Владиката Тимотеј: Не повикуваме на масовност, но за Велигден нема да бркаме верници од црква
Богослужби и Свети Литургии ќе има но ќе се одржуваат со неколкумина служители и со малку верници. Големиот христијански празник Велгиден оваа година ќе се празнува поразлично. Иако има повици од одделни цркви граѓаните масовно да доаѓаат, сепак од Македонската православна црква за Фактор велат дека остануваат на ставот граѓаните да ги почитуваат препораките од здравствените и државните власти. Митрополит на дебарско- кичевската епархија Владиката Тимотеј вели дека немаат можност да влијаат на повиците на социјалните мрежи меѓу кои имаше и такви граѓаните да излегуваат на балкони и во дворови и така да го одбележат моментот на христовото воскреснување
„Во секој случај МПЦ не може да влијае и да кажува какво индивидуално чувство има кај верниците, ниту пак можеме да влијаеме на нивното лично право и одлуките да излегуваат на балкони и така да го слават празникот. Нашата заложба е да се почитуваат мерките од државата, но и да се одржуваат литургиите и богослужбите со неколкумина служители и луѓе кои пружаат помош. Сепак верниците не можеме да ги бркаме од храмовите, вели Митрополит Тимотеј за Фактор.
Тој вели дека МПЦ - ОА веќе повикала дека храмовите да бидат отворени за лична молитва на верниците, но притоа се апелира верниците одговорно да се однесуваат и да се почитува наложеното правило од државните власти во јавниот простор, во дозволените часови за јавно движење, времено да престојуваат исклучиво до пет луѓе на одредено растојание.
Велики Петок е на 17 април, а вечерна литургија ќе има на Велика Сабота односно на 18 април. Секако од утре има и посебен режим на движење и забрани односнополициски час, со што присуството на истите би било и оневозможено.
За Велигден кој се паѓа на 19 април ќе има и Света Причест на начин што е веќе востановен и утврден, а во оваа вонредна состојба благословуваат да има медиумско пренесување на богослужбите на националните медиуми.
Светиот Синод има и други препораки.
„Со своето однесување, никој не смее да биде причина за нарушување на востановените безбедносни регулативи и постоечките здравствени норми. Евентуалните прекршители на вонредните владини мерки треба да понесат сопствена одговорност. Упатува апел за внимателен однос кон корона-позитивните лица, препорачувајќи да се избегнуваат обвинувања врз таа основа. Доколку се констатира остварен контакт со позитивен носител на овој вирус, во црковно-административен објект, парохиски храм или манастир, да се следи протоколот предвиден од надлежните здравствени власти и веднаш да се пристапи кон карантински услови, дезинфекција и самоизолација, велат од МПЦ - ОА
А.Т.
Текстот е превземен од Фактор