Сакам да снимам реклама со Линда Еванџелиста: Интервју со Дарко Панчев
Најголемиот наш фудбалски ас на сите времиња и денес изненадува со својата појава. Смислата за хумор не ја загубил, а со фудбалот малку е скаран
Во својата кариера освои скоро се што можеше да се освои во фудбалот. За Дарко Панчев, легендата на Југословенскиот фудбал и играч кој на Црвена ѕвезда и ја донесе титулата европски шампион и ја освои златната копачка на Европа, скоро и да нема нешто што не е напишано. Тој е нашата гордост и останува запишан во историјата како фудбалерот со број 9, еден од најдобрите на Балканот и пошироко. Сепак, Дарко се уште има што да каже, а при тоа и да не насмее. Активен е колку може во спортот, активно ги следи спортските случувања, ама во неговиот кафе бар постојано е во друштво на големи регионални ѕвезди кои и денес му симнуваат капа. Со сопругата Маја имаат една многу по друга работа од нивната стандарна, а таа е да бидат добри родители на двете ќерки и да ги изведат на вистински пат.
- Мислам дека со Маја заедно, ќерките Надица и Марија ги учиме на нормални животни вредности. Да прават добри работи и да ги почитуваат постарите - вели Панчев.
Свесен е дека старее и дека ништо не е како порано, кога не му било никаков проблем да истрча и десет километри. Сега нормално е кондиционо да е по спор, но успева сепак да воспостави некаква рамнотежа и да баласира со вежбите и исхраната.
- Признавам дека многу тешко се одржува добра форма. Во последно време дури и се здебелив малку. Со годините, мора да се внимава на храната, да се јадат здрави намирници и да се биде физички активен колку се може - додава Дарко.
Ама кога го прашавме за состојбата на фудбалот кај нас, тој не беше многу воодушевен. Не од прашањето, туку затоа што нема соодветен одговор кој би можел да ја дефинира ситуацијата.
- Уф, ајде подобро да не зборуваме за фудбалот. Сакам да си зборуваме за мода. По лeсна тема на разговор ми е таа. Само можам да додадам дека имаме квалитетни фудбалери како Елмас, Барди, Трајковски, Ристовски. Тие ми се најистакнати млади играчи - констатира Панчев.
А, неговиот стил не се промени многу низ годините. Секогаш е среден и уредно потстрижан. Ја практикува спортската елеганција, но знае некогаш да изненади со костум. Лежерноста му е заштитен знак и битно му е да се чуствува пријатно во она што го носи.
- Исто како и жените, така и мажите треба да водат грижа за својот изглед. Мојот стил би го дефинирал како спортски, но секако има прилики кога се облекувам елегантно. Она што е многу битно за еден маж е редовно да ја одржува хигиената, да има уредна фризура, редовно да се бричи и да внимава облеката секогаш да биде усогласена - потенцира Дарко.
Штом вели да не го прашуваме за фудбалот, решивме да го прашаме кога би снимал реклама (во минатото го имаше на многу реклами) со која позната светска ѕвезда би сакал?
- Бидејќи со Маја мојата сопруга веќе имам снимено, сега ми преостанува да снимам реклама со некоја друга ѕвезда. Еве тоа нека биде супер манекенката Линда Еванџелиста - со смеа ни одговори.
Но, тука не престанува смеењето… Даре беше расположен да се шегува на своја сметка па ни приреди интересен одговор кога му рековме да ни каже која фудбалска ѕвезда би ја предизвикал во фудбалски двобој?
- Додека бев активен играч верував во себе и не се плашев да предизвикам никој. Но во овие години би го предизвикал само оној кој има поголем стомак од мене - на шега завршува Панчев.
Небојша Толески