АБА: Партизан постигна 120 поени и го победи убедливо МЗТ Скопје
Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром загубија на вечерашното гостување кај Партизан (67-120), што беше втор по ред дуел за нив против евролигашки екипи, кои со квалитетот ептен отскокнуваат од останатиот дел од АБА-лигата.
Со двајца нови играчи, кои дебитираа во сино-белиот дрес и без многу заеднички тренинзи МЗТ Скопје се обиде да му парира на најтрофејниот во регионалното натпреварување, но не успеа во тоа. Противникот речиси и да не грешеше и не остави ниту најмал простор да се надева на чудо.
Поголем проблем од поразот е повредата на Кеандре Кук во првото полувреме, кој во судир со Ален Смаилагиќ остана да лежи на паркетот. Првичните информации од Белград велат дека тој ќе паузира еден месец, откако го измести рамето и ги истегна лигаментите на овој дел од телото.
Мајк Кефи и Дамјан Стојановски со по 14 поени беа најпрецизни кај МЗТ Скопје, додека Дастин Вер и Војдан Стојановски реализираа по 10 поени. Следен меч за аеродромци е дуелот на домашен терен против Будуќност, закажан веќе за в сабота во „Јане Сандански“.