13 години без Гоце Арнаудов: Силвија, сопругата на легендарниот пејач откри детали од заедничкиот живот

За сопруга на починатиот Гоцен Арнаудов- Силвија Арнаудова (63) тој беше беше цел еден живот и покрај сите препреки и забрани.

- Со Гоце бев речиси цел мој живот, од мои 15 години. Тој и беше мојот живот. Со него поминав и многу искушенија и препреки, но и безброј среќни моменти кои го чинат животот. Тој нѐ напушти на свои 57 години. Останав без Гоце кога имав 50 години. Од тогаш до денес како да ми застана времето. Немам промени во чувствата кон него, љубовта останува и тоа непроменета. – вели Силвија ви интрвју што го даде лани за Женски магазин. .

На денешен ден пред 13 години нѐ напушти единствениот, неповторливиот пејач Гоце Арнаудов. Беше експлозивен на сцена, штом се симне од неа - тивок и повлечен, скромен и најчесто во метежот скриен во некое ќоше. 

За другарите беше другар за цел живот, за децата најдобар татко кој никогаш не применил родителски и воспитни мерки, за соработниците најголем професионалец, на неправдите реагираше жестоко, а за публиката се даваше во целост и до крај.

Еве го интервјуто?

ЖМ: Без разлика колку години ќе поминат, на денот кога сме изгубиле драга и блиска личност, се случува повторно да ги преживувавме последните минути со најмилиот. Што се случуваше пред вашиот сопруг, а нашиот омилен Гоце, засекогаш да ги затвори очите?   

-И самото читање на прашањето и повторното преживување на последниот ден, ме вознемирува како да беше вчера. Така што се уште не можам тоа да го пренесам. Само ќе кажам дека се уште се сеќавам на последната отпеана песна, последната шега, последниот разговор, последниот збор. Се сеќавам како да беше вчера.

ЖМ: Иако со губитокот на саканата личност треба да научиме да се носиме со тагата, се чини дека таа е дел од нас, исто како и личноста со која сме биле. Никој не може да ни даде точен одговор на прашањето како да се продолжи животот? Како вам ви успеа, што беше најголемиот мотив?

- Само Бог во тие моменти е Тој што дава утеха и сила за понатаму. Само Тој ја стишува болката. Празнината за Гоце како дел од нас ќе остане засекогаш, но тука се моите деца и моите внуки, кои се лек на секоја рана и сонце во секој нов ден.

ЖМ: Гоце остави големо музичко богатсво, многу безвременски хитови. Кога првпат собравте сила да ги слушате неговите песни и да ги гледате неговите настапи на телевизија?

- Па, точно и не се сеќавам колку време ми требаше за да повторно ги слушам Гоцевите песни без да ме надвладее емоцијата. И денес се случува негова песна да ме растревожи, снимките и сликите со него да ми вратат спомени. Сепак, ме радува фактот што неговите песни станаа антологија, се свират, пеат и препејуваат, што народот ги сака, се сеќаваат на него генераци, а остави многу и за наредните поколенија.

ЖМ: Како се вашите деца, каде живеат?

- Сепак нашите деца се нашето лично највредно наследство, Господ нѐ благослови со Харита и Оскар и горда сум што сме успеале да одгледаме прекрасни луѓе.Харита живее во Охрид со својот сопруг Иво и моите две внуки Каја и Дора, кои се и смислата на мојот живот.Оскар е во Струмица, каде живее и работи. Најголемиот страв на Гоце беше децата да се далеку од него, далеку од дома. Ете Оскар го одржува аманетот, но често сме сите заедно или во Охрид или во Струмица.

ЖМ: Публиката го знаеше како искрен, отворен, динамичен, секогаш расположен за песна. Каков беше приватно, како сопруг и татко?

- Гоце кој сите го знаете,беше експлозивен на сцена, штом се симне од неа, беше тивок и повлечен, скромен и најчесто во гужвите скриен во некое ќоше.За другарите беше другар за цел живот, за децата најдобар татко кој никогаш не применил родителски и воспитни мерки, за соработниците најголем професионалец, на неправдите реагираше жестоко, а за публиката се даваше во целост и до крај.За мене пак Гоце беше цел еден живот и покрај сите препреки, забрани, негодувања од дома, јас свесно и сама си го одбрав. И мислам дека уште еднаш кога би се родила, повторно истото би го избрала. И покрај сѐ.

ЖМ: Побарал ли некој од пејачите да препее негови песни? Односно како наследници на неговото дело дали тоа би го дозволиле?

- Нашиве пејачи секојдневно ги слушаме како ги пеат и препејуваат неговите песни. Мене ми е мило што и новите генерации ги сакаат неговите теми. Имаше доста интерес за препев на негови песни од српски пејачи, и на српски и на македонски јазик, искрено не сум за таква варијанта. Тој ја остави оваа музика како наследство за сите идни генерации во нашава Македонија.

ЖМ: Дали државата, градот Струмица достојно го испочитува ликот и делото на Гоце Арнаудов?

- Ние сме горди како семејство што се уште се почитува неговиот лик, а посебно неговото дело. Богатство е музичкото наследство кое тој го остави. Ме прави среќна фактот што лугето тоа знаат да го вреднуваат, во секоја прилика, на секоја музичка манифестација каде што е соодветно се спомнува Гоце, се пеат неговите песни, а се одржуваат и посебни манифестации во негова чест и со негови песни. Посебно Струмица и струмичани се горди на Гоце исто толку колку што тој беше горд на нив и полн со љубов кон градот и своите. Каде и да одеше, сакаше да се врати дома, во родната Струмица. Струмичани не го заборавија, му се оддолжија со голем споменик во малиот градски парк во центарот на Струмица.

ЖМ: Размислувате ли да се напише книга за неговиот живот и кариера?

- Секако имало иницијативи и за книга и за филм, како што е сега трендовски нели по теркот и популарноста која ја доживеа филмот за Тома, преку кој се оживува споменот за вакви музички легенди. Засега само како идеи, но секако дека не би имала ништо против доколку се работи за сериозен проект кој е добро „спакуван“.

ЖМ: Ви остави ли некој аманет? За што најмногу жалите?

- Остана многу недоречено, но она кажаното се трудиме да го испочитуваме. Останавме овде во Македонија и во нашата родна Струмица како што сакаше Гоце. Жалам што токму последните денови од неговиот живот не ги помина дома, во Струмица, во која толку сакаше да се врати барем уште еднаш. Ете за тоа жалам. Ни остави многу големо музичко наследство, а со тоа нѐ задолжи сите нас, да ја сакаме и негуваме македонската песна, да се сакаме и почитуваме ние и нашата родина, нашата Македонија.

Соња Алексоска Неделковска