Веќе не се знае кој е бот, а кој човек: Вештачката интелигенција направи 'ршум на пазарот на труд

Растот на генеративните модели на вештачка интелигенција, како што е ChatGPT, доведе до експлозија на пријави за работа, оставајќи ги работодавачите затрупани со идентични мотивациски писма, а кандидатите во очајничка борба сепак да бидат слушнати.
Употребата на вештачка интелигенција значи дека се потребни само неколку минути за да се напише CV и мотивациско писмо, персонализирани така што совршено одговараат на описот на работното место.
Еден онлајн алат, LazyApply, оди чекор понатаму, овозможувајќи им на кандидатите автоматски да се пријавуваат за работни позиции откако ќе внесат неколку лични податоци.
Еден софтверски инженер го користел алатот за да се пријави на 5.000 работни места за една недела. Бил поканет на 20 интервјуа – што претставува релативно ниска стапка на успех од 0,4% – но постигната речиси без никаков труд.
Овој пораст на пријави, од кои многу се исполнети со генераички, препознатлив текст составен од вештачка интелигенција, создава хаос кај регрутите, кои велат дека сè потешко им е да ги најдат најдобрите кандидати.
„Компаниите се соочуваат со цунами од слични пријави“, вели Естел Макартни, извршна директорка на компанијата за селекција на кадар Arctic Shores.
Нормализација на „мамeње“
Критичарите потсетуваат дека уште пред појавата на ChatGPT, компаниите користеле автоматски системи за филтрирање на биографии, кои често ги елиминирале кандидатите поради ситни грешки во форматирањето или недостиг на клучни зборови.
Вештачката интелигенција само ја засилила оваа пракса.
Иако многу менаџери тврдат дека лесно препознаваат текст напишан од ChatGPT по неговиот „среден“ тон, истражувањата покажуваат дека се повеќе работници не го сметаат користењето на вештачка интелигенција за мамење.
Според податоците на Adzuna, скоро две третини веќе користеле вештачка интелигенција за пишување на своето CV.