Решив да ги напуштам студиите за да го бркам својот сон: Никола, режисер на првиот македонски краткометражен анимиран „sci-fi“ филм

Никола Ангелкоски по професија е концепт артист/генералист кој што работи во филмската и гејм индустрија веќе 5 години. Токму тој е режисерот на Конструкт 42, првиот македонски краткометражен анимиран „sci-fi“ филм, кој ќе ја доживее својата премиера во 2021-ва година.

ММ: Од кога се јави желбата за креирање вакви содржини, објасни ни што подетално правиш?

- Отсекогаш сум бил човек кој што повеќе живеел во својата глава (креирајќи светови). Филмската инудстрија одсекогаш ме привлекувала како дете, но, никогаш не ја најдов мотивацијата ниту пак образованието во Македонија за да го работам тоа што го сакам и некако кренав раце од тоа.
Додека студирав „Бизнис и Логистика“ некако не чувствував лично задоволство ниту пак не се чувствував исполнет за да ја работам таа професија и некако во текот на  втората година од моите студии налетав на онлајн лекции за оваа професија (филмска), и така се останато беше историја. Решив да ги напуштам студиите за да го бркам својот сон.

MM: Колку во нашата земја се препознава твојот талент?

- Македонија е земја која што е полна со неоткриен тален, или талент кој што ретко се цени и негува. Знам јас на моите почетоци многумина мислеа дека ова е само „пасија“ и ќе остане само тоа. Доволно е само да покажете дека сте озбилни во вашите цели и целиот универзум ќе работи во ваша корист.

MM: Дали си работел интернационално? Раскажи ни нешто повеќе за искуството?

- Моето работно искуство го носи почетокот во македонската фирма Фх3х како пејнт артист, каде што имав чест да работам на крупни проекти кои што ми дадоа многу поголем увид за како се работи еден филм снимен на зелено платно и кои чекори се потребни за финализирање на една сцена од филм. За жал никогаш не добив одобрување од фирмата да објавам на сè што сум работел за тоа студио. По 2 години мојата приказна во Фх3х заврши и решив да го направам следниот чекор а тоа беше да продолжам како концепт артист.

Поголемиот дел од клиентите кои што сум работел од таа фаза навака ми се интернационални. Поголемиот дел се од САД, Канада, Велика Британија и Кина. Иако работното искуство повеќе се сведувало на „remote“ позиција, сепак ја имав честа да бидам повикан во Шенжен, Кина да работам на „pitch“ фаза (раните дизајни за тоа како би изгледал еден филм) за интернационален проект.
Разликата од работење од дома и на локација во оваа индустрија е драстично голема, поготово за мојата позиција која што бара уште од раните фази на проектот да бидете максимално вклучени.

Како концепт артист ваша работа е да креирате цртежи (концепти) кои што јасно би ја прикажале визијата на директорот и би решавале дизајнерски проблеми  за филмот, серијата и слично во сите етапи од  продукциската фаза на проектот. Или пак со други зборови, моја работа е да креирам визуелна претстава за тоа како би изгледал филмот уште пред да биде направен.
Затоа како и што кажав, доколу сте на локација каде што дирекно добивате повратни информации од директорот, многу е полесно да дојдете до саканиот изглед на сцената и да го забрзате процесот на одлучување.

MM: Колку е потребна финансиска поддршка( за опрема и слично) за да можеш да функционираш и да работиш?

- Искрено, оваа професија е прилично скапа. Секогаш вашиот компјутер мора да биде во тек со најновите хардверски делови кои што би ви го забрзале процесот на работа и би ви го намалиле бројот на работни саати. Користење на таблет за цртање исто така игра голема улога. Доколу сте во можност да купите таблет со екран многу повеќе би ви помогнало да се адаптирате на дигиталното цртање отколку обичен пен таблет.

Најмногу во што одат финансиски трошоци (од опремата) е хард дискови. Проектите на кои што ќе работите се од големина на 2гб па нагоре, така да вашиот хард диск за неполна година ќе биде преполнет и вашиот компјутер успорен. Затоа многу е важно да инвестирате барем еднаш годишно во хард дискови кои што би служеле како архиви.

Но сепак хардверскиот дел иако е потребно време за да се направи посакуваната конфигурација, сепак нај големиот трошок оди во лиценци за софтер и обука за истиот. Секоја година софтверите добиваат некаво унапредување и ваша цел е да биде постојано во тек со настаните доколку би сакале да останете како валиден артист во оваа инудстрија.

MM: Од каде идејата за Конструкт 42, првиот македонски краткометражен анимиран „sci-fi“ филм?

- Поголемиот дел од мојот живот го поминав со научно фантастични филмови, серии и аниме како Blade Runner, Avatar, Matrix, Ghost in the Shell, Westworld, Akira и слично. Тие се дел од мојата инспирација за мојот прв краток филм и на некој начин за мене ова претставува едно љубовно писмо до луѓето кои што го дефинирале мојот кариерен пат во текот на овие години.

Филмот решив да го правам искрено од досада во текот на овој период во кој што се бориме со COVID-19. Некако се осеќав дека ми фали креативност во животот, и самиот проект од поставен да биде како пасија прерасно многу повеќе од тоа.  Добивав помош од артисти како Сава Живкович, Иан Викнаир и Стефан Бјорнфорт Бернсчерер. Кои ми дадоа многу доби трикови и критки за да го подобрам квалитетот на мојот филм.

Конструкт 42 е мешавина од сè ова. Од поставување на прашања за нашата реалност до замислување на една темна иднина и последиците кои што носат од пребрзо развивање на технологијата. Некако реалноста во која што живееме моментално со сите проблеми од типот на глобално затоплување, глад, економски кризи и слично, ме поттикна да размислувам за тоа доколку би ги исцрпиле сите ресурси на нашата планета, како би се снаоѓале за човештвото да ја продолжи својата еволуција. Технологијата за светлосно патување сеуште ја немаме иако верувам дека работиме на процес за тоа да се реализира, но сè повеќе гледаме информации од типпот на развивање роботи, вештачка интелегенција и самото тоа ме потикна да креирам свет каде што целото човештво би зависело од овие роботи (конструкти) кои во себе би имале по 6 деца (3 машки и 3 женски) и како би ги праќале на планети кои што би ги имале сличните услови за живот.

MM: Кој сè беше дел од тимот, колку време ви беше потребно за реализација?

- Гласовите на ликовите ги позајмуваат Кристина Тасева и Александар Алексовски. Монтажата ја врши Жарко Јуруков, а за музиката се задолжени Бојан Сенковски и Михајло Вуковиќ.

Сега за сега имаме вложено 3 месеци иако времетрањето на краткиот филм е 3:30 минути, сепак поголемиот дел од визуелните ефекти и сцени ги правам сам. Секоја сцена си носи своја тежина. Од креирање на композицијата до доловување  на емоција во гласовите и музиката на самите сцени. Сепак џабе се убави ефекти кога 80% од емоцијата во филмот ја доловуваат глумата и музиката. Затоа и е многу битно постојано да бидете во контакт со вашиот тим за да можете да решите проблеми во што е можно пократко време.

MM: Кога да очекуваме премиера?

- Филмот ќе ја има својата премиера во 2021 година. Иако не можам да ви дадам специфичен датум, бидејќи сè уште работиме на реализацијата на сцените и музиката од филмот.

MM: Идни планови?

- Се надевам дека тоа би било дирекција на други и подолги филмови во времетрање. Сега за сега само сакам да продолжам во собирање знаење пред да земам поголем залак.


Д. Караташова Илиоска