работам не само како себе си да си помогнам, туку колку можам да помогнам и во фелата во делот од личните услуги за фризери, козметичари, масери, шмикери и модни стилисти. На оваа тема држев многу предавања, бев ментор на многу настани, се’ со цел да се пренесе искуството, ниту еден бренд и име не се стекнува преку ноќ, ниту е изграден без падови и извишувања. Се надевам дека ќе успеам некако да им помогнам со моето искуство и да допрам посебно кај моите колеги и колешки, јас една финансиска војна поминав и знам што прво треба да се превземе и да не се паничи, бидејќи во паника се прават најголеми грешки.
Во ваква ситуација ги предвидовме сите проблеми кои можат да се случат и да нема компликации, прво што се воведе во работата, уште пред да се објават мерките, го спроведовме протоколот на работа, салонот го прилагодивме со потребни заштитни мерки, обезбедивме се’ што е потребно за дезинфекција дури и на тие што немаа, им подаривме.
Ги контактирав од комората на занаетчии и други високи раководни функции и објаснив и дадов предлог како може да се помогне кај занаетчиите, но се’ без паника и со разум и се понудив за било каква помош.
ММ. Веќе ги трпите последиците...?
- Сите клиенти ги имаат откажано и презакажано свадбите и други веселби, посебно ние имаме многу странски клиенти... сите се јавија и ги откажаа термините бидејќи не можат да патуваат. Редовната клиентела која го посетува салонот од кога се појави вирусот во Кина, нивната свесност за личната хигиена и пред појавата на вирусот и сега е на многу високо ниво и секогаш се дискутираше на оваа тема и се обраќа големо внимание.
Самото информирање во медиумите и на социјалните мрежи делуваше и на расположението и кај самите клиенти, а тоа најмногу се почуствува пред 8-ми март, кога веќе рапидно опадна работата, активностите се одвива со намалена работа, клиентите гласно размислуваа и постоеше одреден страв. Сега работата се сведе два пати до три пати неделно, да се отвори салонот за двајца до тројца клиенти. Не сме навикнати да работиме во ваква ситуација, а при тоа мора секој ден да ги следиме сите промени што Владата ги извесува, психолошки искрено колку ќе трае и колку ќе може да се издржи во ваква ситуација воопшто не е едноставно за никого, но и со овие ситуации учиме и да работиме и да ги прифатиме како еден нов тек на живеење.
ММ. Дали работите?
- Во ваква состојба ние се бориме со многу ситуации, со вирусот Ковид-19, но не е само тоа како да се заштитиме, а да не се заразиме, или како ќе опстане фирмата, или како ќе се покријат трошоците, тука е и борбата со самите себе одоносно како да не го изневерите долгогодишниот клиент и во ваква состојба да му речеме „извините, се плашам да не ме заразите, јас не работам, салонот е затворен“, а навистина стравот постои и покрај сите препораки како да се заштитиме и како да ја одржуваме хигиената- сето ова делува на психата.
Но како расте бројката на заболени веќе планирам и јас сосема да го затворам салонот за клиенти- веќе е ризично да се работи со клиенти. Сите други активности ги работам од дома или одам сама во канцеларија за се’ што е потребно да се архивира, испечати, сето тоа го работам, без контакт со странки.
ММ. Дали сте пресметале колку имате изгубено финасиски до сега?
- Во ваква ситуација, не правам пресметки колкава загуба ќе имам, целата енергија ја насочувам кон правење на пресметки на кому треба да ги исплатам фактурите, каде треба да се извршат уплати, се’ со цел да го имам мирот и спокојот и многу сум среќна бидејќи тоа се само неколку фирми. Но најголемата грижа и стресот доаѓа кон исплатите на кредите што ги имаме подигнато, тука се платите, даноците, нашата фирма е тримесчен ДДВ обврзник и тука сега се сите подготовки како да се регулираат исплатите, а при тоа да не ни биде дополнителен стрес и терет при исплатите кога немаме приходи.
Барам решение од каде би можело да има прилив на средства се’ со цел ликвидноста да не биде спречена и фирмата да не ја доведам до стечај и ги следам кредитите без камата која ги подготвува Владата за период од две години. Сметам тие ќе помогнат многу во оваа ситуација.
ММ. Во што искрено го гледате спасот за опстојување на Вашиот бизнис?
- Европа е најмногу затечена и погодена и не верувам дека последиците од оваа состојба брзо ќе закрепнат. За некого ќе биде добро профитабилна состојба, но за многумина ќе биде и погубна, се’ зависи која фирма во каква финансиска состојба била претходно и која е професијата, а ова ќе биде дополнителен удар за тие професии кои не можат да работат од дома или не се препорачливи и актуелни во ваква состојба. Нашата фризерска работа е таква што брзо може да се поврати, станува збор за лични услуги, после толкав период од седење дома ќе биде за добро расположение и подигање на моралот кај клиентите. Но каде ќе биде проблемот? Нашата професија има периоди кои се актуелни и активни и повразни со настани во текот на годината и периоди и месеци кои се мртви и ништо не се случува, за жал најдобриот период од годината за сите услужни дејности ќе биде испуштен. Поради ова, кај овие професии, ќе треба кредит за да се поминат седум- осум месеци и да се стабилизира еден салон, ќе фатат одмори, јуни, јули, август... тие периоди нема работа. Тврдам дека спасот е да се земе кредит без камата за да се повратат сите долгови, тековни и насобрани долгови, по основ на режиски сметки, кирии, плати, даноци. А понатаму, како ќе се одвиваат работите и колку ќе има работа, зависи од многу фактори. Верувам работите ќе спласнат и со тек на време се’ ќе се нормализира, само сега во овој период треба реално да се следат сите инструкции и да се даде и подршка на Владата, не само ние да очекуваме од неа... и ние ја сносиме целата одговорност како кон нас, така и кон нашите најблиски.
Небојша Толески