За стилот со Бојан Гиевски: Што ќе облечам, буквално зависи од тоа како се чувствувам
Во Македонија нема многу машки инфлуенсери... всушност секој втор сака да биде тоа, ама на ретките им успева... Еден од нив е и Бојан Гиевски, кој ја има добино наградата Influencer Awards во категоријата Travel Influencer. Но, интересно е тоа што покрај неговите патувања ширум светот, тој посебно внимание посветува на облеката и стилот, а нам токму тоа ни беше впечатливо кај него.
Гиевски комбинира на умешен начин, не претерува со импровизации, често строгите линии преовладуваат, а минимализмот некогаш е „зачинет“ со доза на екстравагантност. Работи како лице одговорно за финансии и контрола на усогласеност со прописи во швајцарска фармацевтска компанија и истакнувањето на стилот му е скоро секогаш во преден план.
ММ. Што според Вас претставува стилот?
- Стилот на еден човек не е само начинот на кој тој се облекува, туку преку стилот се изразува карактерот, навиките, погледите кон модата, расположението... всушност стилот на облекување понекогаш зборува многу појасно за нас од било што и да кажеме.
ММ. Како Вие стилски се дефинирате?
- Ова е малку тешко... Јас сум човек кој сака многу да експериментира со стиловите, буквално што ќе облечам зависи од тоа како се чувствувам. Но, ако треба генерално да го дефинирам мојот стил ќе кажам smart casual кој варира во зависниот од тоа дали сум на работа, вечерно излегување или викенд кафе.
ММ. Што сакате најмногу да носите, а во што изгледате најубаво?
- Дефинитивно најмногу сакам да носам фармерки, маички, патики, комотни дуксери, тренерки, шорцеви... а најубаво изгледам (барем по коментарите на луѓето) во костум.
ММ. Дали сте припадник на тие кои преферираат брендирана облека?
- Не, апсолутно не сум од оние кои преферираат по секоја цена да носат брендирана облека. Во мојот гардеробер имам брендирани парчиња облека, но знам да носам и парчиња облека кои ми се купени во најобични продавници кои доколку добро се искомбинираат, сето тоа може да изгледа многу квалитетно.
ММ. Како се облекуваат македонските мажи?
- Последните неколку години свеста за машката мода во Македонија е на едно многу повисоко ниво и тоа ми е навистина драго. Гледам дека се повеќе мажи внимаваат како се облекуваат и водат грижа за својот изглед. Ако треба да дадам некоја генерална оценка нека биде 7.5/10.
Н.Т.