Ах бе мажи: Посилниот пол навистина потешко поднесува грип и настинки
Студијата спроведена од страна на Факултетот за медицина на Стенфорд, ги испитувала реакциите на мажите и жените при вакцинација против грип. Во текот на истражувањето е откриено дека жените генерално имаат посилен одговор против антителата, за разлика од мажите, што им дава подобра заштита од вируси.
Мажите со пониско ниво на тестостерон исто како и жените имале подобар имунолошки одговор – се вели во студијата објавена во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences. „Естрогенот го стимулира имунолошкиот систем, а тестостеронот го потиснува“, вели раководител на Одделот за имунолошки истражувања при Институтот Хајнрих Петте во Хамбург,д-р Маркус Алтфелд. Тој ја истражува биологијата на човечките патогени вируси.
„Женскиот имунолошки систем реагира значително побрзо и поагресивно кон патогени микроорганизми од мажите“, појаснува тој. Научниците признаваат дека не е сосема јасно зошто овој хормон е фактор кој истовремено го прави машкиот пол посилен и послаб. Веруваат дека еден од можните одговори треба да се побара во далечното минато, со оглед на тоа дека имунолошкиот систем на човекот се развива веќе милиони години наназад.