Воздушното загадување полека нѐ убива сите: Институциите хибернираат, надеж дава само совесната струка - протести има, ама нема кој да протестира!

Двете регистрирани депонии во Скопје, беа опожарени, пожарот во Трубарево и честите пожари на дивите депонии, се главната причина за видливо загадениот воздух во Скопје изминатиот период. 

Инаку Македонија генерално се соочува со лош квалитет на воздух на целата територија, а Скопје особено во зимските периоди се искачува на црната листа на најзагадени градови во светот и убедливо најзагаден град во Европа. 

Граѓаните апелираат, институциите немаат решение

Додека граѓаните и еколошките здруженија постојано апелираат да се најде решение за проблемот со загадувањето во Македонија, институциите со години не преземаат конкретни акции за решавање на проблемот. 

Во зимскиот период, надлежните здравствени институции како ИЈЗ даваат насоки и препораки за лична здравствена заштита на граѓаните. Освен превентивното делување, никој досега нема преземено одговорност за нарушеното здравје на илјадници граѓани како директна последица на аерозагадувањето. 

Во јавноста повремено ќе се појават евтини забави за населението, во облик на изјави на министерства за животна средина, кои велат дека „Македонија не е Швајцарија“, па веројатно затоа и не треба да се очекува чиста животна средина или директори на ЦУК, разни политички лидери кои со своите демонстрации ги разубедуваат граѓаните дека - простор за паника нема. 

Ниту еден официјален извештај за тоа што содржи воздухот по пожарите на дивите депонии, ниту информација за тоа колку тие воздушни компоненти се опасни и како ќе се одразат на здравјето на населението. 

Протести има, но нема кој да протестира 

Жителите на општина Аеродром, поддржани од граѓаните на другите општини секојдневно излегуваат на протест и испорачуваат конкретни барања до институциите, но и самите велат дека малата излезенот нема да даде никаков резултат. 

Покрај малата излезеност и несолидарноста за горливиот проблем кој ги таргетира сите без разлика на етничка, партиска, полова, возрасна и културна припадност, граѓаните се плашат дека постои опасност протестите да се исполитизираат. Односно одредена политичка партија да го преземе протестот и да го искористи за собирање на политички поени. 

Оние граѓани кои сведочеа пред новинарите, но не сакаа да се снимаат, кажаа дека веќе нема никаква смисла да излегуваат на избори зошто политичарите своите функции очигледно ги доживуваат само како привилегии, а не и како одговорност. Од таа страна институциите не се потребни, ако граѓаните секако се оставени сами на себе. 

Освен од граѓански здруженија и совесни поединци препораки за заштита од надлежни државни институции нема 

Здружението на новинари на Македонија издаде соопштение за заштита на новинарите и репортерите во случаи кога се известува од опожарено место. 

Проф. д-р Андон Чибишев на неколку наврати во медиумите, но и на својот личен фејсбук профил покажа загриженост за составот на воздухот, ги посоветува граѓаните како да превенираат контакт со токсичните гасови и да употребуваат повеќе антиоксиданти за прочистување. 

Конкретни мерки од институциите досега не се преземени и не е објавен извештај во јавноста за состав на воздух или студија која ја покажува поврзаноста на моменталната состојба на воздух со морбидитетите во Македонија. Освен поединечни заложби за решение на состојбата, системски пристап кон проблемот кој е универзален за сите граѓани на Македонија останува разгледуван само низ призмата на интересни групи, а не на вкупната популација која ги вклучува сите. 

М.С.К