Васко Тодоров ќе ја потпишува книгата „Тошо Малерот: монологија“ во книжарницата „Литература.мк“ во „Сити мол“

Васко Тодоров кој е познат по неговото хумористично алтер-его Тошо Малерот утре (понеделник,17 август) во 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ во „Сити мол“ ќе ја потпишува неговата книга „Тошо Малерот: монологија“. Во делото се собрани култни монолози кои популарниот „батка“ ги има кажано во легендарното шоу „К-15“ како и скечеви кои не биле емитувани на телевизија досега.


Сите обожаватели ќе може да ја купат книгата и да се запознаат со Васко. Притоа ќе бидат запазени и сите соодветни мерки за заштита така што посетителите ќе мора да носат маска и ќе биде контролиран влезот во книжарницата.



Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“ и веќе може да се купи во сите книжарници „Литература.мк“ како и да се нарача онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.
Во краткото промотивно видео каде што Васко Тодоров се појавува во улога на неговиот лик Тошо Малерот, се зборува и за правецот на самото дело.


‒ Батка, оваа книга ти е чист импресионизам со примеси на експресионизам, а целта е да се доближи човековото внатрешно битие кон возвишеното во него. Затоа што љубовниот стремеж е чекан, обостраната хемија е длето и сè се сведува на делкање – вели тој.

Видеото го изработи Стефани Павловска и може да се погледне на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=YPultzuEuEA

Васко Тодоров во моментов е дел од екипата на сатиричната емисија „Фчерашни новости“. Најголемиот дел од популацијата го препознава по легендарните ликови кои ги толкуваше во рамки на шоуто „К-15“ заедно со Бранко Огњановски и Љупчо Бубо Каров. Првата епизода била емитувана на 23 ноември 1994 година на А1 телевизија. Шоуто оттогаш обезбедува силна социјална, политичка и економска критика особено на нелогичностите во македонското општество, етничката толеранција, стереотипите и табу темите. „К-15“ во текот на своето постоење е емитувана на повеќе домашни телевизии и останува една од најпознатите хумористични емисии во земјава.