Бимилк со поддршка на новите студенти на УКЛО

Бимилк ги додели стипендиите за тројцата новозапишани студенти на Универзитетот Св. Климент Охридски Битола, и тоа на Факултетот за биотехнички науки, на Техничкиот и на Ветеринарниот факултет во Битола. Доделувањето стипендии за новите студенти е дел од општествено одговорната практика на Битолска млекара и вложување во образовниот процес со цел поттикнување на младите да студираат на локалните факултети.

Стипендиите им беа доделени во просториите на Бимилк од страна на генералниот директор, Ѓорѓи Петрушев.

„Во Бимилк, отсекогаш сме верувале во моќта на образованието да ја обликува иднината, а денес ја потврдуваме нашата посветеност во поддржување на амбициите на младите и инвестирање во нивното образование преку доделување стипендии за запишување на факултети што се важни за локалниот и стопанскиот развој. Образованието има трансформативна моќ, не само да ги промени нашите животи, туку да подобри една цела заедница и да поттикне напредок во општеството. Свесни сме дека многу студенти се соочуваат со финансиски предизвици во остварувањето на нивните академски аспирации и наша привилегија и одговорност е да помогнеме да се надминат овие бариери. Стипендиите што ги доделуваме се доказ за нашата верба во потенцијалот на младите умови. Овие тројца студенти покажаа исклучителна академска подготвеност и решителност позитивно да влијаат во нивните соодветни области на студии и се надевам дека ќе се отвораат можности за нивно вклучување во развојот на локалната заедница и зацврстување на стопанските капацитети. Им честитам на нашите стипендисти. Заедно ќе градиме подобра иднина”, истакна Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на Млекара АД Битола.

Проректорот на Универзитетот Св. Климент Охридски, проф. д-р Јасмина Буневска Талевска, истакна дека со доделувањето стипендии Бимилк дава силен поттик за студентите да ги изберат токму оние факултети што се потребни и важни за развој на локалното стопанство.

„Денешното доделување на стипендии е прилика да се нагласи беспрекорната соработка којашто Универзитетот ја остварува со Бимилк. Здружувањето на двата бренда може да донесе добробит за сите, за студентите, за компанијата и за Универзитетот и што е посебно значајно, за пошироката заедница. Само на ваков начин, со конкретна поврзаност и взаемна поддршка може да се обезбедат услови за економска и социјална стабилност на општината, регионот и  државата. Градењето реални мостови со бизнисот и опкружувањето претставува вистинска и квалитетна инвестиција во младите и креирање успешни приказни што се остварливи и дома”, потенцираше проф. д-р Јасмина Буневска Талевска.

Стипендиите ги опфаќаат образовните трошоци во текот на четиригодишното студирање во кои студентите треба да ја потврдат својата одлучност за изучување на областа и капацитет за постигнување врвни резултати.

Васко Стојановски е еден од студентите што доби стипендија за студирање на Биотехнички факултет, за него ова е можност за исполнување на личната амбиција.

„Се чувствувам посебно ценет што сум дел од оваа програма. Чувството да знаеш дека некој го забележал твојот потенцијал дава додатен елан и да продолжиш со истото темпо е неописливо.Сакам да се заблагодарам за посветеноста и можноста укажана кон нас како млади луѓе кои сакаме да студираме дома, односно на нашиот универзитет, кој навистина нуди висок квалитет во процесот на образование и широка палета на студиски програми. Посебна благодарност до реномираната компанија Бимилк која со ваквите чекори помага на младата популација во регионот. Овој потег добива уште поголема вредност со самиот факт што ние нашата иднина и кариера ќе ја градиме во регионот во кој пораснавме. Ќе дадеме сѐ од себе да ја оправдаме вашата доверба и вложувањето во нас”, вели Васко Стојановски, студент при Биотехнички факултет - Битола.

Доделувањето стипендии е дел од меморандумот за соработка потпишан меѓу Универзитетот и Бимилк, чија цел е обединување на заедничките капацитети и ресурси за обезбедување можности за квалитетно образование, личен и кариерен раст и развој на младите од градот и околината.

ПР објава