Движењето за креативност „Иво Лауренчиќ“ и „Арс Ламина“ на Меѓународниот ден на детето ги промовираа авторите и илустраторите на „Новите бајки од Македонија“
На одбележувањето на Меѓународниот ден на детето – 1 јуни, беше промовирана едицијата „Нови бајки од Македонија“, со што се збогати македонската литература за деца. На настанот беа промовирани и авторите на бајките, како и илустраторите кои работеа на визуализација и „оживување“ на ликовите. Четирите бајки од едицијата „Нови бајки од Македонија“ – „Бакнежот на пролетта“, „Перуника“, „Сончевото момче Ил“ и „Осаменото дрво“ се во издание на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“.
Бајката „Перуника“ ја напиша авторот Сибо, а илустрацијата ја изработи Јована Велинова-Трајанова, Елизабета Баковска е автор на бајката „Бакнежот на пролетта“, а илустрацијата е на Катерина Соколова. Бајката за „Сончевото момче Ил“ е дело на авторката Катерина Данаилова, а илустрацијата е на Орце Нинески, додека „Осаменото дрво“ е од авторката Нина Максимова, а илустрацијата ја изработи Иван Коминовски.
За дел од авторите на бајките и нивните илустрации ова е прва можност да ја искажат својата креативност, создавајќи нова автентична литература за деца со современ израз што и визуелно, преку оригинална илустрација, ги раскажува авантурите на главните ликови.
Да се создаде бајка по класичниот урнек, но со современи елементи, со што ќе им се доближи на современите читатели, беше предизвик за авторите кои сакаат да истражуваат во својот процес на создавање. И авторите чии дела се по првпат објавени и оние што веќе издале свои творби укажуваат на важноста од постоење на вакви можности, преку кои авторите ќе можат да работат и да го развиваат својот креативен потенцијал.
Авторите на четирите бајки од едицијата „Нови бајки од Македонија“ беа избрани на јавен конкурс во силна конкуренција од 316 автори со 442 дела. И на конкурсот за илустратори исто така имаше голем интерес, пристигнаа 96 апликации од 61 автор.
На промоцијата на Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, поздравувајќи ги авторите и илустраторите, ја истакна важноста на овој проект и подвлече дека и понатаму ќе се работи на отворање нови можности за создавање дела што ќе останат како културно наследство за идните поколенија, но и развој и поттик на креативниот потенцијал.
Бранка Бугариска, директор на издаваштво во издавачката куќа „Арс Ламина“, изрази задоволство што вредностите на овој проект се веќе препознаени и љубителите на овој вид литература уживаат во волшебните светови на оваа едиција.
Ова не е прв заеднички проект на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и „Арс Ламина“. Во изминатиот период, преку заедничката соработка, беа реализирани проектите „Бајки од Македонија за цела година“, која содржи 52 бајки и „Басни од Македонија“, кои постигнаа голем успех. Дел од нив се преведени на седум јазици, на Брајовото писмо, наградувани во светот и дома и се меѓу најпродаваните книги за деца кај нас.
ПР објава