„Арс Ламина“ со шест награди од Македонската асоцијација на издавачи
Издавачката куќа „Арс Ламина“ доби шест награди од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), кои беа врачени денеска, за време на 35. Меѓународен саем на книгата во СЦ „Борис Трајковски“. На седмото издание на наградите на МАИ, кои се доделуваат на најдобрите книги, издавачи и автори меѓу двете саемски изданија, „Арс Ламина“ и нејзините соработници и автори освоија три први места (за најдобра едиција, најдобра корица и за најдобро ликовно-графичко уредено издание), две втори (за најкреативно издание и за поттикнување на општествена одговорност) и едно трето место (за најдобра книга за деца). За автор на годината е прогласен Влада Урошевиќ, писателот на романот на годината – „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, кој е во издание на „Арс Ламина“.
Во категоријата за најдобра едиција првото место го освои едицијата „Пегаз“ на „Арс Ламина“. Станува збор за посебна едиција во која се објавува победникот на книжевната награда за најдобар необјавен роман. Покрај победничкиот наслов, во оваа едиција се објавуваат и ракописите што влегле во најтесниот избор. Минатата година беа објавени победничкиот „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков, како и „Ние“ од Ана Стојаноска и „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска, кои жирито високо ги оцени. Неодамна од печат излезе и романот-добитник на „Пегаз“ за 2022 година, „Зелениот дворец“ од авторот Сибо.
Првата наградата за најдобро ликовно-графички уредено издание, односно за највпечатлив целосен дизајн на корица и внатрешност, од книгите за возрасни ја добива монографијата „Огледало во Македонија“ од познатиот фотограф Нил Фолберг, која графичко е уредена од Емилија Харалампиева од „Арс Ламина“.
Во категоријата за најкреативно издание, второ место освои новата едиција со книги за деца „Прегрнати книги“ од познатиот писател Велко Неделковски, која ја објави „Арс Ламина“. Станува збор за едиција со три книги кои се читаат од двете страни. Наградата се доделува за оригинални изданија што се издвојуваат по својата нестандардност. Земен е предвид иновативниот пристап и уникатноста на изданието во рамките на издаваштво кај нас.
Книгата „Забранети луѓе“ од познатиот џез-вокалист Џон Илија Апелгрен, која е во издание на „Арс Ламина“, доби втора награда од МАИ за поттикнување на општествена одговорност. Имено, објавувањето на книгата има солидарен, односно хуман аспект, за поддршка на музичарите чиишто ангажмани беа на најголем удар за време на пандемијата. Со купување примерок од „Забранети луѓе“ им се помага токму ним – на забранетите луѓе.
Сликовницата „Коњчето од рингишпилот“ од Јован Стрезовски, со илустрации на Орце Нинески, ја доби третата награда во категоријата за најдобра книга за деца. Книгата е дел од новата едиција „Љубов на прв збор“, со која издавачката куќа „Арс Ламина“ реафирмира постари, класични дела на познати македонски писатели за деца, објавувајќи ги во нов илустративен формат.
Жирито на годинашните награди од Македонската асоцијација на издавачи, во состав Владимир Јанковски (писател, преведувач и уредник), Дарко Спасов (драматург и преведувач) и Ивица Спасовски (графички дизајнер и илустратор) едногласно го прогласи Влада Урошевиќ за автор на годината. Воедно, Урошевиќ е и годинашниот добитник на престижните награди Роман на годината и „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. Академик Урошевиќ, утре, 6 мај (сабота), во 13 часот ќе гостува на штандот на „Арс Ламина“, каде што ќе го потпишува наградениот роман „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“.
Под слоганот „Следи ја приказната“, издавачката куќа „Арс Ламина“ се претставува на 35. Меѓународен саем на книгата, кој се одржува од четврти до десетти мај, во СЦ „Борис Трајковски“, Скопје. На штандот на „Арс Ламина“ за време на саемот има попусти до 70 отсто, многу саемски новитети, промотивни настани и работилници за деца. Покрај попустите, има специјална понуда со книги за 100 денари и за 200 денари, како и сетови со неколку книги за 300 денари. Со секој купен примерок на „Резерва“ од принцот Хари на денот на крунисувањето на кралот Чарлс Трети (шести мај), ќе следува подарок книга. Со купени десет книги се добива дополнителен попуст од 10 отсто на каса.
Покрај настанот со Влада Урошевиќ, утре (шести мај) во 18 часот закажано е потпишување на новиот роман од проф. д-р Мимоза Ристова, „Варшавската срна“.
Во недела (седми мај), во 11 часот е закажана работилница за деца инспирирана од популарните серијали „Исидора Мун“ и „Мирабела“ од Хариет Мункастер. Во 13 часот ги очекуваме читателите на „На кафе со авторите на ’Арс Ламина‘“. На настанот ќе присуствуваат Сибо („Зелениот дворец“, добитник на „Пегаз“ за 2022), Зоран Спасов Ѕоф („Џабе живиш у Скопје“), Ана Стојаноска („Ние“), Марија Ралповска („Мастилна мапа“), Хари Кацановски („Анатрос“), Џон Илија Апелгрен („Забранети луѓе“), Марко Виденовиќ („До сто и една и назад“), Билјана Лотеска („Жолти чорапи“), Оливија Георгиевска („The Black cat Mara – the hat shubara“), Елизабета Баковска („Бакнежот на пролетта“), Владимир Лукаш („Поклони се и почни“), Христина Шеќероска („Кула од бројки“) и Александар Прокопиев („Шарените шамичиња“).
На 8 мај (понеделник), со почеток во 10 часот ќе се одржи работилница за деца инспирирана од едукативниот серијал „Учиме со Софија“. Еден час подоцна ќе се одржи средба со авторката на „Јас сум Миа“ – Јана Мишо, наменета за ученици. Во 12 часот закажана е средба на младите читатели со познатиот писател за деца Васил Мукаетов. Следниот ден (9 мај, вторник), во 10 часот на агендата е работилница за деца инспирирана од едицијата „Емоционална железница“, со фокус на сликовниците од младата авторка Маја Мишевска: „Мравката Тони“, „Бумбарот Боби“, „Гасеницата Кики“ и „Бувот Оли“. Во 12 часот најавена е средба со писателот Велко Неделковски, поттикната од неговата нова едиција за деца „Прегрнати книги“.
На последниот саемски ден (10 мај), во 10 часот ќе се одржи работилница за деца инспирирана од сликовницата „Жолти чорапи“ од Билјана Лотеска, која е дел од едицијата „Емоционална железница“.
*Пр објава