“Без пари и пријатели, цели 10 години со ранец на грб шетав, живеев и подработував сè и сешто
„Ако не те сакам“,„И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Еден бакнеж“ … се само дел од големите композиции на хитмејкерот Владо Јаневски кој со децении важи за еден од најдобрите пејачи и композитори, кај нас но и на балканот. Непоправливиот романтичар, познатиот Чаирчанец, неколку години живее надвор од неговото Скопје. Вели, води мирен живот близу границата со Грција но никогаш не оди таму, а поради неговата професија многу аспекти од животот му се извртени наопаку. Па така и летото кое е едно од најјактивните периоди во годината за него. Две децении не бил на плажа и не се сончал... а останатите детали и неверојатни искуства од животот на Владо, прочитајте ги во продолжение:
Ж.М. Летото за многумина е едно од најубавите годишни времиња, слобода, море, плажа, сонце … Која е вашата прва асоцијација?
- Јас сум повеќе зимски човек, а летото ми е обично најактивниот работен период во годината. Повеќе сакам снег, скијање и планинска свежина. Веќе 20-ина години не сум бил на плажа или класичен летен одмор и не мислам дека нешто ми фали без сончање, капење и сите пропратни летни активности. Заради природата на мојата професија многу аспекти од мојот живот се извртени наопаку, па така и моето уживање во летото.
Ж.М.Ако се вратиме години наназад, дали можете да се потсетите на некоја летна авантура, која секогаш обожавате да ја раскажувате?
- Кога се спомнуваат летни авантури, мене прва асоцијација ми се летата кога бев млад, во моите дваесетти. Обожував да патувам и цели 10 години со ранец на грб шетав, живеев и подработував сè и сешто во буквално секоја земја од Западна и Северна Европа. Тоа беше мој свесен избор, иако без пари и пријатели таму далеку од дома, да поминам една интензивна животна школа. Големи животни лекции, челичење низ животни искушенија и снаоѓање во тој голем непознат свет, многу младешки љубови … Поголема животна авантура од тоа – здравје! Во голема мера тоа беа моите формативни години и ме обликуваа ваков како што сум денес.
Ж.М.За кој период сте носталгични, поточно, да можете да се вратите назад во времето, што би сакале повторно да доживеете?
- Не сум носталгичен по природа, не престојувам баш често во сопственото минато. Многу фолдери во главата свеснo сум избришал, баластот на спомените не е нешто што сум спремен да го влечкам со мене во сегашноста. Да, минатото ме направило ова што сум денес, но не чувствувам потреба да ги превртувам низ глава минатите години, минатите љубови и настани, освен можеби кога пишувам пена. Живеам во денешниот ден, го дишам со полни гради и многу ми е убаво така.
Ж.М.Пред неколку месеци на еден од концертите во Филхармонија изјавивте дека сте композитор и пејач од Чаир а денес гевгеличанец, дали тоа значи дека одамна не живеете во Скопје?
- Веќе трета година сум во Гевгелија и единствена врска со Чаир ми е берберот кој е таму и ме пострижува еднаш месечно. Во Скопје доаѓам само кога имам концерти, снимања, интервјуа или други работни обврски, и дури и тогаш најчесто не останувам подолго одошто морам.
Целото интервју можете да го прочитате на ЖЕНСКИ МАГАЗИН