За публиката се даваше во целост и до крај: 13 години без Гоце Арнаудов

На денешен ден пред тринаесет години почина Гоце Арнаудов, еден од најдобрите и најтрофејните македонски пејачи. Препознатлив по енергичните настапи со отсечни движења, но и по уникатниот моден израз, Арнаудов дефинитивно беше појава на музичката сцена.

„И кога те нема, твојата песна е жива“, напиша на една годишнина од смртта на пејачот неговата ќерка, познатата пејачка, авторка и хуманитарец Критина Арнаудова.

„Дали чекаш стара мајчице“, „Ај да беше стрела песната“, „Штом ноќта помине“.. Едни од најдобрите фолк-рефрени ги отпеа токму тој. Неговите струмичани му се одолжија со споменик поставен во малиот градски парк, дело на уметникот Митко Тошев.

Беше експлозивен на сцена, штом се симне од неа - тивок и повлечен, скромен и најчесто во метежот скриен во некое ќоше. 

За другарите беше другар за цел живот, за децата најдобар татко кој никогаш не применил родителски и воспитни мерки, за соработниците најголем професионалец, на неправдите реагираше жестоко, а за публиката се даваше во целост и до крај.

За неговата сопруга Силвија Арнаудова (62) беше цел еден живот и покрај сите препреки и забрани.

- Со Гоце бев речиси цел мој живот, од мои 15години. Тој и беше мојот живот. Со него поминав и многу искушенија и препреки, но и безброј среќни моменти кои го чинат животот. Тој нѐ напушти на свои 57 години. Останав без Гоце кога имав 50 години. Од тогаш до денес како да ми застана времето. Немам промени во чувствата кон него, љубовта останува и тоа непроменета. – рече Силвија во еден разговор за Женски магазин.