Ја тепал и навредувал пред децата, и ѝ се заканил: „Јас од затвор ќе излезам, а ти од гроб никогаш“ (ВИДЕО)

Мајка на две деца од Босна со години е жртва на семејно насилство. Таа 12 години е во брак со нејзиниот сопруг кој монструозно се однесува со неа, ја тепа, навредува и тоа го прави пред нивните деца.

За животната приказна на оваа мајка, Балканот слушна пред неколку години, кога таа излезе на телевизија и со целосно изменет личен опис пред камера зборуваше за сето она што го трпела од нејзиниот сопруг.

Видеото повторно е актуелно на социјалните мрежи и се споделува, со цел да се испрати апел „Стоп за насилство врз жените“.

М.П за една телевизија ја раскажа нејзината голгота низ која поминува. Веќе 6 години по ред е жртва на семејно насилство од сопругот.

„Вакава сум првпат, а претходно исто така ме има тепано. Тогаш имав модринки, но не бев ваква. Што и да кажам јас, тој секогаш за се е во право“, вели М.П.

Нивниот брак никогаш не профункционирал како што треба, иако се 12 години заедно и имаат две деца.

„Никогаш не ни функционираше ништо. Незнам како да објаснам, секогаш имаше нешто. Одеше каде сака, јадеше, пиеше тоа секако. Но се се надевав дека тоа е нешто нормално“, раскажува мајката.

На прашањето зошто не заминала од сопругот уште при првото малтретирање, таа вели дека незнае ни самата. Потврди дека малтретирањето врз неа се случувало и во присуство на децата, кои гледале како страда нивната мајка.

„Кога тој ме удри јас паднав на креветот. Па ме турна од креветот на земја и долу продолжи да ме удира и тоа траеше саат ипол без престан. Не можев да си дојдам при свест. Јас се обидував да станам и да седнам на фотелја, но тој и понатаму продолжи да ме тепа и само збореше: „Ќе те убијам“, „Ќе те убијам, па макар и да одам во затвор“. Јас паднав повторно долу, и тој и понатаму продолжи да ме удира со клоци, повторно се кренав, седнав на креветот, повторно ме турна и тогаш главата ја удрив во масата и сега имам посекотини кај увото и на раката. И понатаму продолжи со боксови да ме удира“, раскажува М.П.


Тоа биле удари за кои мислела дека нема да ги издржи, а во еден момент посакала и да умре, вели мајката.

„Имаше кубење, боксови во глава, клоци, крв на сите страни, јас само размислував како да побегнам. Трпев неподносливи болки“.

Најтешкото и поболно за неа дури и од ударите на сопругот било страдањето на нејзините деца, за кои вели дека постојано ја тешеле со солзи во очите.

„Децата ме тешат, ми велат: „Ќе ти пројде мама, се ќе биде добро“. Кога и да ме погледнат децата, јас кај нив гледам солзи во очите, посебно кај синот кој ова тешко го поднесува“.

Вели дека кога нејзиниот сопруг ќе излезе од затвор ќе и се одмазди и дека живее во страв.

„Кога ќе излезе од затвор морам добро да размислам што ќе правам и што ќе биде, јас живеам во страв. Мене не ми треба од него ништо, јас ќе заработам за себе и за своите деца, тој многу добро знае дека јас за тоа сум способна и подготвена.  Ќе ми се освети, ќе ми рече: „Јас бев во затвор поради тебе“. Тоа ми го рече кога ме тепаше: „Јас ќе те убијам, ќе одам во затвор и од таму ќе излезам, ама ти од гроб никогаш“.