„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ЈА ПРОДОЛЖУВА ТРАДИЦИЈАТА: 200 БЕСПЛАТНИ ПРЕГЛЕДИ НА БЕНКИ ПО ПОВОД МЕСЕЦОТ НА МЕЛАНОМОТ

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и оваа година, по десетти пат по ред, ја спроведе акцијата по повод мај – месецот посветен на подигнување на свеста кај пациентите за рано откривање на рак на кожа, меланом. Во рамки на иницијативата, болницата обезбеди 200 бесплатни прегледи на бенки, со цел навремена дијагноза и превенција. Прегледите беа спроведени од искусен тим дерматовенеролози, со употреба на најсовремена технологија – дигитален дерматоскоп Mole Max HD.
Проф. д-р Андреј Петров, специјалист по дерматовенерологија, истакнува дека е особено горд на сè поголемиот интерес на пациентите за бесплатните дермоскопски прегледи во клиничката болница „Аџибадем Систина“. Според него, позитивниот одѕив директно придонесува за зголемување на свеста за редовни дермоскопски контроли.
„Дермоскопијата претставува златен стандард во раното откривање на меланомот. Оваа современа технологија овозможува детален и прецизен преглед на кожата, со брзо мапирање во full HD-резолуција, анализа и прецизно лоцирање на промените, како и дигитално архивирање на снимките. Нашата препорака е дермоскопските контроли да се прават еднаш годишно, почнувајќи од десетгодишна возраст, без разлика на бројот на бенки на телото. Кај лицата со поголем број бенки, овие прегледи се задолжителни“, вели проф. д-р Андреј Петров.
Акцијата, која успешно се реализира во нашата болница веќе десет години, има јасна цел – навремено откривање на кожни промени и обезбедување соодветен третман пред болеста да се развие. Проф. д-р Петров нагласува дека раната детекција на меланомот е клучна за успешно лекување. Дополнително, тој им порачува на сите пациенти дека заштитата од сонце е задолжителна: употреба на креми со заштитен фактор SPF 30 или повисок, кои штитат од УВА и УВБ зраци, како и носење светла облека, капи и очила за сонце. Според Светската здравствена организација, штетните сончеви зраци се докажан фактор за појава на карцином на кожата.