Уметноста е единственото нешто во
кое несвесно можеме да влеземе, а свесни да излеземе. И според многу светски
гении, токму таа може да го спаси светот. А уметничкиот свет на македонскиот
сликарски гениј Рубенс Корубин е бескрајно разновиден. Бранува, допира, изнудува
емоции, не застанува никогаш...
Неговиот раскошен твореки опус ги поседува и сите знаци на големо сликарско мајсторство и сведочи за исклучителна способност за прикажување на едно ретко емотивно богатство. Го сметаат за романтичен сликар, визионер, великан. На посебен начин ни ги доловува делата со сопствената креативна сила која како да е непресушен извор. А, сета негова сликарска магија остава траги и трае за секогаш, за идните поколенија.
Неодамна, имаше грандиозна изложба во Чивте Амам. Ја собра целата македонска елита и вистинските љубители на уметноста. Изложбата е своевиден јубилеј, 70 Години живот и 45 години од дипломирањето на авторот. Наречена е „Ателје, радоста на сликањето“.
* Во што денес ја гледате радоста на сликањето? Дали радоста се менуваше со годините, а ги претвараше Вашите дела во различни емоции?
- Личниот потенцијал е извонредно значајна работа и тој бара простор и време да се развие. Сликањето го гледам и доживувам како многу лична работа, независна, каде што сум јас сам со бојата, цртежот и платното. Имам потполна слобода да отпатувам во просторот и времето каде сакам, а и да бидам изненаден во откривањето на нови нешта.
Нормално е дека вие ниту можете ниту треба да побегнете од себеси. Вашите емоции ве следат и се одразуваат како во огледало, не се работи тука само за емоционална интелегенција - тука е присутна перцепцијата и рациото како значаен момент на визуелната меморија без кои не можете да работите.
* Што лично ви донесе Вашето големо сликарско мајсторство? Дали длабоко од себе испливаа сите Ваши пориви кои сакавте да ни ги прикажете?
- Владеењето на ликовниот јазик не е лесна работа и тој постојано се изучува и се развива, понекогаш самостојно бидејќи е во функција на она што сакате да го кажете. Тоа е како да сте мајстор на боречки вештини, меѓутоа сте сами ви шумата и не знаете што ќе ве изненади и како ќе се справите со тоа.
Во процесот на сликањето честопати доаѓате на место кое е е крстопат и во даден момент мора да се одлучите по кој пат ќе тргнете. Човекот е комплицирано и повеќеслојно духовно суштество и никогаш приказната не е завршена, напротив, со отворање на секоја нова страница се создаваат уште повеќе нови простори.
* Местото е Вашето Ателје- што ви претставува? Просторот е тој- какви спомени содржи? Вие со четката во рака... Како би го насликале Вашиот богат живот?
- Ателјето е простор, архива и библиотека на многу нешта кои се иницијална каписла за да зачекорам по патот на создавањето на нова слика. Место каде што сум го поминал наголемиот дел од својот живот, како еден голем мозок чии што граници постојано се менуваат. Понекогаш и во малите нешта се открива цел универзум, тука сум сам со својот модел, мојата сопруга Лиле која се трансформира во повеќе улоги и ја обогатува мојата визуелна палета. Нормално дека многу сакам и да патувам , да излезам во "plain air", значи да работам на отворено, само што таму ја немам закрилата на ателјето, често сум изложен на љубопитните погледи, може да заврне дожд или силен ветер и да ми го однесе штафелајот заедно со платното.
* За која слика, (графика, мозаик, цртеж) сметате дека сте останале недоискажани сакајќи ние- публиката сами да ја завршиме?
- Прашањето е многу занимливо, авторот во еден момент ги крева рацете од сликата"Manum de tavola" ... со други зборови, престанува да работи на тоа дело. Во разговор со повеќе посетители на моето ателје, скоро без исклучок, сите ја развиваат приказната на свој начин. Таа има сопствена хемија со секој нив посебно, го сметам за успех кога тоа ќе се случи.
* Што Ви понуди сликањето? А, што одбивте?
Самиот наслов на изложбата веќе го содржи одговорот на ова прашање. Одвереме - навреме, човек се запрашува, што би можел да реализира во некој друг медиум, како и да е, индивидуалните предиспозиции го одредуваат текот на нештата и овој медиум бара целосна посветеност, а желбите остануваат и понатаму.
Каква е лозата на Рубенс? Какви синови Ве направија горд татко?
- Мајка ми Вера Долгова Корубин, беше извонредно грижлив родител која што кога бев мал ми посветуваше многу време, најмногу читајќи ми ги старите митови кои што се уште со својата јаснотија се координатен систем кој се протега во недоглед, По професија беше доктор - професор по медицина, патофизиолог. строга и правична. Татко ми Миле Корубин беше сликар, кој што го носеше цел XX век во себе си, со сите негови манифести како политички така и уметнички, една концентрирана историја на уметност од кого што многу научив, од прва рака. Првата фасцинација и магија што се може да се случи на белото платно ја доживеав преку неговата работа, полна со изненадување и воодушевување.
Михаил е сликар кој што ќе ја пренесе топлината на сликарскиот оган понатаму. Тој веќе одамна чекори по свој пат со целиот свој арсенал, талент, работа, фантазија и постојаност.
Дамјан е најсилното рацио во нашето семејство. Извонредно стабилен, организиран, многу сака да дискутира, секогаш е занимлив и духовит. Тој е маркетинг менаџер во Сити мол и смело чекори во својата иднина.
* А со Лиле, каков свет изградивте?
- Мојата сакана сопруга Лиле е секојдневно со мене.Тоа е нешто најубавото што ми се случило во животот, да имам среќа времето целосно да го поминуваме заедно. Тоа нас ни обезбеди да изградиме во текот на овие 4 децении многу мостови на разбирање и дискусии, така да секој ден ни е богат и интересен. Таа е целосно посветена на семејството и има голема заслуга во образуванието и воспитувањето на нашите деца, што мислам дека е една од најважните и најголемите задачи во животот.
* Постојат ли скриени пораки во Вашите дела и дали би ни помогнале со зборови да ги пронајдеме?
- Уметничкото дело ако има душа во него е повеќеслојно и ги надминува границите на обичната илустрација. Тоа е извор на енергија и сите ние имаме моменти кога ќе проработи вистинската хемија, тоа сме го почувствувале, се пронајдуваме себеси во него, а честопати ја обновува нашата животна сила. Со зборови, скриените пораки не би можел да ги кажам, како што не би можел да ја протолкувам песната на птицата, а сепак сакам да ја слушам.
* 70 Години живот и 45 години од дипломирањето...а 28 години од вашето професорско место на ФЛУ. Јубилеј за поздрав! Дали изложбата може да го издржи вашиот габаритен творечки опус или сето тоа е внимателно селектирано?
- Изложбата е отворена и трае до крајот на месец октомври. Изложени се 70 дела од кои половина се рецентна продукција, настанати во последните 7-8 години, додека другите, се дел од мојата лична колекција, бидејќи од секој период чував по неколку дела, па така со време, имам задоволство да ја создадам оваа мала ретроспектива.
* Дали преку Вашите очи, мозок, дух, рака... можеме да ја доживееме убавината...во секаква форма?
- Бајковидниот свет е убав, меѓутоа во него, покрај убавата принцеза и јунакот се проткаени сите стравови и монструми што не демнеат, а ние, треба да ги победиме и тие секогаш завршуваат со позитивна порака, што ги прави неповторливо убави.
Небојша Толески