За првпат во Македонија вино од чиста сорта Carménère на Винарија Камник

Carménère 2019 е новото вино на Винарија Камник, прво во земјата и регионот што е направено 100% од истоимената сорта грозје. Со својот изразено зачински вкус и чист состав, Carménère 2019 маѓепсува и плени со овошно-зачински ароми, изразени пиперкасти ноти и вкусови на цреша, преточени во својот автентичен и живописен јужначки шарм. Маркантноста и специфичниот карактер со кои ова вино освојува се пресликани во етикетата со авторски потпис од страна на реномираниот македонски уметник, Михаил Корубин.

„Инспирацијата што нè водеше да го создадеме ова вино е неговиот дистинктивен карактер и реткост, посебно во нашиот регион. Предизвик да создадеме нешто уникатно и да му дадеме живот. Carménère 2019 е првата чистосортна берба од ова вино, чијашто доследност планираме да ја продолжиме и понатаму. Во поширок контекст, со создавањето на ова вино ја откриваме Македонија како регион со извонреден потенцијал и за оваа сорта. На изненадување на сите, тероарот е навистина посебен и овозможува одгледување и на сортата Carménère со врвен квалитет. Го зачувавме името со цел креирање препознатливост со сортата, а во исто време поттикнуваме и едукација кај сите љубители на виното. Покрај сите овие вредности, етикетата на виното Carménère 2019 носи и свој автентичен потпис, насликана како авторско дело на Михаил Корубин кој преку својата уметничка рефлексија го искажа доживувањето на Carménère 2019”, велат од Винарија Камник.

Впечатливоста кај Carménère 2019 на Винарија Камник прво се јавува визуелно во неговата кармин црвена боја, за вистинската заводливост на ова вино да се доживее од интригантната и специфична комбинација на ароми и вкусови кои совршено се дополнуваат меѓу себе. Доминантни се неодоливите ноти на бибер и печена пиперка, проткаени со вкусови на цреша, темно чоколадо и тутун, обликувани со меки танини. Сортата Carménère оригинално потекнува од винскиот регион Бордо, за подоцна својот триумф да го доживее во Јужна Америка. Целосното доживување од виното Carménère е незаборавно, по што се празнува и денот на ова вино секој 24ти ноември.

Винаријата Камник постои повеќе од 15 години и претставува синоним за динамична и модерна средина во која креативноста и науката создаваат современа експресија на автентичната македонска традиција на правење вино. Резултатот се вината на Камник, чиј квалитет и посебност се препознаени и одликувани на најпрестижните светски вински натпревари.


ПР објава