Во „Аџибадем Систина“ отворен специјализиран центар за третман на деца со пречки во развојот

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ комплетно се екипираше Центарот за рано откривање и третман на деца со пречки во развојот. Центарот располага со сета неопходна апаратура за следење на децата и нивен третман, а воедно е дизајниран и опремен во пријатен детски амбиент, со цел намалување на стресот и непријатноста од престој во болничка установа кај детето и неговата придружба. Тимскиот пристап на искусни и докажани доктори обезбедува на едно место проценка на детето, корелирање на добиените резултати и континуирано следење на ефектите од третманот.

„Првите години од животот се исклучително важни за понатамошниот развој кај децата. Но, кај некои деца и за жал, сѐ поголем е нивниот број, се забележуваат некои форми на развојни доцнења, состојби кога детето нема достигнувања соодветни за хронолошката возраст. Доколку родителите забележат дури и мало отстапување во развојот и имаат сомнеж дека се работи за развоен проблем или доколку сметаат дека нивното дете е побавно од другите или едноставно не е како другите врсници, нашата препорака е родителите да се обратат на стручно лице. Kолку што порано се постави дијагноза и се започне со третман, толку побрз ќе биде напредокот кај детето и ќе се подобри неговиот квалитет на живот“, вели проф. д-р Анета Демерџиева, специјалист по педијатрија.

МУЛТИДИСЦИПЛИНАРЕН ТИМ И НАЈСОВРЕМЕНА ТЕХНОЛОГИЈА

Тимот во Центарот за дијагноза и третман на деца со пречки во развојот го сочинуваат: развоен педијатар, кој ја прави првичната проценка на отстапувањата од развојот и поставува сомнение за евентуална дополнителна педијатриска обработка (метаболички скрининг, лабораториска проценка, генетско тестирање, особено кај деца со елементи за ментална регресија и ретардација, аудиолошки скрининг кај деца со проблеми во говорот и цела низа дополнителни иследувања, зависно од клиничката слика кај секој пациент индивидуално) и двајца педијатриски невролози, кои прават проценка на невролошкиот статус на детето, комплетна невролошка обработка и по потреба поставуваат индикација за дополнителни снимања – ЕЕГ, магнетна резонанца, лабораториска и генетска проценка. Во проценката на децата со отстапувања во развојот се вклучени и двајца специјални едукатори, кои покрај дефектолошкиот третман се искусни во логопедскиот и сурдолошкиот третман, како и во работата со деца со оштетен слух, односно деца со слушни амплификатори и децата со кохлеарни импланти. Новитет во тимот е приклучувањето специјалист по детска психијатрија, кој овозможува психолошка поддршка на детето и семејството во сите развојни фази, но и третман на  деца со попречени интелектуални способности и деца со типичен развој, кои поради развод, загуба, болест, манифестираат знаци на атипичен развој. Во однос на доцнењето во развојот детскиот психијатар ги третира и раните почетоци на опсесивно-компулсивното растројство, детската шизофренија, раните почетоци во нарушувањата во исхраната (анорексија, булимија), себеповредувачкиот модел на однесување кај децата, отсуството на емоционална регулација, афективните нарушувања со ран почеток, депресија, анксиозност, биполарно афективно растројство и сл. Како дел од тимот што работи во третманот на децата со пречки во развојот, вклучени се и психолог, физиотерапевт, како и нутриционист. Со ова целосно ќе бидат опфатени сите сегменти потребни за комплетен третман кај децата.

ПРОЦЕНКА НА РАЗВОЈОТ СПОРЕД СТАНДАРДИЗИРАНИ ПРОТОКОЛИ

Проценката на развојниот процес и неговите нарушувања се изведува според стандардизирани постапки и протоколи, со користење на најнови апарати за ултразвучен, неврофизиолошки и невроимиџинг иследувања. Ехосонографски преглед на централниот нервен систем се прави со современ апарат за ултразвучна дијагностика, електроенцефалографски приказ на мозочната функција со неврофизиолошка и видео регистрација со современ видео ЕЕГ-апарат, а најсовремениот апарат за магнетна резонанца 3 Tesla овозможува суптилна дијагностика на невроархитектониката и кај најмалите пациенти.

ПР објава