Драган Стојчевски: Од Мистер на Македонија и Европа до Балкански шампион во бодибилдинг
- Тоа беше далечната 2004- та година, моите почетоци со манекенството ми беа 2002/2003 година. Првиот Мистер 2004 година се одржа во летната дискотека Колосеум во парк, организатор беше Мики Црнокрак. Во 2006 година на светскиот избор „Манхант интернешнал“ во Кина, зедов титула мистер на Европа, а имав и понуда да останам таму, но поради моите почетоци со мојата работа во полиција морав да ги одбијам и да се вратам.
ММ. Сега работите во полиција...
- Да, работев 8 години во Тетово, после тоа се префрлив во Скопје, моментално сум инструктор во специјална полиција по спорт и физичка подготовка.
ММ. Подолго време се занимавате со фитнес. Вашето тело го доведовте до совршенство. Како започнавте со овој спорт?
- Во фитнесот сум околу 17 години, имам тренирано атлетика прво 12 години, од мојата 13- та година. Со оглед на тоа што скоро секој ден сум активен и вежбам, во бодибилдингот излезе една нова категорија physique (физика) која бара да се има атлетско тело, па знаејќи дека спортот што го тренирав 12 години- добро ми дојде. И така решив 2015- та да излезам на еден таков натпревар, а воедно ми беше и како предизвик. Го освоив второто место, бев задоволен и решив да се посветам малку повеќе, а се разбира тука ми помогна и факултетот за физичка култура кој го завршив 2003 година. Голем поздрав до сите професори од кои многу научив, а посебно до професорите Зоран Радиќ, Јован Јовановски и Ванцо Поп Петровски. И до ден денес ги почитувам и имаме добар однос.
ММ. А, како започнавте во поход на медали? На кои натпревари сте учествувале, во кои дисциплини, какви награди зедовте? А, која ви е најзначајна награда?
- Походот по медалите почна на тој натпревар 2015 година, знаев дека можев да напредувам во овој спорт и се посветив повеќе. 4 пати во изминативе години го освојував второто место и не застанував тука. Кога наполнив 40 години прејдов во друга категорија, а тоа е ''Master man physique over 40's„. Таа категорија е од 40- 44 години. 2 пати сум првак на Македонија во оваа категорија- 2019 и 2020. 2019- та на Балканското првенство што се одржа во Грција го освоив второто место. Оваа година исто така се одржа Балканското првенство, овој пат во Романија. Таму станав Балкански шампион, од неодамна се вратив и од светското првенство кое се одржа во Шпанија. Таму делев осмо место со еден што беше второ место на Европско, а само еден поен пред мене беше Европскиот шампион.
Најзначајна ми е титулата Балкански шампион, таа победа ја посветив на мојот покоен татко кој секогаш ми даваше поддршка и уште од мали нозе ме насочи во спорт, каде што сум активен и денес. Не доживеа да го види мојот успех...
ММ. Што вежбате? Како вежбате? Какви вежби правите?
- Го вежбам секој дел од моето тело, претежно слабо се вежбаат нозе, нели? Но јас ќе кажам дека нозете се пола тело така што, да не ги занемаруваме. Во принцип вежбам секој ден по една мускулна група, 2- 3 пати неделно одам со стомачни...
ММ. Кои се најдобрите вежби за формирање на супер тело?
- Најдобри вежби нема, сите се добри на некој начин, битно е правилно да се изведуваат вежбите, бројот на повторувањата зависи од тоа што сакаме.
ММ. Што има на вашето мени на исхрана и која е најдобрата храна за создавање на мускули?
- Во принцип, на менито имам претежно хидрати и протеини. За поголема мускулатура секако месо и додаток протеин и хидратите заедно во комбинација. Ориз и пилешко ми е омилено.
ММ. Како ви поминува еден ден, дали излегувате, имате ли хоби, кое место ви е омилено за релаксација?
- Денот претежно од сабајле го поминувам со спорт со колегите заедно, после тоа посветувам време на себе и се разбира, тековните работи што ги извршуваме секојдневно. Хоби немам, држам приватно персонални тренинзи во Борис Трајковски. Место за релаксација некаде на планина со фамилијата заедно.
ММ. Бара ли фитнесот многу откажувања и од што се откажавте?
- Било кој спорт кога е некој посветен секако дека треба да се откаже од доста работи ако сака да успее. Среќа, јас ја имам поддшката од мојата сопруга која секогаш е тука да ми излезе во пресрет околу децата... И многу сум ѝ благодарен...
ММ. Дали се спремате за некое првенство во моментов? Кои се идните планови и ваш совет за помладите...
Имам планови секако, здравје наредната година планирам за Европско да се спремам, веќе започнав со подготовките, нема лабаво. Имам волја и дисциплина, едни од клучните работи ако сакаме да имаме некаков успех... Не се откажувам додека не освојам медал на некое европско или светско првенство, секако тука имам поддршка и од претседателот на бодибилдинг федерацијата Бобан Ѓороски кој секогаш е тука за совет и да помогне...
Апел до помладата генерација- да бидат повеќе активни и кога ќе дојдат на мои години да бидат поуспешни од како што ме нарекоа пред некое време-чичко Драган.Небојша Толески