Задолжително читајте ја декларацијата на храната. Важно е!

Голем број Македонци едноставно немаат навика да ги читаат декларациите на храната што ја купуваат но свеста за тоа полека се менува. Родителите сепак внимаваат кога купуваат храна за бебе и најчесто го читаат составот на кашичките и соковите. Не е сеедно дали купувате храна за бебе од 6 месеци или за дете кое има повеќе од 2 години. Неопходните нутритивни вредности варираат во зависност од возраста, затоа е многу важно правилно да ги протолкувате податоците напишани на декларацијата за храна за деца.

Доколку сеуште не знаете на што треба да обрнете внимание кога ја читате декларацијата, дозволете да ви помогнеме.

Декларацијата претставува „лична карта“ на секоја храна, го открива нејзиното потекло, намена и состав.  Информација за тоа колку масти му се потребни на едно двегодишно момче, или колку витамини на едно петгодишно девојче ќе најдете на означените места на амбалажата од храната или витамините. Секаде се јасно назначени препорачаните вредности.

Задолжително прочитајте го делот од декларацијата во кој се наведени името на храната, состојките, со болдирани букви или нагласен фонт се означени алергените, наведена е количината на одделни состојки или категории состојки, нето количина на храната, рокот на траење, посебните услови за чување и начинот на употреба – кога е тоа потребно.

Список на состојки претставува листа на сите состојки по опаѓачки редослед, вклучувајќи ги и адитивите и ензимите кои се користат во производството и подготовката на храната, а се присутни во речиси сите производи дури и во изменет облик.

Адитивите се назначуваат со наведувување на категоријата и називот на адитивите или нивниот Е број.

Аромите се наведени на декларацијата под ознака ароми. Нето количината се изразува во единици маса.

Нутритивната таблица на производот ги содржи хранливите вредности на производот односно нѐ информира колку се хранливи 100г/100мл од дадениот производ. Оваа таблица всушност ја има најважната улога на декларацијата бидејќи го покажува влијанието на производот врз здравјето на луѓето. Јасно наведените хранливи вредности на секој производ може да бидат корисна информација за мотивација во напорите да се избориме со гојазноста и хроничните болести поврзани со исхраната. Мали промени во калорискиот внес или внесот на поедини нуртиенти на индивидуално ниво може да резултираат со значајни промени на ниво на здравјето на целата популација.

За да знаеме колкава количина на одделни намирници треба да консумираме првенствено треба да знаеме колку енергија нѝ треба дневно, а тоа зависи од возраста, полот, активностите,итн, и таа енергија да ја добиеме од внесената храна. Имајќи ги потребните информации од декларацијата можеме полесно да одржуваме баланс меѓу енергијата која ја внесуваме со консумирањето храна и енергијата што ја трошиме секојдневно за извршување на сите телесни и умствени функции. Во просек, возрасен човек треба дневно да внесе преку храната 2000 калории и тоа распоредени на следниве хранливи материи: масти 70г, заситени масти 20г, јаглехидрати 260г, шеќери 90г, протеини 50ги сол 6г.

Шеќери:

1.Производот кој има нутритивна ознака „без шеќер“ не смее да содржи повеќе од 0,5г шеќер на 100г или 100мл производ.

2.Производот на кој е назначено дека „содржи мала количина на шеќер“ не смее да има повеќе од 5г шеќер на 100г производ или 2.5г на 100мл ако производот е течност.

3.Ознаката„без додаден шеќер“ значи дека тој производ не содржи никакви додадени моносахариди или дисахариди нити друга храна која поради своите својства може да се коористи за засладување. Што значи дека во тој производ не смеат да се додаваат ни засладувачи.

Енергетската вредност и количините на хранливи материи дополнителнио може да се изразат и по порции/потрошувачки единици на храна. Порциите или потрошувачките единици мора да бидат наведени во непосредна близина на нутритивната таблица и на декларацијата мора да биде наведен бројот на порции и/или бројот на потрошувачки единици кои се содржани во пакувањето. Информациите може да бидат прикажани по порции и/или потрошувачки единици но не како замена за 100г/мл храна.

Совет за родителите

Масти – иако може да ве исплаши вкупната количина на масти во детскиот оброк сетете се дека на децата под 2 години мастите им сепотребни и не треба да се обидувате да го намалите  нивниот внес.

Големина на оброкот – секој оброк за деца се базира на просечната количина храна  што треба да ја изеде дете во рамките на еден оброк, секако во зависност од тоа дали се работи за возраст до 1 години или на возраст од 1 до 3 години.

Дневни вредности – на декларацијата се наоѓаат изразени во проценти дневните вредности протеини, витамини и минерали кои детето треба да ги внесе во својот организам. За разлика од декларациите на храната за возрасни, овде нема да најдете дневни вредности за заситени масти, холестерол и останати состојки кои не се соодветни во исхрана на бебиња и деца.