Душко Трифуновски: „Слана / Јазол“ е трагикомична приказна за современото семејство

Во присуство на своите верни читатели, љубители на пишаниот збор и пријатели, младиот автор Душко Трифуновски, вчеравечер (15 јули), во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, ја промовира својата книга со двете драмски дела „Слана / Јазол“. Во книгата, која е во издание на „Попули“, по првпат на едно место можат да се прочитаат двете драми „Слана“ и „Јазол“ на Трифуновски, кој досега го има објавено и романот „За два дена рече ’Да‘“. Промоцијата, која се одржа на терасата на книжарницата, ја водеше уредникот на книгата, Ведран Диздаревиќ.

– Летната тераса на „Литература.мк“ сјаеше од многубројните посетители, задоволни читатели, пријатели и луѓе кои постојано навраќаат на секој настан. Токму тоа ми дава поттик за понатамошна работа... Преубаво е чувството кога си ги гледате своите книги на полиците. Вложен е многу труд во книгата, како во новата, така и во претходната („За два дена рече ’Да‘“)... Задоволен сум од целиот процес на реализација на оваа книга. Корицата можеби е навидум едноставна, но одлично ја отсликува приказната во книгата. Дрвениот стол среде соба метафорички ја означува измачената осамена душа на главниот лик, но и воопшто на секој (Македонец) кој живее по туѓи правила – изјави Трифуновски по промоцијата.

„Слана / Јазол“ е книга со две драми што творат совршена целина и треба да се читаат како два дела на една иста приказна. Во „Слана“ се запознаваме со брачните партнери Злате и Стојна и нивните деца, Виктор, Маја, Кристина и Марија. На речиси натуралистички начин, Трифуновски ни го покажува нивното тешко и траорно постоење, во економска и општествена стварност на (никогаш споменатата, но очигледно присутната) современа Македонија. Како што ги снемува парите, така со нив исчезнуваат и вредностите на стариот систем во кој владее зборот на таткото, а младите се желни за своето место под сонцето.

– Многупати ме имаат прашано дали имам доживеано дел од настаните во книгата, но верувајте дека сè е фикција, иако тоа не значи дека луѓето околу мене немаат доживеано нешто од книгата. „Слана“ е приказна за секое современо семејство, приказна за целиот народ... Идејата за драмите ја добив како средношколец. Првична верзија (објавена во 2016 година) беше само со драмата „Слана“, преработена според истоимениот роман од 2015 година. Уште пред да почнам со пишување, знаев дека ќе се вика „Слана“. Приказната ја „везев“ според шаблон-дрво. Шестчленото семејство на Злате и Стојна го замислив како семејно дрво, но тоа дрво доживува еден куп трагедии со децата и така се кршат гранките една по друга, за да остане само сувото стебло на крајот, односно скапаниот труп. Столот на корицата го означува токму тоа дрво, кое веќе не е стебло, туку обработена празна душа. Сланата наесен ги смрзнува плодовите од дрвото за да се исушат и да паднат на крајот, а јазолот всушност е вратоврската што му ја плете Стојна на Злате за да го однесе со неа во пеколот – рече тој.

Во „Слана“ преовладува трагедијата и тоа нè воведува во „Јазол“, која е повторно со истите ликови од семејството, но овде мртвите од првиот дел се враќаат од пеколот да им ја вадат душата на живите. Приказната е претставено на сатиричен и хумористичен начин.

– По природа сум личност што не мирува, кој не сака монотони и секојдневни работи, па така овие драми се разликуваат од претходно речиси сè. Претходната моја книга, „За два дена рече ’Да‘“, е романтична комедија во која преовладуваат сплетките и хуморот, а во „Слана / Јазол“ како пакет има трагикомедија, каде што исто така преовладува хуморот. Тој е претставен преку главните ликови Злате и Стојна, родители во семејството, кои децата ги воспитуваат на чуден македонски начин. Велам „чуден“, бидејќи е несфатливо родителот на 17-годишно дете да му вели дека надворешниот свет е расиплив, а парите се проклетство. На некој начин, дури и „Слана“ и „Јазол“ се разликуваат, иако се една целина – изјави Трифуновски и најави дека периодов работи на третото продолжение на серијалот „Слана“, кое ќе биде целосна надреалност и ќе претставува завршница на овој проект.

Душко Трифуновски е роден на 27.2.1997 година во Скопје. Има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, стекнувајќи се со називот професор по македонски јазик и литература. Паралелно се занимава со работата како наставник и со книжевна дејност, учествувајќи на разни конкурси и манифестации. Во 2015 година го објавува самостојно својот прв роман „Слана“, а истата година за него добива награда за книга со трајни семејни вредности. Во 2016 година ја објавува драмската преработка на романот. Истата година го објавува електронски романот „За два дена рече ’Да‘“ на е-библиотеката „Македоника“, за кој добива награда од УНЕСКО за најчитан роман на млад автор.

Книгата „Слана / Јазол“ веќе е достапна во сите книжарници „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk на следниот линк:
https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14494