Втора донација од Витаминка за противпожарната единица во Прилеп
Витаминка реализира втора донација во Територијалната противпожарна единица на Општина Прилеп. Донирано е навално противпожарно возило, марка DENNIS, од англиско производство. Донацијата е реaлизирана во соработка со Fire-Aid International, Kouzon Vrabotuvanje и Општина Прилеп.
Наменското навално возило е целосно оперативно и опремено со опрема за гаснење пожар и скали и посебно потребно за интервенции во специфични услови и тешко достапни места.
„Општествената одговорност како дел од нашата корпоративна стратегија, го опфаќа и одговорното делување на претпријатиетото во заедницата. Со оваа наша втора донација во возило, која следува по неколку денови од првата донација, ние помагаме преку брза реакција на ТППЕ да се намалат ризиците од пожари и да се превенираат можните штетни последици. Овој проект има посебна вредност и заради фактот што треба да резултира со воспоставување на една подолгорочна соработка помеѓу ТППЕ Прилеп и другите партнери во проектот, особено во делот на стручната помош и размената на искуства. Среќни сме што како компанија помогнавме таквата конекција да стане реалност и што денес го имаме противпожарното возило во нашиот град.”, изјави Орде Ѓорѓиоски директор на Секторот за правни и општи работи во Витаминка Прилеп.
Покрај навалното возило донацијата вклучува и обезбедување долгорочна стручна помош преку реализација на повеќедневна обука за користење на средствата и размена на искуства. Во рамките на обуката ќе бидат опфатени сите пожарникари од ТППЕ-Прилеп, а ќе ја изведуваат професионални инструктори од Англија.
Ова е втора донација на Витаминка во рок од две недели за потребите на ТППЕ – Прилеп. Претходната донација се состоеше од товарно моторно возило марка Mitsubishi L200.