Војдан Стојановски: Публиката да биде наш шести играч, на победа против Норвешка

Војдан Стојановски вечерва ќе ги поведе неговите соиграчи кон уште еден репрезентативен предизвик. Натпреварот од третото коло од групата „Д“ во кој за противник на имаме репрезентацијата на Норвешка. Селекција која по две одиграни кола од групата „Д“ има ист скор како нашата – две победи.  

„Ја гледавме Норвешка, станува збор за добар тим кој игра кошарка со многу движења и силна транзиција. Главен адут им е тоа, транзицијата, доста трчаат. Се работи за специфична репрезентација, со квалитетен офанзивен скок. Наше е да го затвориме нивниот најдобар играч кој им е на плејмејкерската позиција и да ја спречиме транзицијата. Мора сите 40 минути да играме фокусирано и квалитетно. Шутот за тројката исто им е доста добар, токму поради таа транзиција, на последниот меч со Данска дадоа 20 тројки, со 65% ефикасност.

Капитенот вели дека овој натпревар ќе го одреди во голема мерка распоредот на местата во нашата група од претквалификациите за Евробаскетот 2025.

„Нема да биде воопшто лесно, но се надевам дека ние ќе бидеме победници на крајот. Во последни пет години не сме во целост комплетни, со исклучок во август кога бевме повеќето тука и покажавме квалитетна кошарка. Во воведните два дуели немавме и натурализиран кошаркар“ - смета капитенот пред веројатно еден од клучните натпревари во овие претквалификации.

Ќе ни недостасуваат Димитријевиќ, Јакимовски и Николов, но во екипата ќе бидеме посилни за еден нов играч - Ти Џеј Шортс.

„Сите кои пратат европска кошарка знаат дека Ти-Џеј Шортс е лидер во тимовите каде и да играл. Се работи за сериозен играч со светла иднина. Пред се тој како личност е многу добар, тоа го почувствувавме веднаш на стартот, бевме како да се знаеме долго. Ќе ни биде од преголема помош сигурно“.

Вечерва од 19.часот, сите во салата „26.април“ да ја бодриме Македонија и да очекуваме и трет триумф на нашата најдобра селекција во овој втор сегмент, од квалификациската трка за место кое води во една од групите за Евробаскетот во 2025 година.

„Би сакал да ги повикам сите љубители на кошарката да ја исполнат салата до последно место и да бидат наш шести играч“- порачува Стојановски.