Златна бубамара, годишна доза на смеење која ќе ве држи долго
Атиџе Муратова запеа песна и доби стоечки овации на синоќешната 23 по ред „Златна Бубамара на популарноста“ во А1 Арената. Емотивен и величенствен дел беше појавувањето на екипата од „Медена земја“ на „Бубамара“, семејството на Љутфие Сам, режисерката Тамара Котеска и кинематографот Фејми Даут.
„Не добивме Оскар во Америка, но добивме македонски Оскар“, рече Фејми Дут кога ја прими наградата за интернационален успех.
„ Светот се измори од лажни херои“, додаде Котеска и порача дека наклонетоста на целиот народ кон Атиџе и семејството од филмот е знак дека луѓето сакаат вистински херои. Како херои, медените беа пречекани во Арената.
Херои за публиката се и ракометарите на „Вардар“, европските шампиони кои ја примија наградата за спортски успех, додека „Некст Тајм“ ја пееја „Ја излези Ѓурѓо“. Уште еден емотивен момент од оваа „Бубамара“ што ќе се раскажува. Уште поголема топлина и еуфорија на овој настап ѝ дадоа специјалните гости, коментаторите од „Арена спорт“, Сретен Рашковиќ и Стеван Стевановиќ од Србија, кои со срце навива за „Вардар“ на ЕП во Келн.
Горди годинава нѐ направи и Тамара Тодевска со седмото место на „Евровизија“ со „Proud“. Тамара доби награда за пејачка на годината и хит на годината, беспрекорно во акустична верзија го изведе евровизисскиот хит и се расплака на сцената. „Бевте со мене и кога бев на врвот, и кога ја направив онаа несмасна грешка“, изјави пејачката за грешката во интонирањето на химната.
Светски звучеше и настапот на Лозано, пејачот на годината, миленикот на сите генерации, и на Ристо Вртев, кој доби награда за трајни музички вредности. Доза на носталгија ни донесоа „Електрични оргазам“ со „Игра рокенрол цела Југославија“, но и симпатичниот Неша, од нишката група „Галија“. Од Сплит дојде Јелена Розга, која настапи со Џамбо Агушев, а маестралниот Раде Шербеџија, идолот на Игор Џамбазов уметнички ја изведе новата верзија на хитот „Остала си увијек иста“ на Мишо Ковач, заедно со Влатко Стефановски.
Награда за животно дело доби режисерот Столе Попов, а Влатко Стефановски му ја отсвире „Џипси Меџик“. И самиот Влатко е награден за концерт на годината, во Античкиот театар во Охрид. Ги слушнавме и дуото Александар и Дац, а иако е рано за Велигден, тука беше и Џокси со награда за трајни музички вредности и „На Велигден“, заедно со академскиот хор Мирче Ацев. Тања Кочовска и Јордан Симонов се најдобри актери, а претставата „Мој термин“ најдобра претстава.
Својата популарност, не само на сцената, туку и меѓу публиката во салата која не престана да се слика со нив, ја докажаа „Преспав“ со награда за нај серија, а Јелена Јованова доби награда за ТВ актерка. „Ние дебелите сме уште подебели, а вие глупите до кај сте“, порача Игор Џамазов по изведбата на „И племето и семето“. И оваа „Бубамара“ не помина без награда за „Фчерашни новости“ за најдобра сатирична серија.
Македонската гордост „Танец“ доби награда за културен амбасадор, а директорот на „Танец“, Мартин Вучиќ се зблагодари со мини говор на видео бим. Како изгледаат три четвртини плус една четвртина од Перо Антиќ покажаа Гораст Цветковски и Панчо од ДНК. „Бубамара“ секогаш мисли и на најмалите, па награда за најдобра детска серија доби „Дајте музика“ , а големо браво и а наградата за инклузивната танцова претстава „Пепелашка“ и танцовото студио „Еурека“.
Нагарада за животно дело доби музичарот Ангеле Димовски, кој имаше впечатлив настап со својот син Гоце Димовски, и неговата група, „Синезтис“. Од етно-составот кој нѐ претставува секаде низ светот, награда доби и Радослав Шутевски- Шуте.
За крај, Сашко Коцев. Маестрален како и секогаш, најголема ѕвезда на настанот меѓу сите регионални ѕвезди. Нѐ научи дека кај нас , најпопуларен спорт е „рекетот“, изведе нова верзија на „Дотако сам дно живота“ од Тома Здравковиќ со Кики, Фрики и Џики како главни ликови, ја покажа неговата стара Луи Витон чанта, се жалеше дека од дома му го „однеле троседот“. Влезе во салата на оригинален начин, обраќајќи се на италијански јазик и во свој стил порача дека нас нема да нѐ пуштат на врата во НАТО.
„Златна Бубамара“, изумот на Ранко Петровиќ и на екипата на Радио „Бубамара“ траеше повеќе од четири часа, и успешно трае цели 23 години.
Милица Џаровска
Фото: Вангел Тануровски