20 000 вакцини донација од Грција и 50 000 вакцини од Бугарија: Ќе ни помогнат соседите

Сепак соседите кога станува збор за вакцини не се штедат да помогнат, што во ваква ситуација е сосема добро.

Се предлага од 1 јуни заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено, а на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца остануваат задолжителни, да престане да важи забраната за групирање на отворено – при групирање на повеќе лица останува препораката да се носат заштитни маски, да се дозоволи организација на свадби и прослави на отворено со максимум 50 проценти исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Максимум дозволен број на гости на една маса да биде шест.

Комисијата предложи спортските натпревари на отворени терени да се играат со публика, но со максимална исполнетост од 30 отсто од капацитетот на стадионот, да им се дозволи на угостителските објекти да примаат по шест гости на една маса, додека сите останати рестрикции за нив остануваат во сила, а плицискиот час останува во сила.

Во текот на оваа и следната недела, Комисијата за заразни болести во соработка со организаторите на настани ќе работи на прецизирање на протоколите за одржување настани и концерти на отворено, а по 15 јуни, според договорените протоколи, ќе бидат дозволена и организација на ваков тип настани.

– Состојбата е стабилна, но искуството ни покажа дека многу лесно може да се влоши доколку не се почитуваат мерките така како што се предвидени. Затоа апелираме до стопанските субјекти и граѓаните целосно да се придржуваат до препораките, посочуваат од Министертството за здравство.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека инциденцата за 14 дена е околу 35 случаи на 100 000, а спорадично ширење се смета дека е кога таа бројка е 20.

-Засега останува полицискиот час како дополнителна мерка, во смисла да се ограничува дополнително групирање во одреден временски период, а ние будно ја следиме ситуацијата и понатаму, рече Филипче.

Соопшти дека значајно е подобрена состојбата во болниците и продолжува трендот да нема притисок за прием. Работат само инфективните одделенија и повеќе нема потреба за ротации на кадарот. Добро се спроведува, рече, и вакцинацијата, со смалено темпо за првата доза, но динамиката повторно ќе се засили од идната недела кога се очекуваат да пристигнат нови пратки вакцини.

Министерството за здравство вчера информираше дека ќе активира уште една веб-страница (revakcinacija.mk) наменета за пријавување на граѓани над 60 години кои примиле прва доза вакцина „Астра Зенека" во Србија, затоа што оттаму не може да бидат извезени вакцини за земјава за нивната втора доза.

-Очекуваме околу 20 јуни да има најголем број за ревакцина со „Астра Зенека". Според нашите критериуми, може да обезбедиме една количина и кај нас од нашите вакцини на „Астра Зенека" и согласно тоа да го направиме планот, изјави Филипче, напоменувајќи дека се работи само за граѓаните над 60 години, бидејќи одлуката на нашата земја е да не се имунизиираат помлади од таа возраст со оваа вакцина.

Додаде дека сертификатите на граѓаните ревакцинирани во Србија се сосема валидни и ги имаат сите технички карактеристики што се бараат на граничните премини, исто како и нашиот сертификат. Во завршна фаза е и изготвување апликација во однос на внесување QR-кодовите за ПЦР-тестовите.

Филипче оцени дека вакцинацијата се одвива добро, со намалено темпо за првата доза зашто деновиве е намален бројот на вакцини, но динамиката повторно ќе се засили од идната недела кога се очекуваат да пристигнат нови пратки.

– Тогаш се очекуваат да стигнат 20 000 вакцини донација од Грција и 50 000 вакцини од Бугарија. Во јуни се очекуваат вакцини од „Фајзер" преку нашиот договор за редовна динамика секој понеделник која, веројатно, не од овој туку од наредниот понеделник ќе се зголеми од тие 10 000. Очекуваме и преку КОВАКС-системот и руските вакцини. Така што во јуни, согласно бројот на пријавени граѓани, критична инфраструктура и преку стопанските комори, верувам дека темпото ќе биде исто како што беше на крајот на минатата недела и на почетокот на оваа. Досега се вакцинирани близу 230 илјади граѓани, од кои 60 000 се ревакцинирани, значи вкупниот број дадени вакцини во земјава е околу 300 000. Во сите градови добро се спроведува ревакцинацијата и очекуваме вакцинацијата повторно со темпото од висока бројка на 10 000 граѓани да продолжи од следната недела, рече Филипче.

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, регистрирани 50 новозаболени од Ковид-19 од направени 2.955 тестирања, 18 починати и 81 оздравен пациент.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.217, бројот на оздравени пациенти е 147.381, на починати е 5.387, а на активни случаи изнесува 2.449 од кои 983 се во Скопје.

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, досега 427 535 граѓани изразиле желба преку веб-платформата vakcinacija.mk.

Министерството за здравство соопшти дека на вакциналните пунктови во државата заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 231 014 граѓани.

– Во државата вкупно се аплицирани 290 829 дози вакцини, а ревакцинирани се 59 815 граѓани. Со последните бројки, 47 проценти од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, информира Министерството за здравство, кое апелира граѓаните да се пријавуваат на vakcinacija.mk како најлесен и најбрз пат да се вакцинираат.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk, како и лица вработени во критична инфраструктура.

Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата – во А1 Арена СЦ „Борис Трајковски" во Скопје и во спортски сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.