За бонтонот во дигиталната комуникација со Бојан Кордалов: Во сферата на политичката комуникација на интернет одамна е пробиено дното на невкусот, етикетирањето, оцрнувањето на личноста на човекот...
Кога се работи за дигиталната комуникација, честопати се прашуваме дали
општиме правилно, како што треба. И соговорниците наши, се разбира. Финото,
убавото однесување е голема реткост, доминираат лошите манири во сите домени, од
писмените одговори на и-мејловите, преку Инстаграм, Фејсбук.., до политичката
комуникација на интернет. Очигледно дека бонтонот, односно нетикецијата се
применува или ретко или воопшто не се почитува. Една од причините сигурно е
незнаењето, т.е. непознавањето на утврдениот ред и правилата за убаво, фино
однесување на социјалните мрежи. Оттаму и желбата да го интервјуираме
комуникологот Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми.
ММ: Дигитализацијата ни ја олесни комуникацијата, но едновремено и нѐ отуѓи, ја нема близината веќе како некогаш. Искуствено, малкумина ја почитуваат, односно применуваат нетикецијата, следствено и правилата за убавото однесување на социјалните мрежи. Не ги знаат или..? Можеби не сакаат бидејќи дигиталната комуникација овозможува и малку инакво, поразлично однесување наспроти вообичаеното. Некогаш кажуваме работи што не би се осмелиле насамо, тет-а-тет.
Б. К.: Често сакам да потенцирам дека социјалните медиуми и, генерално, дигиталните платформи се огледало на секој од нас, а со тоа и на општеството во целина. Едноставно кажано, доколку ние, кога влегуваме на состанок или во просторија полна со луѓе, не знаеме културно да ги поздравиме присутните и да се насмевнеме, нема да бидеме различни ниту кога испраќаме електронска пошта, комуницираме во вибер-група и сл.
Сметам дека клучот за добра или инклузивна комуникација лежи во секој од нас. Колку секојдневно работиме на личното подобрување, односно дали првенствено вложуваме во создавање на подобра верзија од себе, наместо на менување на комуникациските навики кај другите околу нас!? Или, пак, во одреден момент сметаме дека сме научиле сѐ, сме го стекнале сето искуство на светот и нема зошто да се подобруваме!?
Начинот на кој ќе одговориме на оваа дилема е основа на проблемот кој го отвораме. Другото се алатки, техники и места за комуникација. Но, правилото е секаде исто - комуницираат луѓето меѓу себе, а не платформите. И само од секоја индивидуа зависи дали зборот ќе биде „отровна стрела“ која ќе повреди, натажи или вознемири некого или, пак, ќе создаде чувство на топлина, блискост, чувство на радост.
ММ: Можете ли да ни ги кажете основните, да почнеме однекаде? Кои се тие? Мејл-комуникацијата е исто битна како инстаграм-комуникацијата, на Фејсбук. Прво, зошто луѓето не одговараат навремено? Или одговараат така што се прашуваме дали пораката е во ред, па се преиспитуваме и слично? Независно, треба да работиме, да се разбереме како луѓе итн.
Б. К.: Во принцип сум личност која сака секој човек да го гледа индивидуално. Оттука би рекол дека има луѓе кои не одговараат на пораки навремено исто како што има и такви кои тоа го прават брзо, но и личности кои претеруваат со комуникацијата.
Не постои унифициран рецепт за комуникација, ниту пак правила кои идеално функционираат за сите. Постои она што се нарекува комуникација базирана на основен бонтон на поздравување, обраќање на пример со „ти или вие“, поставување на прашање кое нема никого да повреди... И, од другата страна, комуникација која навредува, повредува, шири омраза, дискриминација, етикетира итн.
Она што не е дозволено е вториот тип на комуникација. Особено поради фактот што немаме право никому да му го расипуваме денот, да пренесуваме негативна енергија или пак, да комуницираме на начин на кој ќе повредиме или навредиме.
Сѐ останато е прашање на меѓусебно разбирање и договор помеѓу лицата кои комуницираат. На пример, денешните генерации млади кои се израснати со технологијата и социјалните медиуми комуницираат многу поконцизно, со многу повеќе кратенки или емотикони споредено со генерациите претходно. Моите генерации користат многу повеќе интернационализми во комуникацијата споредено со тие пред нас итн. И тоа е сосема во ред, сѐ додека луѓето меѓусебно се разбираат, создаваат позитивна атмосфера и градат комуникација на рамноправни партнери и партнерки во комуникацискиот процес.
Комуникацијата е мошне сложен процес. Би рекол еден од најсложените кои постојат бидејќи треба истовремено да внимавате на повеќе работи - со какви зборови се изразувате, дали еден збор за вас има идентично значење и за останатите со кои комуницирате, дали пораката ќе пристигне до местото и допре до луѓето на кои е наменета, дали правилно ќе биде сфатена, каков повратен одговор може да следи, што понатаму... Едноставно, сложен процес кој, како што споменав, бара посветеност, будност и многу емпатија.
Всушност, емпатијата или земањето предвид на чувствата на другите е основата на добрата и позитивна комуникација. Едноставен совет, пред да кажеме било што некому, да го замениме неговото/нејзиното име со нашето. Ако ни се допадне тоа што ќе го слушнеме, тогаш да го кажеме тоа. Од друга страна, доколку не би сакале себе си да предизвикаме негативни чувства, тогаш очигледно не треба ниту на друг човек да му го правиме истото.
ММ: Факт е дека во дигиталната комуникација изостанува говорот на телото, кој е особено важен, мислам на гестикулациите, погледот, вклучително и бојата на гласот, но треба ли работите да ги сфаќаме лично, субјективно? Како да се поставиме? Да го игнорираме таквото однесување или..? А пропо муабетот претходно.
Б. К.: Се сложувам делумно, но би додал дека зависи каков тип на дигитална комуникација практикуваме. Всушност, токму во текот на пандемијата можевме да сфатиме дека, кога не е можно поинаку, дигиталната комуникација може да биде еднакво ефикасна како онаа во живо. Онлајн состаноци, обуки, самити дури и на светско ниво, седници на одбори на компании, далечинско учење... Очигледно дека можело и на овој начин, а тоа истовремено и да биде многу ефикасно. Но, за да не настануваат пречки или шум во онлајн комуникацијата, потребно е сите предуслови за нејзино мултимедијално одвивање. Тоа значи дека главниот предизвик останува дали сите имаме еднаков пристап до квалитетен и брз интернет, дали секој поседува квалитетни технолошки уреди за комуникација, дали имаме соодветен простор и услови од каде што ќе комуницираме виртуелно итн.
Ако овие работи ги поставиме во центарот и почнеме како општество да ги надминуваме нееднаквостите, односно обезбедуваме еднакви дигитални услови за сите, мислам дека оваа дилема ќе биде сведена на минимум бидејќи, на пример, кога држите онлајн состанок во вашата фирма, ако камерите на сите се вклучени, интернетот не „сецка“, а звукот не се губи.., тогаш сите ќе се гледаат очи в очи, ќе може да ги видиме реакциите и невербалната комуникација на секој член на тимот, буквално исто како состанокот да се одвива во живо. Но, кога пред себе имате или гледате темни прозорчиња на кои се испишани имиња или прекари, се сложувам дека не само што се губи инспирација, туку и се остава многу простор за погрешно толкување на пораките и целокупната комуникација.
Би сакал да бидам искрен со Вас, јас како човек секогаш ја преферирам комуникацијата во живо, работата или пиењето кафе во живо итн. Но, крајно време е да бидеме практични. Денот е прекраток за да постигнеме и завршиме сѐ во живо. Ако дел од работите ги направиме според сите параметри како да се во живо, а единствено каналот на комуникација кој го користиме биде дигитален, тогаш можеме да бидеме многу поуспешни, многу поорганизирани и многу подобри со секој нов ден.
Секако дека постојат работи кои не може со иста жар да се доживеат виртуелно, како на пример блискоста, нежностите, едноставно сѐ она каде што допирот е неопходен. Исто така, вие не можете својот родител, дете, партнер/ка или најблизок пријател/ка да ги гушнете виртуелно или со едноставно испраќање на емотикон преку чет апликацијата. Барем не на ист начин и со исти емоции. Но, за да ни остане време за овие работи и неопходни човечки емоции во живо, потребно е да сфатиме дека виртуелната комуникација, особено во дел од работата, ќе ни помогне многу во балансирањето на времето. Сепак, денот има само 24 часа, а неделата 7 дена. И времето е ограничено. Колку повеќе заштедиме и правилно го искористиме за работа и други обврска, толку повеќе време ќе ни остане за себе и за комуникација со своите блиски.
ММ: Кога се лајковите, па и емотиконите во прашање, каква е нивната порака? Што кажуваат? Недостиг на време да се одговори како треба или..? А, често и погрешно ги толкуваме.
Б. К.: Порака на новите генерации би рекол. И одговор на динамичното време во кое денес живееме. Ова е свет на неограничени можности и информации, желби без лимит.., необјаснива потреба да се постигне сѐ, да се биде на многу места истовремено.
Во таква ситуација мора од нешто да се откажеме, па неретко посегнуваме по должината на одговорите. Ваквата ситуација ја препознаа технолошките компании, кои вложуваат многу во инвентивни емотикони и различни „лајк“ пораки, нивна лесна достапност, како и во креирањето на стикери за брза употреба кои често добиваат и комерцијална употребна вредност.
Како ќе ги разбереме и протолкуваме зависи од секој од нас индивидуално, но како што споменав комуникацијата подразбира да се осигураме дека и испраќачот и примачот на комуникациската порака еднакво го разбираат јазикот и значењето на комуникацијата. Мој совет, подобро прашајте или укажете доколку нешто ви пречи и воспоставете заеднички прифатливи правила за меѓусебна комуникација со секоја личност.
ММ: Истото важи за големите букви, т.е. нивната употреба во писмената комуникација. Која е пораката? Се мисли дека е одраз на лутината.
Б. К.: Тука целосно би се сложил со Вас. Дефинитивно, упорното користење на зборови и реченици со големи букви испраќа порака дека викате, се лутите или, кратко кажано, водите агресивна комуникација. Препорачувам да се користи основната писменост во комуникацијата (особено во професионалната) и големата буква да се користи онаму каде што ѝ е местото - на почетокот на секоја реченица, кај одредени кратенки и како прва буква на зборови каде што правописот го налага тоа.
ММ: Направете дистинкција меѓу и-мејлот, Фејсбукот, Инстаграмот. За што служи првиот, а која е намената, целта на останатите два? Дали е-поштата се користи професионално, а другите социјални мрежи се повеќе релаксациски, да се разонодиме? Или..?
Б. К.: Сметам дека секој технолошки дострел има и професионална и лична употребна вредност. На пример, електронската пошта ние можеби ја користиме главно или само за професионална комуникација, но друга личност ја користи за да добива известувања за животот и активностите на своите омилени јутјубери, актери и актерки, групи итн.
Најважно е секој социјален медиум или дигитална алатка за комуникација да се користи според интерните правила, да не се наштетува никому, а особено да не се шири омраза, дискриминација или поттикнување на каков било тип на сајбер насилство.
Останатото е наш избор - дали ќе решиме да се вмрежуваме преку Фејсбук со наши истомисленици за работа или забава, дали ќе се одлучиме да дебатираме во отворени групи со различни мислења или, пак, нешто друго, е сосема во ред. Сѐ додека тоа е наш избор и не ги крши правата на другите поединци.
ММ: Што смееме да објавуваме на Фејсбук, Инстаграм? Односно, што би требало да постираме? И обратно, се разбира. Тука се измешани работите, корисниците на интернет објавуваат сѐ, буквално. Не случаен е говорот на омраза. Какви фотографии, пишани текстови, видеа? Како да се заштитиме од секојдневните провокации, говорот на омраза?
Б. К.: Кога би постоел унифициран одговор на ова прашање, веројатно би се вратиле 15-20 години назад и социјалните медиуми и интернетот, каков што го знаеме денес, не би ни постоеле.
Дигиталните платформи се измислени и постојат за комуникација и вмрежување. Во кој домен ќе биде комуникацијата, дали ќе бидеме активно вклучени или пасивно ќе решиме да восприемаме информации и дебата е само личен избор.
И да, измешани се работите во онлајн просторот, исто како што секој од нас е различна личност. Затоа повторно доаѓаме до тоа дека интернетот е огледало на секој од нас, а со тоа и на општеството во целина.
Но, целосно сте во право кога велите дека не смее да има ниту милиметар слободен простор за користење на говор на омраза од никого и кон никого.
ММ: А пропо дигиталната, интернет-комуникација, дали е одраз на фрустрациите, комплексите? Мислам на простачките манири. Дали можеме да говориме за психолингвистика? Забележлив е т.н. его-идеал, вклучително и супериорноста. Многумина се однесуваат небаре околу нив се врти светот. Како да се однесуваме со таквите комуникатори?
Б. К.: Ако ми дозволите, тука би сакал да бидам најдиректен. Со секое нарушување на личноста можат да се занимаваат само стручните лица, односно психолозите или психијатрите. Исто како што со секој говор на омраза, дискриминација, навреда може и мора да се занимаваат надлежните државни институции во делот на личните податоци, внатрешните работи и сл.
Мислам дека колку повеќе се наоѓаме онлајн со индивидуи и групи со кои одлично ни оди комуникацијата и уживаме во неа, толку повеќе сме на правиот пат.
ММ: Неминовно е прашањето и за инкогнито, лажните профили. Говорот на омраза е всушност нивен, во најголем број. Нивното следење ужаснува, како и поканите за пријателство. Каква им е намерата, целта? Што препорачувате, да ги блокираме одма?
Б. К.: Ако ми дозволите, би направил мала дистинкција пред да одговорам. Постои едно важно правило при носењето на правни акти. Тоа вели дека вие како законодавец не можете да носите правила ставајќи се во позиција на сите начини на кои тие може да се прекршат бидејќи умот на луѓето кои се склони кон прекршување на правилата и умот на тој што сака да донесе правила со цел еднакви можности за дејствување на сите луѓе функционираат различно.
Оттука не би можел ни јас да ги идентификувам причините зошто некои луѓе креираат лажни профили - дали тоа е поради љубов, желба за следење на туѓите живот, можеби криминална активност итн.
Но, универзалното правило вели: „Како што и во секојдневието комуницираме со луѓе што ги знаеме или гледаме кои се, па сакаме да ги запознаеме, истото тоа треба да го примениме и во интернет просторот“. Секако, ова важи за личните профили и начини за комуникација. За професионалните е многу пошироко и покомплексно, односно нивото на отвореност е целосно и речиси без ограничување на тоа кој може да ги следи достапните онлајн содржини.
ММ: Истовремено, психозата во смисла на вознемиреност е присутна и надвор. Дигиталната комуникација визави реалноста, каква е нивната поврзаност, обусловеност, зависност? Можеме ли да ги одвоиме, да го напуштиме виртуелниот свет и да живееме како некогаш, стварно? Притоа не мислам целосно бидејќи се навикнавме, туку да забавиме некако.
Б. К.: Искрено, не сум сигурен дали можеме да забавиме, па дури ни дали ќе можеме да ги двоиме во иднина. Технолошкиот напредок и базирањето на сите лични и професионални процеси на дигиталната технологија се одвива со голема брзина што, ако ние се вратиме само 10 години наназад, нема да ни се верува дека сме можеле да функционираме без „паметен телефон“. Или, ако се отиде само 20 години наназад, тешко дека ќе можеме да замислиме да поминеме една недела без мобилен телефон. Ајде денес кажете му на родителот дека нема да може телефонски да го побара своето дете - средношколец/ка кога ќе биде надвор од дома. Каква ќе биде реакцијата и дали ќе го дозволи тоа?
Истовремено, замислете како им е на помладите генерации, особено целата генерација „Z“ - личности кои се родени, живеат, учат и почнуваат со работа во ера на интернет, неограничени дигитални можности и технологии.
Затоа, неопходно е за почеток да ја прифатиме новата реалност во која дигитализацијата игра клучна улога, да ги идентификуваме сите позитивни страни и придобивки кои ги носи за нас и особено за идните генерации. Во оваа прилика ќе споменам само неколку - дигиталната трансформација носи високоплатени работни места, квалитетни јавни услуги и отстранување на корупцијата.
Кога ова ќе го апсолвираме, без одлагање ќе започнеме како општество да работиме на практично стекнување на вештини во делот на дигиталната писменост. Секој во свој сегмент и надлежност, се разбира.
ММ: Неодминлива е политиката и во светот на виртуелноста, меѓупартиската конфронтација исто така. Секојдневно се соочуваме со нив. Што вели нетикецијата, дали е дозволено кршење на копјата, до каде може да се оди? Мислите дека се претера?
Б. К.: Во сферата на политичката комуникација на интернет, мислам дека одамна е пробиено дното на невкусот, етикетирањето, оцрнувањето на личноста на човекот...
Токму затоа, денес политиката станува неактуелна, кругот на луѓе кои ги следат дневнополитичките случувања се намалува, настапува огромна апатија и сѐ помало учество на граѓаните во општествено-политичкиот живот.
Кај младите генерации бројките се уште пониски, односно подалечни од стратешката цел на секоја демократија - да ги вклучи сите луѓе во општествените процеси и особено во процесите на избори и одлучување.
Веќе нема каде да се движиме по ова прашања. Буквално, партиите возат по инерција и без кочници. Имаат два избора: или ќе сфатат дека одамна не се центарот на светот и дека мора да се свртат кон својот работодавач - народот и да почнат да работат единствено во интерес на сите граѓани, наспроти за нивниот личен или партиски интерес. Во спротивно, композицијата на политички систем кој го имаме денес е прашање на време кога целосно ќе се промени, а ќе остане само прашањето колку од тој процес ќе биде оштетена демократијата и слободите на сите луѓе.
Дополнително, лошата комуникација во рамките на пандемијата на ковид-19 ги забрзува ваквите процеси и создава ветер кој дува прилично неповолно за демократските процеси.
ММ: Што мислите, дали социјалните мрежи, односно дигиталната, интернет-комуникација предизвикува и зависност? Како да се ослободиме? Според Вас, колку време да поминуваме на интернет во текот на денот? На што да обрнеме внимание за животот да не го сведеме на трансценденција, условно кажано. Сепак, реалноста нема допирни точки со виртуелноста. Или, пак, има?
Б. К.: Мислам дека реалноста сѐ повеќе ќе има допирни точки, па дури на многу места во иднина ќе се претопи со т.н. виртуелна реалност.
Лично, го поздравувам потегот на групацијата на Фејсбук со основањето на „Мета“, т.н. метаверзум кој има задача да ги спои оваа и виртуелната реалност. Мора да зборуваме и работиме на оваа тема бидејќи е во интерес на секој од нас.
Дигиталната писменост кај луѓето е навистина многу важна бидејќи уште отсега важи правилото дека или ние ќе знаеме како да ја користиме технологијата и социјалните мрежи за нашите потреби или, во спротивно, стануваме нивни робови и зависници. Па, сега замислете колку оваа дигитална писменост ќе биде важна во блиска иднина.
Токму на ова треба да работиме како општество - како практично секој човек од најмала возраст да стекне висок степен на познавања и вештини од дигиталната писменост, односно да научи практично како да ги користи технологијата и дигитализацијата во своја полза - за подобар живот, поквалитетно учење, подобра продуктивност во работата итн.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Бојан Кордалов/ Unsplash