ВО ПЕТОК СТАРТУВА „БИЗНИС МУАБЕТИ“ - следете нè со новиот подкаст на порталот Фактор
Почитувани читатели,
Во петок оваа недела реномираниот портал Фактор воведува уште една новина во своето работење, со која се обидуваме уште повеќе да се доближиме до Вас и до Вашите потреби, а секако, и да ги следиме модерните трендови во новинарството и во медиумското работење.
Имено, стартувајќи од петок, па секоја наредна недела во истиот термин, преку нашиот портал ќе можете да ги следите новите епизоди од серијалот подкасти со наслов „Бизнис муабети“, одбран токму во духот на доминантно економската определба на нашиот медиум.
Водител на подкастот ќе биде добро познатиот на македонската јавност новинар Мишко Иванов, уредник на многу популарни и гледани телевизиски емисии во својата кариера во изминатиот период.
Гости на нашиот подкаст ќе бидат еминентни имиња од светот на бизнисот, политиката, општественото живеење, власта, опозицијата, но и многу други релевантни соговорници чии професионален ангажман или делување оставиле печат на околината која не опкружува.
Првиот гостин, како што гледате од фотографијата, е познатиот некогашен политичар, експерт и бизнисмен, Имер Селмани.
Почитувани читатели, да се подготвиме за едно малку поинакво новинарско патување со нашите и Ваши „Бизнис муабети“ со Мишко Иванов.
А Фактор, секако, продолжува за Вас да ги објавува најинтересните и најактуелни теми и информации од областа на економијата, политиката и светските случувања, како и досега.