Жика Јакшиќ: Скопје го памтам по бакнежите со една девојка

Идејниот творец и водител на шоуто „Никогаш не е доцна“, Жика Јакшиќ по 15 години повторно го посети Скопје. Вели дека за нашата метропола го врзуваат многу спомени и среќен е кога повторно се дружи со своите пријатели во градските кафеани. Нашата покана за интервју ја прифати веднаш. На прашањата за порталот Женски магазин одговараше искрено и со емоции, исто како што ги води и емисиите.

ЖМ: Која е причината што дојдовте во Македонија?

- Имам многу пријатели во Македонија, кои долго време не сум ги видел. Еден од нив е и Немања кој ме покани на отварањето на неговиот клуб „Студио 70“. Се наместија работите и ете ме во Скопје. Дојдов со радост, после 15 години. Ќе прошетам низ Скопје, градот кој ми е многу драг и ме врзуваат некои убави спомени за него. Се сеќавам кога бев седмо одделение, бевме на екскурзија, тука во Скопје и паметам некои бакнежи со една моја школска другарка покрај Вардар. Тогаш излезе албумот на Здравко Чолиќ „Главо луда“, беше седумдесет и некоја година.

ЖМ: Секогаш зборувате отворено и искрено за жените во вашата емисија коишто и овде се емитува. Од каде таа голема почит кон жените, кој ви беше пример?

- Секако дека ги почитувам жените. Така сум воспитан, гледајќи го односот на моите родители научив да имам голема почит кон нив. И тука нема ништо посебно. А тоа што сум отворен, немам причина што да кријам. Правев секакви грешки во животот. Но, тоа е живот, не сум безгрешен. Јас сум искрен и чесен.

 ЖМ: Која ви е најголема грешка?

- Не правев некои големи грешки, нешто што оставило последици врз мојот живот. Зборувам само за ситни нешта, од невнимание, човек може да направи нешто па со тоа да повреди некој друг. Не затоа што тоа го сака, туку затоа што не внимава. Или поради некои наши, да речеме, моменти во афект, па кога ќе излезе некој лош карактер. Тогаш човек знае да повреди некого можеби неправедно. Животот е живот, нема тука грешки. Одите по некој свој замислен пат, но драгиот Бог има и свои патишта за нас. И некогаш тоа не се поклопува и се случуваат некои работи, па Бог нѐ враќа на некој наш пат, кој можеби ние и не го гледаме. И во таа смисла, немам никаква грешка. Јас сум среќен и задоволен човек. 

ЖМ: А што сметате дека ви е најголем животен успех?

 - Сметам дека мој успех е што успеав да се оженам двапати и што имам два сина. Тоа ми е успех, затоа што се остварив како татко. Ја исполнив должноста на потомството, која секој човек треба да ја остави позади себе. И друго, успех ми е што мојот постар син е многу воспитан, вреден, што заврши училиште, работи, се труди. Тоа не е некоја моја заслуга, повеќе е заслуга на мојата прва сопруга, но во секој случај тоа го доживувам како и мој успех. Многу сум горд на него. Помладиот син е дете, има 13 години, но се надевам дека и од него ќе биде човек. 

ЖМ: Дали сте моментално вљубен?

- Ја немам таа фаза на вљубеност којашто ја имав кога бев помлад. Човек во години просто созрева и поинаку доживува сѐ околу себе. Не само љубовта. Дали сум вљубен? Сум. Всушност сега сум вљубен во животот. Тоа е број еден. Можам да кажам дека малку се вљубив во себе, но не во онаа нарцисоидна смисла. Едноставно малку научив да почитувам некои свои волји и желби. Си обезбедив да бидам слободен човек и да имам поголем суверенитет на одлучување. А што се однесува на љубовта, во смисла на машко – женски односи, тоа не е истата вљубеност која што беше некогаш. Она, вљубен па изгубен. Па, изгубил глава. Но, секако е една убава емоција. Само што сега, кога човек е постар, љубовта е повеќе контролирана од некој разум, во смисла што повеќе не го идеализирам толку светот околу себе и не очекувам сето тоа да биде идеално. Ниту се трудам. Туку просто прифаќам така како што е и уживам во тој некој заеднички однос. Колку што е можно да трае, што повеќе да ти е убаво...

ЖМ: Додека разговараме забележувам дека фацијалната експресија ви е иста како и на телевизја. Зборувате со страст, емоции. Популарнсота не го сменила вашиот карактер, како ви успеа? 

- Не сум размислувал на таа тема. Но, сега набрзина додека ми го поставувавте прашањето, во главата си сложив неколку мисли. Мојата популарност, тој естраден момент, одеше некако постепено. Додека бевме група „Ритам срца“, имавме три албуми и тогаш полека имавме некоја популарност. Но, тоа не беше популарност насочена на мене лично, туку на нас четворица како бенд. Но, во тоа време ние многу работевме со најголемите ѕвезди. И можеби гледајќи ги нив, а подоцна и во „Ѕвездите на Гранд“, тие млади пејачи, гледајќи како наглата популарност се одразува на човекот – сфатив дека е тоа тешко бреме и дека е тешко тоа бреме да се носи. Од една состојба преку ноќ преминувате во друга. Кога ќе станете популарен, препопуларен. Дури мислам и дека тие луѓе не се виновни. Виновно е опкружувањето, затоа што во принцип прво се менува тоа и зазема еден поинаков став. Кога ќе дојде таа интеракција, тогаш всушност тоа се пренесува на личноста и таа помислува дека е најпаметна, најубава. Во таа смисла, можеби се разликувам. Го немам тоа чувство. Гледам луѓе што ми приоѓаат, со насмевка и ја доживувам таа популарност. Не сум слеп за тоа. Но, многу ми е драго што тие луѓе ми приоѓаат како на човек. Без никаков страв, само да покажуваат со прст на мене: „Ене го Жика.“ Туку ме познаваат и велат: „Еј, Жиле! Каде си, Жиле!“ Ми приоѓаат и тогаш тоа ми годи и просто не сум се подигнал на некој друг пиедестал, па од некоја висина да го гледам светот околу себе. Луѓето ги доживувам исто како што сум ги доживувал и порано. Можеби само малку позрело и со повеќе разбирање. Во таа смисла, сега сум можеби уште повеќе на земја, отколку што бев порано.

ЖМ: Дали како млад ги покажувате емоциите со солзи или тоа се случува сега кога сте позрел и поискусен?

 - На пример, сега ќе покажам солзи затоа што ја гледам Калиопи која ни се приближува додека разговараме. Како млад бев уште повеќе емотивен. Сега со годиниве, малку повеќе зрелост и последниве година - две изгледа ме стигнува тој животен баланс. Некако тие емоции сега се на друг начин. Но, ми тргнува солза, просто ме трогнува, што да правам?

ЖМ: Што ви значи проектот „Никогаш не е доцна“?

 - Мене ми е тој поубав од било која забава, било која прослава, било кој настан којшто ми се случувал во нормалниот живот. Таму одам со волја да уживам.

Соња Алексоска Неделковска

Фото: Инстаграм