Завладеа страшна, злокобна тишина, а по неа, силен татнеж: 61 години од кобните 20 секунди - Никогаш да не се повтори скопскиот земјотрес

И по 61 година од катастрофалниот скопски земјотрес сѐ уште се свежи сеќавањата на старите скопјани. Велат болката по загубените семејства е голема. Иако поминал  повеќе од половина век, раскажуваат за разурнатите домови и објекти кои како кули од карти згаснувале пред нивните очи. 

„Беше мугра. Одеднаш се слушна силно мјаукање на мачки, лаеж на кучиња, а страотни крикови на животни се слушаа дури и од Зоолошката градина. Јата птици во хаотичен лет одлетаа од покривите...На улицата се појави наезда на стаорци кои бегаа од подрумите на сите страни. Веднаш потоа завладеа страшна, злокобна тишина. А по неа, силен татнеж. Облак од густ прав ја покри улицата. Кога правот се сталожи, видов дека се е претворено во пепел."

Ова е само едно од многуте сведоштва за утрото на 26-ти јули 1963-та година, кога земјотрес со јачина од 9 степени според меркалиевата скала во 5 часот и 17 минути го разбуди и го разруши Скопје. Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 150.000 квадратни километри, најсилно низ долината на реката Вардар (5-6 степени), но и низ цела Македонија (4-5 степени), па и во соседните држави. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Под урнатините животот го загубиле 1070 негови граѓани, а биле повредени над 4000 граѓани. Штетата од земјотресот е проценета на 15% од БДП-то на цела Југославија за таа година или во денешна вредност помеѓу 3 и 5 милијарди долари, односно повеќе од целиот годишен буџет на Република Македонија. Апаратите до крајот на денот регистрираа 122 потреси, а уште 411 до крајот на годината. Земјотресот траел 20 секунди.

Причини за катастрофалните последици од земјотресо

Покрај наведените огромни штети, земјотресот сепак бил од локален карактер, а се смета дека неговиот епицентар бил кај населбата Злокуќани. Иако според магнитудата од 6,1 степени спаѓа во групата на земјотреси со средна јачина, жариштето (хипоцентарот) било плитко, што придонело за катастрофалниот ефект, големите штети и бројните жртви. Интензитетот на земјотресот се движел помеѓу 5 и 6 степени според MCS во најмалку погодените делови од градот, па сe до 10 степени каде што имало тотални уривања (околу плоштадот Слобода и во Kарпош). Друга причина за големите разурнувања е и тоа што тогаш ниту една од зградите не била сеизмички проектирана. Масовно биле урнати, пред се објектите со ѕидови од тула.

Скопје - „град на солидарноста“

По земјотресот градот почнал да се гради според модерните проекти на јапонецот Кензо Танге и на Адолф Циборовски. Старата железничка станица денес е „Музеј на Град Скопје“ и претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути изутрина.

Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики. По неколку дена почнала да пристигнува помош и спасувачки екипи од целиот свет. Дури 87 држави во светот испратиле некаква помош во Скопје и помогнале тој да се изгради повторно, поради што градот го носи и епитетот „град на солидарноста“. Во Скопје, за првпат во времето на Студената војна меѓу капиталистичкиот запад и комунистичкиот исток, се сретнале американски и советски воени сили кои заеднички им помагале на скопјаните.

Историја на катастрофални земјотреси

Во својата долга историја, градот Скопје повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот помеѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518-та година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 - 11 степени. Катастрофалниот земјотрес наполно го уништил Скупи. За време на потресот биле создадени многу пукнатини во земјиштето. Од околните ридови се урнале големи маси карпи. Скопје потоа бил изграден на денешното место. Македонија, поточно регионот околу реката Вардар, е зона со висока сеизмичка активност. Во историјата Скопје два пати бил целосно разрушен од земјотреси: во 518-та година кога бил уништен Скупи, но и во 1555-та година.